Краматорск: Напад на станицата од каде се бегаше на запад
8 април 2022Во ракетниот напад на железничката станица од каде луѓето бегаа во насока на запад, се убиени најмалку 30 луѓе, а украинската тајна служба СБУ зборува за најмалку 39 жртви. Освен тоа, се вели дека има и десетици повредени лица. Според регионалниот гувернер Павло Кириленко, илјадници луѓе во Краматорск, во регионот Доњецк, чекале на нивна евакуација. Луѓето, натоварени со куфери и торби, сакале да го напуштат градот поради страв од напади. Шефот на железницата изјави дека на станицата паднале две ракети.
Меѓусебни обвинувања
Украина тврди дека нападот го извршиле руските трупи. Гувернерот Кириленко ја обвини Русија дека намерно гаѓала цивили. „Сакаат да земат како заложници што е можно повеќе мирни луѓе, сакаат да уништат сѐ украинско“, напиша тој на Телеграм.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на железничката станица немало владини трупи. „Руските трупи пукале врз една обична железничка станица, врз нормални луѓе, таму немало војници.“
Наспроти тоа, проруските сепаратисти во самопрогласената Народна Република Доњецк зборуваат за украински напад, а портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјави дека руската армија немала наредба за акција во Краматорск. Министерството за одбрана во Москва тврди дека типот на ракетите кои паднале на железничката станица е тип кој го користела украинската армија.
- повеќе: Животот полека се враќа во Киев
Украинското раководство претходно ги повика луѓето во источна Украина да се засолнат на безбедно и да го напуштат регионот ако е можно во насока на запад. Русија најави дека ќе ги концентрира своите напади во овој регион.
Високиот претстваник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика,Жозеп Борел, остро го осуди нападот. Станува збор за „уште еден обид да се прекинат патиштата за бегство на оние кои бегаат од оваа неправедна војна и да се предизвика човечко страдање“, напиша Борел на Твитер.