Ирак во ќорсокак
4 мај 2016Во зградата на парламентот во Багдад во тек е големо чистење. Демонстрантите во минатиот викенд ја зазедоа оваа зграда го уништија мебелот и ги искршија прозорците. Сепак многу тешко во Ирак ќе биде расчистувањето на парчињата скршено стакло на политичката сцена. Премиерот Хајдер ал Абади по третпат не успеа за време на доделувањето на позициите во владата да го надмине системот кој се заснова на религиозната и етничката припадност на министрите. Тоа доведе до огорченост кај народот. Демонстрантите упаднаа во т.н „зелена зона“, владин кварт во центарот на Багдад, која е херметички довоена од остатокот од градот. нападнати беа возила со кои пратениците бегаа од таа зона, а силите за безбедност не реагираа.
За Ања Велер-Шек, шефица на регионалното биро на фондацијата Фридрих-Еберт (ФЕС) во Јордан, целосно е несфатливо како демонстрантите ги совладале пречките кои инаку се направени за да се заштитат владините службеници од терористички напади.
Во „зелената зона' се наоѓаат не само парламентот и зградите на министерствата туку и бројни амбасади и претставништвото на ОН. Многу демонстранти овој јуриш на зградатa на парламентот го доживеаја како општонародна веселба. Тие, носејќи знамиња, играа во салите кои инаку им се недостапни. Со смартфоните правеа селфи и беа огорчени дека канцелариите на пратениците беа пријатно климатизирани, додека населението во остатокот на земјата струја има само неколку часови дневно.
Бесот меѓу народот избувна поради политичкиот и економски застој кој владее во Ирак веќе со месеци. Терористичката милиција Исламска држава и натаму контролира големи делови од државата и повторно во минатиот викенд нејзините припадници извршија самоубиствени напади. Истовремено општата снабденост на населението е сѐ полоша, а политичката елита се грижи само за сопствените привилегии- така барем гласи ставот на мнозинството граѓани.
Компетенции наместо конфесии
Повикот за протестите го упати влијателниот шиитски свештеник Муктада ал-Садр Неговите приврзеници демонстрираат со месеци барајќи реформи. Наместо пропорционалниот систем кој во државата која ја сочинуваат сунити, шиити и Курди, овозможува процентуална распределба на функциите врз основа на етничката, националната и верска припадност, тие бараат именување на влада која ќе се избира според стручноста на министрите. Барањето гласи:компетенции наместо конфесии. Меѓутоа, бројни политичари и партии не се заинтересирани за такво нешто.
Две третини од Ирачаните се шиити. Шиитските алијанси доминираат во парламентот. Сепак, досегашните политички сојузи станаа кревки. Премиерот Ал Абади и самиот шиит, не може да го наметне својот став дури ни во сопствените редови. Притоа пред две години ја презеде власта токму со намера да створи опкружување во кое ќе се надмине длабоката недоверба меѓу сунитите, шиитите и Курдите.
Политичката класа потфрли
Според проценката на Длавер Ала Алдеен , политички експерт од претежно курдскиот град Ербил, во Ирак потфрли целата политичка класа. И движењето на Муктада ал Садр официјално се залага за промени, но следи сопствени политички интереси.
Демонстрантите ја напуштија „зелената зона“, но целосно е неизвесно што ќе се случува натаму. Воирачкиот парламент нема мнозинство кое би поддржало промени одвнатре или подлабоки реформи на системот. Меѓутоа пратениците сега немаат ниту сигурно место каде ќе се состанат. Затоа во оптек е можноста за нови избори или во спротивно Ирак мора да се подготви за хаос и насилство, смета Длавер Ала Алдеен.