Чарлс Трети и тешкото наследство
12 септември 2022„Ова е моментот од кој се плашев", рече Чарлс Трети во врска со преземањето на престолот во петокот при првата средба како крал со британската премиерка Лиз Трас и додаде дека се труди да работите да се одвиваат.
И тоа и го стори: првото обраќање кон Британците истата вечер го погоди балансот меѓу чувствата и траорот за смртта на саканата мајка и формалното ветување дека на народот ќе му служи подеднакво верно како и кралицата Елизабета Втора во изминатите 70 години. Кога попладнето при пристигнувањето во Бакингемската палата неочекувано пристапи до бариерите за да се поздравува со народот насобран во илјадници, ги освои срцата на присутните.
Благонаклонетост кон Чарлс Трети
„Мислам дека во секој случај ќе биде нова ера на промени и модернизација, се радуваме што го имаме кралот Чарлс", вели Шанин Кларк, која во неделата од Вилтшир допатувала до Вестминстер во центарот на Лондон за да положи цвеќе на оградата кај палатата Сент Џејмс. „Ќе донесе промени, имаше добра припрема и подготвен е”, заклучува таа.
Таквиот впечаток го делат повеќето луѓе. Роуз, млада мајка од западен Лондон, пред себе ја турка количката со близнаци и набљудува како кралската гарда со нивните шапки од крзно од мечка маршира наваму-натаму. „Тој ќе биде добар крал" смета и таа. Вели дека се навикнала и на Камила: „Таа му е добра сопруга, таа ќе му помага."
Тоа во деценијата по смртта на принцезата Дијана, која многумина Британци ја обожуваа, беше сосем различно. Тогаш угледот на Чарлс беше на најниско ниво и Камила беше омразена. Уште кон средината на минатата деценија, едвај четвртина од Британците го сакаа за крал. Многумина сметаа дека и тој сноси вина за смртта на Дијана и беа потребни години за да може тој и неговата нова сопруга да ја надминат таквата негативна слика за нив.
Мајорот Чарлс Мекфарлан стои пред оградата на палатата. Тој припаѓал на церемонијалната гарда на кралицата и пред две недели ја напуштил службата. Жали што за толку кратко време ќе пропушти да учествува во погребната церемонија. „Тажен сум, за сите нас ова е крај на една ера", вели, но смета дека во секој случај „Чарлс ќе биде добар крал". Кралската фамилија со времето многу се променила, но сегашниот наследник на престолот ќе биде „крал за ново и поинакво време”, заклучува мајорот.
Претпазлива модернизација
За Чарлс Трети важна е рамнотежата меѓу модернизацијата и одржување на прастарата мистика на кралството. Тој од почеток се претставува помалку недостижен од неговата мајка Елизабета, покажува малку повеќе емиции и јасно разбирање на неговата улога. Тој не може да го продолжи неговиот ангажман за еколошки организации, за традиционалното земјоделие, за архитектурата и други нешта од интерес како досега - тоа го забрануваат правилата на конституционалната монархија во Велика Британија. Тој мора да се воздржува и од искажување политички ставови од било каков вид, исто како и кралицата Елизабета Втора која многу ретко само наговестуваше што мисли во многу завиена форма.
Како ќе сака да ги води благородниците во 21 век Чарлс покажа уште со тоа што даде увид во празничната вековна церемонија на преземање на престолот која се случи во саботата во палатата Сент Џејмс, со тоа што за прв пат во британската јавност овој чин беше пренесуван во живо на телевизија. Со тоа новиот крал го тргна превезот преку традицијата и помпата на кралското семејство.
Известувачот Чарли Проктор на Твитер го поздрави потегот и рече: ККралот лично замоли да се дозволат камери. Чарлс Трети владеењето го започна како што сака и да го води. Нова транспарентна монархија за модерно доба."
И како тоа да не е доволно, за прв пат шкотската премиерка Никола Старџеон потпиша документ за преземањето на престолот - знак дека Чарлс Трети ќе направи сѐ во негова моќ да спречи независност на Шкотска и Обединетото кралство навистина да го држи обединето.
Чарлс секако нема да го добие величањето што го имаше мајка му од страна на многу Британци, пишува Тим Адамс во весникот „Гардијан” кој е со левичарска тенденција и не многу наклонет кон монархијата. Но, авторот додава: „Во времиња на огорчено спротиставени политички табори и економски немири можеби може на приврзаниците на кралското семејство да им даде одредена емотивна стабилност”. И највисок пофалби за кралот имаше и од инаку остриот на јазик на овој критичар: „Со 73 години е помудар, поопуштен и има помалку потреби отколку во минатото."
Нема лош збор за Чарлс
Од лондонски таксисти до келнери во италијански ресторанчиња во близина на палатата: никој нема што лошо да каже за кралот деновиве. „Имаше долго време за да научи и добро ќе си ја работи работата", се чини е општото чувство на луѓето. Дури и Републиканците, во кои во младоста се вбројувала и Трас, во овие денови преполни со емоции, не може да се препознаат.
Но, коментаторот Метју Парис во „Тајмс” посочува дека расположението брзо може да претрпи промени: „Како што растенијата се вртат кон изворот на светлина, така и на монархиите им е потребна наклонетоста на поданиците". Ако поданиците бидат разочарани, реакциите може да бидат безмилосни, па наклонетоста која Чарлс ја чувствува кратко по смртта на мајка му може брзо да се смени во спротивното.
Покрај големата задача да ги држи здружени Комонвелтот и Кралството, да ја модернизира монархијата и да не ги надминува своите овластувања, Чарлс ќе мора и да се обиде да ги смири скараните синови Вилијам и Хари и да спречи дополнителна штета од брат му Ендрју. „Чарлс не е само глава на државата, туку и глава на фамилијата", пишува весникот „Телеграф”. А, да ја држи фамилијата под конец може да стане најголемиот предизвик за новиот крал, бидејќи тоа не ѝ успеа ниту на кралицата Елизабета.