Филипче останува министер за здравство, реши Заев
5 октомври 2021Премиерот Зоран Заев не ги прифати оставките на министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот Илир Хасани за пожарот кој се случи пред еден месец во ковид центарот во Тетово, во кој загинаа 14 лица.
„Внимателно ги прочитав наодите на истражителите од вештачењето кои беа објавени денеска. Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај Филипче и Хасани, кои од морални причини поднесоа оставки од функциите“, изјави премиерот на прес-конференцијата пред Владата.
Ако е човечка одговорност, според Заев, како зошто е донесен продолжен кабел или полнач за мобилен, тоа треба да го нотираат и да го кажат истражните органи. „Не сум стручен да кажам дали требало да има друг вид на приклучок во модуларна болница. Модуларните болници се направени како привремено решение за да не ни се случи италијанско сценарио и сите луѓе да бидат прифатени во болница“, вели премиерот.
Тој одлуката ја соопшти истиот ден кога обвинителството обелодени во јавноста делови од извештајот на крим-техничарите на МВР, коишто вршеа вештачење за причините за огнената стихија.
Со вештачењето се утврдило дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
Се чека вештачењето и на германските експерти коишто се вклучија во истрагата.