Минхен: Под притисок на украинската криза
19 февруари 2022Украинската криза од час во час драматично се заострува. Американскиот претседател Џо Бајден очекува руски напад врз Украина во следните неколку дена. Нови апели до шефот на Кремљ Владимир Путин за деескалација на ситуацијата, доаѓаат од Минхенската безбедносна конференција - меѓу другото од германскиот канцелар Олаф Шолц. Со оглед на сѐ позагрижувачките вести од источна Украина, Шолц ја предупреди Русија од напад врз Украина и ја повика на преговори.
Германскиот канцелар во својот говор на Минхенската безбедносна конференција нагласи дека „уште еднаш постои воена закана во Европа“. Тој, исто така, истакна и оти Западот е подготвен веднаш да одговори на руска воена акција, но дека акцентот и натаму е на пронаоѓање дипломатско решение.
„Не постои ништо што може да го оправда распоредувањето на над 100.000 војници околу Украина“, рече Шолц и предупреди оти би била „сериозна грешка“ ако Русија ја нападне Украина.
Тој рече дека постојат јасни знаци оти Русија и натаму е отворена за преговори. „Ќе направиме јасна разлика меѓу неодржливите барања и легитимните безбедносни интереси“, додаде Шолц.
Повеќе: Путиновите воени закани кон Украина
Потпретседателката на САД, Камала Харис, денеска изјави дека НАТО ќе ги засили своите сили на истокот на Европа во случај на руски напад на Украина, со воведување „остри и брзи“ економски санкции за Москва.
„Нема да запреме на економски мерки. Ќе ги засилиме дополнително нашите НАТО сојузници на источното крило“, рече таа во говорот на Минхенската безбедносна конференција.
Русија настојува да продре во конструкцијата на европската безбедност и флагрантно се обидува повторно да напише правила на меѓународниот поредок, рече денеска во Минхен претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Не можеме да дозволиме тоа да се случи, соочени сме со флагрантни обиди за повторно пишување правила на меѓународниот поредок“, рече фон дер Лајен.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој учествуваше на истиот форум на конференцијата со фон дер Лајен, денеска го повтори цврстото ангажирање на членките на Алијансата взаемно да се штитат и ја предупреди Русија дека ќе добие „повеќе НАТО на своите граници ако настојува да добие 'помалку' НАТО“.
„Москва се обидува да ја врати историјата назад и повторно создаде своја сфера на влијание. Ние сите сме НАТО сојузници, ние сме едно и секогаш ќе правиме сѐ што е неопходно да се штитиме и взаемно да се браниме“, додаде тој.
Русија, инаку годинава, нема свој претставник на традиционалната Безбедносна конференција во германскиот град.