На повидок ли е самит Бајден-Путин за Украина?
21 февруари 2022Дали навистина ќе се сретнат претседателите на Русија и на САД - Владимир Путин и Џо Бајден? Според информациите од Елисејската палата во Париз, двајцата претседатели начелно се согласиле за самит за украинската криза предложен од страна на францускиот претседател Емануел Макрон.
Сепак, првото ограничување доаѓа од Париз: Состанокот „може да се одржи само ако Русија не ја нападне Украина“, се вели од Елисејската палата откако Макрон телефонски разговараше со двајцата шефови на држави.
Самитот би требало да го подготват министрите за надворешни работи на САД и на Русија, Антони Блинкен и Сергеј Лавров, кои планираат да се сретнат во четврток.
Надеж за уште една недела дипломатија
Вчерапниот ден на Макрон мина целосно под знакот на телефонска дипломатија. Тој разговараше со Путин двапати - вкупно речиси три часа. Двајцата претседатели преговарале околу чекорите за прекин на огнот во источна Украина и за патиштата за дипломатско решение на конфликтот околу Украина.
Макрон телефонираше и со канцеларот Олаф Шолц и нсо британскиот премиер Борис Џонсон. „Премиерот Џонсон и претседателот Макрон се согласуваат дека неделата што следи ќе биде клучна за дипломатијата“, соопштија од Даунинг стрит.
Во нивната заедничка изјава Џонсон и Макрон наведуваат дека Путин мора да ги повлече своите војници од украинската граница и да ги прекине своите закани.
Според западни извори, Русија има распоредено околу 150.000 војници на границата со Украина, но Москва негира дека планира напад врз соседната земја.