Со „Шарена коалиција“ против „Шарената диктатура“
3 октомври 2016Под мотото „Човекот пред се“, опозицискиот СДСМ вчера го одржа 20-иот тематски конгрес, на кој ги претстави приоритетите на оваа партија во идната влада. Отворениот дел на конгресот го следеа и гости од европски сестрински партии, кои се обратија со поддршка за опозицијата. Околу 540 делегати на СДСМ на затворениот дел од конгресот гласаа за Планот 180, односно за она што новата влада ќе спроведе во првите 180 дена, како и за Планот 24, за итни реформи во период од 24 месеци. На конгресот беше донесен и заклучок за фронтовскиот формат во кој партијата ќе настапи на изборите на 11-ти декември.
„Се прават напори партиите со десна провиненција да одат со посебен опозициски блок, а ние вечерва донесовме заклучок, со кој, СДСМ и сите партии од левицата и центарот ќе влезат во широк фронт во сојуз со индивидуалци, со интелектуалци, со поединци, со граѓани на оваа наша Македонија“, соопши лидерот на партијата, Зоран Заев, најавувајќи победа: „Го клекнавме на колена режимот, и ќе му покажаме на светот дека е можно да падне автократски режим со глас, со граѓани, со демократија, со верба, со љубов кон својата земја!“
Функционери на ВМРО-ДПМНЕ вчера беа недостапни да ја коментираат стратегијата на опонентот. Но партијата дистрибураше соопштение, во кое се оценува дека на „Бихаќка се обидуваат вештачки да создадат оптимизам“.
„И вчера, и 11 години наназад, еуфоријата на СДСМ никогаш немала покритие, бидејќи граѓаните одбираат да ги поддржат делата и реализацијата на ВМРО-ДПМНЕ, наместо бесот, фрустрацијата и деструкцијата на СДСМ. Токму поради оваа особина на СДСМ, народот не им простува и нема да им прости ниту на 11-ти декември. За граѓаните ќе е лесно да одлучат помеѓу проекти и деструкција. Казната за СДСМ доаѓа и од тоа бегање нема“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
Два фронта или лов на зајаци?
Социјалдемократите деновиве ќе преговораат за конкретна соработка со други партии од левицата и од центарот, а десницата која останува надвор од овој фронт исто така ќе се обединува во втор опозициски блок.
„Подобро е режимот да се напаѓа од два фронта“, вели Јове Кекеновски од Движењето Фродем, кое заедно со Демократскиот сојуз, Демос и МОРО-Работничка партија, настапуваат здружено во „Коалицијата за промени и правда“. Според Кекеновски, има неколку причини поради кои партиите од десницата треба да се обединат во посебен фронт.
„Искуството од други изборни циклуси не поучува дека избирачите не даваат глас за десна партија која е во коалиција со СДСМ. Второ, според наша проценка, од 80.000 до 120.000 изнесува бројката на старото, автентично гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ, кое е апсолутно незадоволно од тоа партиско раководство. Ние им нудиме алтернатива, а очекуваме во десниот фронт да се приклучат и ВМРО- НП на Љубчо Георгиевски, 'Обединети за Македонија' на Љубе Бошкоски и 'Достоинство' на Стојанче Ангелов. Tрето, има околу 40 отсто неопределени, што е голем процент и сметаме на успех во нивно привлекување“, вели Кекеновски.
Најавува коректни односи на опозициската десница со сите што се борат против актуелната власт.
„Но, тоа не значи дека нема да бидеме критични ако воочиме дека некој калкулира со подземни договори или дека не е на ниво на задачата. Го бараме нашето место под сонцето, чесно, искрено, со јасна понуда и со приоритет - да ја поразиме оваа власт“, потенцира Кекеновски.
Меѓу политичките аналитичари се поделени мислењата дали е подобро опозицијата да настапи во еден фронт или сегментирана поради идеолошка некомпатибилност. Некои сметаат дека нападот од два или три фронта е добра стратегија, други - дека е клучно здружувањето во единствен фронт.
„Отсуството на масовен општествен револт на народот против поведението на највисоки функционери на државата, обелоденето во прислушуваните материјали, е илустрација на нашиот вредносен систем“, вели професорот Денко Малески.
