1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон и Балканот: Јупитер е навикнат на самотија

БГ
23 октомври 2019

Ризично вето на Макрон кој ја доведува во прашање стабилноста на целиот регион, коментираат денеска весниците на германски јазик. Макрон цели кон идентитетот на ЕУ, анализира НЦЦ

https://p.dw.com/p/3Rjni
Frankreich Paris | Emmanuel Macron
Фотографија: picture-alliance/dpa/MAXPPP/T. Padilla

„Јупитер е навикнат на самотија. Не му пречеше на претседателот Емануел Макрон, како единствен од шефовите на држави и влади на ЕУ, да стави вето на преговорите за пристапување со Северна Македонија и со Албанија (поддржан од Холандија и Данска) минатата недела. Реакциите се жестоки“, пишува швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг.

„Макрон не го оправдува своето „не“ само со тоа дека земјите не се подготвени за преговори. Тој изразува фундаментален сомнеж во методологијата на пристапниот процес. Притоа, тој има поента. Србија и Црна Гора преговараат од 2012, односно 2014 година. Иако бележат напредок во економската политика, сепак владеењето на правото и раздвојувањето на власта ослабнаа под нивните автократски претседатели. Преговорите сеедно продолжуваат. ’Бескрајна сапунска опера’, се потсмева француската министерка за Европа.“

„Макрон досега немаше многу успех во европската политика. Сега тој се обидува со блокада, и не случајно го одбра токму проширувањето. Макрон цели кон идентитетот на ЕУ затоа што токму проширувањето дефинира кој и припаѓа, а кој треба да остане надвор.“

Ризично вето
„Клучното прашање сега е дали принудната пауза навистина ќе биде проследена со нов почеток, нова методологија со која земјите-кандидатки ќе бидат интегрирани во иднина. Веќе постојат значајни размислувања од експерти: Напредокот и назадувањето треба да бидат наградени, односно соодветно казнувани за да го направат процесот подинамичен. Постојат дискусии и за постепеното пристапување, кое би започнало со економска интеграција, и дури подоцна би кулминирало во политичкото членство“, наведува НЦЦ.

„Но ветото на Макрон е сепак ризично. Особено ако процесот на интеграција остане блокиран. ЕУ е политички привлечна за мултиетничките држави на Балканот, бидејќи нејзините внатрешни граници се истовремено цврсти и пропустливи. Доколку исчезнат изгледите за пристапување, на дневен ред повторно доаѓа етничко-националната „интеграција“ во Југоисточна Европа. На пример, во форма на унија на Албанија и Косово: со Албин Курти како шеф на владата на Косово, Тирана веќе има партнер кој го постави обединувањето како долгорочна цел.“

„Слично и во БиХ, каде претседателот на Република Српска, Милорад Додик со години зборува за спојување со Србија. Тоа што српскиот претседател Александар Вучиќ досега не се согласуваше се должи на пристапните преговори со ЕУ и не сака да го вознемирува Брисел. Но, тоа би можело да се промени доколку заклучи дека преговорите не водат никаде,“ заклучува НЦЦ.

Понижување од Брисел

И германскиот магазин Шпигел денеска во своето онлајн издание посвети анализа на случувањата по самитот на ЕУ под наслов „Понижување од Брисел“.

„Интеграција преку реформи- ова беше ветувањето од самитот во Солун во 2003 со кое ЕУ им вети европската перспектива на земјите од Западниот Балкан. Неофицијално, ова ветување одамна е доведено во прашање поради заморот од проширување во Унијата“, пишува Шпигел.

„Но сега, ЕУ за првпат отворено си го прекрши ветувањето: поради ветото од Франција, Албанија и Македонија не успеаја да ги започнат предвидените преговори со ЕУ. Одлуката на самитот на ЕУ во целиот западнобалкански регион предизвика неверување и горчина. Политичките последици од одбивањето можат да бидат многу тешки, бројни водечки политичари од членките на ЕУ веќе зборуваат за ’историска грешка’“, пишува Шпигел.

Регионални последици

Магазинот натаму наведува четири можни последици од неисполнетото ветување на ЕУ:
„Новиот почеток на дијалогот меѓу Србија и Косово под покровителство на ЕУ веќе не е на масата, иако би можеле да започнат под медијаторство на двајцата американски посредници Палмер и Гренел, но поверојатно е дека двете земји само ќе ја заострат меѓусебната дипломатска војна“.
Втората последица на која предупредува Шпигел е „сценариото Голема Албанија“: „Долгорочно обединување на Албанија и Косово кое може да се етаблира како долгорочна политичка перспектива“.

„Во БиХ, политичките претставници на Хрватите и особено Србите околу Милорад Додик уште посилно ќе ја доведуваат во прашање заедничката држава и ќе работат на сепаратистички сценарија.
Одлуката е тежок удар и за граѓанските општества, но и сигнал кон властодршците како црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ за уште позасилено да ги негуваат корупцијата и сивата економија“, заклучува Шпигел.