Нови преговори за Сирија- без преголеми очекувања
23 февруари 2017На почетокот на новите мировни преговори за Сирија во Женева, посредникот на ОН Стафан де Мистура се сретна со преводникот на делегацијата на сириската влада. Амбасадорот на Сирија во ОН, Башар ал-Џафари претпладнево меѓутоа дојде во зградата на Обединетите Нации во швајцарскиот град само со мала придружба, а не со целата негова делегација. Ова се први преговори во Женева по пропаѓањето на последните мировни разговори пред 10 месеци. На нив ќе биде направен уште еден обид за пронаоѓање на политичко решение за речиси шестгодишната граѓанска војна во Сирија.
Подоцна во текот на денов Де Мистура се среќава и со претставниците на сириската опозиција. Дипломатот сака со двете страни да разговара за преодна влада, нов Устав и слободни избори. Тој најнапред исто како и во 2016 година ќе се сретне одвоено со претставниците на двете страни.
Опозицијата меѓутоа инсистира на брзи директни преговори. Де Мистура спроти почетокот на преговорите изјави дека Русија од сириските власти побарала прекин на воздушните напади додека траат мировните разговори во Женева. Тој предупреди предупреди од преголеми очекувања.
Посредникот на ОН имено истакна дека не очекува „битен пробив“ во преговорите кои се одржуваат во европското седиште на Светската организација (насловна фотографија). Сите досегашни преговори за Сирија пропаднаа поради тврдите позиции на двете страни. И натаму главна точка на спорот е прашањето за останувањето на власт на сирискиот претседател Башар ал-Асад.