„Две години по исфрлањето на опозицијата од парламентот и година и половина по објавувањето на 'бомбите', кои, според стандардите на секоја здрава демократија навистина требаше да предизвикаат оставки во рок од три дена, македонското општество не успеа да се обедини околу вистината и правдата. За општество кое е корумпирано од горе до долу, ова не се вредности во кои се верува и според кои луѓето се однесуваат. Сега, пред најавените избори, истото ни се повторува и со претставниците на народот, со водствата на партиитe, за кои, веќе ни е јасно, овие вредности не се доволен мотив за единство. Можеби малата политичка платформа која не може да ги собере сите оние кои сакаат да се искачат на неа и да станат дел од високата власт, како и отсуството на елементарна доверба помеѓу политичарите, се вистинскиот мотив за нивното поведение и причина за неединството. Тоа неединство, се разбира, може скапо да ја чини вистината и правдата, и воопшто демократијата и слободата во Македонија, но таква е нашата реалност, имено, дека за овие вредности не вреди да поднесат политички жртви“, оценува Малески.
Како илустрација за односите меѓу партиите во опозицијата и нивниот став кон владејачката партија во Македонија, тој посочува една приказна од теоријата за меѓународните односи: „Ако сите ловци внимателно го стегнат обрачот околу еленот, целото село ќе има што да јаде. Но, ако некој потрча по зајакот за да си ги задоволи само своите потреби, еленот ќе избега. Во Македонија, се чини, почнат е ловот на зајаци“.
Неизвесен третиот фронт
Зaсега е неизвесно и дали ќе се обединат и опозициските партии од албанскиот блок. „Според мене, речиси е невозможно да се случи обединување на албанските опозициски партии во една предизборна коалиција“, вели Фатон Алити, претседател на ПДП.
„Освен што се уште никој не ја спомнува ДПА како можен партнер, од причина што се доживува како дел од власта, и опозициските вонпарламентарни албански партии, освен јавни повици за соработка и неколку средби колку да се каже дека се потрудивме, ништо поконкретно немаат преземено во таа насока. Најверојатно од причина што сметаат дека се самодоволни за некаков изборен подвиг, и следствено на тоа, заеднички настап според нив не е неопходен. Ова особено важи за Движењето за реформи на ДПА и за „Беса“. Но има и друга пречка, би рекол позначајна од првата, а тоа е немањето конкретна понуда, јасна и образложена визија за тоа како ја гледаат Македонија во иднина“, вели Алити.
Поради сето ова, ПДП нема конечен став околу предизборното коалицирање.
„Но, мое убедување е дека на опозицијата како целина, примарна цел и е праќање на овој режим во историја. Ако е така, а така е, тогаш неопходно е сите ние да бидеме одговорни и да се концентрираме на државата, не на власта. И ако сме одговорни неизбежен е заклучокот дека имаме руинирани институции кои допрва треба да се оспособат за да може непречено да функционира правната држава. Оттука сметам дека на оваа 'Шарена диктатура' најдобар одговор би бил 'Шарена Коалиција' со јасно дефинирани цели и динамика на реализирање“, смета Алити. Притоа потенцира дека не треба да се заборави оти реализирањето на националните стремежи на кој било етнитет во Република Македонија, како што е чувањето и развитокот на идентитетот, културата, јазикот, не можат да бидат само во функција на реализирањето на националните стремежи на некој друг етнитет. „Неопходно е да се изгради општество на граѓани кои ќе се чувствуваат слободни и рамноправни, затоа што само слободен граѓанин е и лојален граѓанин. Се разбира тоа е процес, кој судејќи по ситуацијата во која се наоѓаме, бара подолго време. Но, тоа што може да се направи сега е широк опозициски блок, кој во случај да ги добие изборите, ќе ја возобнови правната држава, ќе го смени изборниот модел со отворени листи и Македонија да биде една изборна единица. Ќе направи конкретни чекори во насока на меѓуетничка доверба, ќе го забрза процесот на децентрализацијата, особено фискалната, и за максимум две години по изборите ќе оди на повторни предвремени парламентарни избори, кои би биле организирани во нормални услови“, сугерира Алити.
Според аналитичарите, без оглед што во овој момент е извесно физиономирањето на два опозициски фронта, ништо не е дефинитивно завршено и се уште има простор за разговори и нови договори. Велат - на потег се партиите, но без суети и партикуларни калкулации, а клучни за договор се следните две недели, со цел процесот на обединување што побрзо да се зацементира, а не да се разлее.