САД: Прва тужба против декрет на Трамп
22 јануари 2025Десетици американски сојузни држави ќе одат на суд поради намерата на претседателот Доналд Трамп да го укине правото за стекнување американско државјанство при раѓање на територијата на САД. 22 сојузни држави, вклучително и Калифорнија и Њујорк, кои се под контрола на демократите, во вторникот поднесоа тужба до федералниот суд во Масачусетс против соодветниот декрет што Трамп го потпиша веднаш откако положи заклетва на функцијата во понеделникот .
Декретот е „очигледно неуставен и отворено кажано неамерикански“, изјави јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта. Надлежниот суд мора „веднаш да го блокира стапувањето во сила на овој декрет и да се погрижи правата на децата родени во САД кои се засегнати од него да останат во сила за време на судскиот процес“.
Со декретот, Трамп „далеку ги пречекори своите овластувања и ние ќе го бараме одговорност од него“, рече Бонта. „Претседателите имаат широка моќ, но тие не се кралеви“, рече јавниот обвинител на Њу Џерси, Мет Платкин. Организацијата за граѓански права АЦЛУ и други невладини организации, исто така, поднесоа тужба во Њу Хемпшир против декретот на новиот претседател на САД.
Со својата извршна наредба, Трамп сака да го укине автоматското стекнување на државјанство за децата родени во САД чии мајки не биле легално во земјата или чии татковци не биле американски државјани или постојани жители. Истото треба да важи и за децата чии мајки биле во САД легално, но само привремено, а чии татковци не биле државјани или постојани жители. Мерката треба да стапи во сила на 19 февруари. Не е јасно дали извршната наредба би имала ретроактивни последици за луѓето кои претходно автоматски станале државјани на САД при раѓање.
Трамп ја онајави оваа мерка уште за време на неговата изборна кампања. Нејзините противници укажуваат на 14-тиот амандман на Уставот на САД, во кој се вели дека луѓето родени во земјата се автоматски државјани на САД. Според нив, е дека овој амандман се однесува и на лица чии родители не се законски државјани на САД во моментот на нивното раѓање. Трамп и неговите сојузници го доведуваат во прашање толкувањето на амандманот и бараат построги стандарди за доделување државјанство.