1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиството на Џамал Кашоги - срамота за Саудиска Арабија

Рајнер Золих
2 октомври 2019

Пред една година во генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул на свиреп начин беше убиен дисидентот Џамал Кашоги. Саудиска Арабија се обидува да ги избрише сите траги кои водат кон принцот Мохамед бин Салман.

https://p.dw.com/p/3QZKD
Jamal Khashoggi
Фотографија: imago/IP3press/A. Morissard

Замислете да сте пред венчавка и вашиот иден брачен партнер потекнува од друга држава. Затоа мора да отиде во конзулат за да ги добие неопходните документи. Оди таму - за никогаш веќе да не се врати. Нешто подоцна дознавате дека е мртов. Убиен. Дека е жртва на незамисливо ужасно злосторство. Неговото тело е распарчено со секира, деловите во пластични вреќи се изнесени од конзулатот и веројатно надвор од земјата.

Дело на нелуѓе

Вакво ужасно сценарио доживеа Хатиџе Ченгиз, свршеничка на саудискиот дисидент и новинар Џамал Кашоги. Тој на 2. октомври 2018. година беше убиен во саудискиот генерален конзулат во Истанбул на начин кој може да се опише единствено како дело на нелуѓе. Еден човек, без никакви скрупули и со застрашувачка прецизност, е ликвидиран поради тоа што за влијателни весници во САД пишуваше критички инсајдерски колумни за Саудиска Арабија. Владарите на оваа земја сметаа дека тоа им го нарушува имиџот. Тоа многу им пречело, па Кашоги е ладнокрвно замолчен.  

Ќе биде ли некогаш некој казнет за убиството?

Непосредните извршители се познати. Сите без исклучок се претставници на саудиската држава и на нејзините тајни служби. Благодарејќи на акрибичната истрага на ОН, меѓународните медиуми и ЦИА, го дознавме името на човекот кој го парчосувал телото на Кашоги. Ги знаеме имињата и на другите кои непосредно учествувале во нарачаното убиство. Само една работа остана нејасна: кој е налогодавачот?

Sollich Rainer Kommentarbild App
Рајнер Золих

И ЦИА, и ОН и стручњаците јасно укажуваат на Мохамед бин Салман,  моќниот саудиски принц, кој неодамна, по којзнае кој пат, повтори дека не го нарачал убиството. Тој тврди дека не знаел воопшто за убиствената акција на сопствената тајна служба. Иако претпоставката на невиност, додека не се докаже спротивно, важи и за саудиските принцови, досегашните изјави на Бин Салман беа во најголема мерка сомнителни. Ниту тој покажа спремност за отворање независна истрага ниту Саудијците генерално играат со отворени карти. Така тие веќе  со месеци водат зад затворени врати чуден процес против повеќемина наводни извршители на убиството, процес на кој не смеат да присуствуваат меѓународни набљудувачи и во кој не се знае всушност ни кој е обвинет.

Принцот со две лица

Мохамед бин Салман, по убиството на Кашоги, стана некој вид меѓународен париј, нема таков шеф на држава кој сака да се покаже заедно со него во јавноста,  дури и Доналд Трамп,  без оглед на заедничките интереси кога станува збор за Иран, се држи повлечено. Многумина во Саудиска Арабија, посебно младите, на Мохамед бин Салман гледаат со сосема поинакви очи. За нив тој е идол и носител на надежи, зашто покрена реформи поздравени и на Запад:  жени смеат  да возат автомобили  и без дозвола на своите мажи да патуваат во странство; влијанието на „верската полиција“ е сузбиено, саудиската младина открива досега ненасетувани слободи и на гигантски музички фестивали им се презентира врвот на светската музичка поп-сцена. Тој е истиот тој принц одговорен за мачења, репресија и - барем во политичка смисла, можеби и за едно убиство, работи за кои тие не се свесни или ги сметаат за странска пропаганда. 

Пречекорена граница

Но, ни отворањето на општеството ниту слободата не вредат ништо сѐ додека затворениците се подложуваат на тортури, додека во Јемен жени и деца мора да умираат од саудиската стрелба и додека политичките противници ни во својата земја ни во странство не се сигурни од прогони.

Убиството на Кашоги е срамота за Саудиска Арабија  и повеќе наштетува на нејзиниот углед отколку што тоа можеше да го направи која било колумна на Џамал ал Кашоги. Тука е пречекорена границата која не смееше да биде пречекорена. Затоа ова злодело не смее да остане неказнето и улогата на принцот во него мора да се расветли. На тоа има право не само свршеничката на Кашоги, туку и целиот свет. Инаку ќе биде создаден опасен преседан. Во арапските земји и на други места има доволно онакви кои радо би се послужиле со исти средства.