Црна Гора и пописот: граѓанска држава или „мала Босна“?
21 октомври 2024Според резултатите од пописот што го спроведе црногорската Управа за статистика (МОНСТАТ) во декември минатата година, во Црна Гора мнозинството се Црногорци со удел од 41,12 отсто (256.436 граѓани), Срби со 32,93 отсто (205.370), а Бошњаци со 9,45 отсто (58.956) од населението. Најмногу граѓани зборуваат српски јазик - 43,18 отсто (269.307), а црногорски со 34,52 отсто (215.299) е на второ место.
Ова е прв попис на населението по смената на тридецениското владеење на Демократската партија на социјалистот Мило Ѓукановиќ и прв откако се на власт просрпските партии од поранешниот Демократски фронт.
На резултатите од пописот се чекаше десет месеци, но во делот за јазикот, верата и нацијата нема драстични промени во однос на пописот од 2011 година.
Меѓу двете пребројувања бројот на Црногорците се намалил за 22.429, а бројот на Србите се зголемил за 27.260. Српски јазик зборуваат 0,3 отсто повеќе граѓани од пред 12 години, а во истиот период бројот на граѓани чиј мајчин јазик е црногорскиот е намален за два и пол отсто.
Стабилни идентитети
„Резултатите од пописот укажуваат на стабилност на утврдените идентитети, но и на тоа дека поделбите во црногорското општество се останати исти“, вели за ДВ аналитичарот Сергеј Секуловиќ.
Премиерот и лидер на Движењето „Европа сега“, Милојко Спајиќ, на платформата Х изјави дека „единствениот вистински победник на пописот е европска, граѓанска Црна Гора, која е доволно голема за сите“. Претседателот на Собранието, Андрија Мандиќ, коалиционен партнер на Спајиќ, рече дека „како припадник на српскиот народ“ е задоволен бидејќи бројот на Срби во Црна Гора е зголемен во однос на последниот попис.
Задоволни се и во најсилната опозициска Демократска партија на социјалистите бидејќи, како што наведуваат, и покрај „обидите да се спроведе етнички инженеринг со помош на властите во Србија, граѓанскиот карактер на државата е зачуван“.
Повторно отворање на прашањето за српскиот јазик
И покрај тоа што по обновувањето на независноста во 2006 година, црногорскиот беше прогласен за официјален јазик во Црна Гора - фактот што српскиот јазик го зборуваат мнозинството граѓани, за претставниците на српските партии кои се дел од власта, е причина да се иницираат измени на Уставот за и српскиот да стане официјален јазик.
„Секој трет жител на Црна Гора е Србин, а српскиот јазик е мнозински јазик во Црна Гора. Очекувам да кажете дека мнозинскиот јазик е српскиот и дека треба да стане и официјален јазик“, вели пратеникот на Нова српска демократија, Дејан Ѓуровиќ.
Функционерите на поранешниот Демократски фронт првично најавуваа дека ќе поднесат иницијатива за официјализирање на српскиот јазик, доколку тој е мајчин јазик на повеќе од 50 отсто од граѓаните, што, се чини, и беа нивните очекувања.
Од друга страна, пратеникот на ДПС, Никола Миловиќ, за ДВ вели дека со овој попис се стави крај на полемиката за тоа што би можела да донесе иницијатива за измена на Уставот заради промената на статусот на српскиот јазик.
„Доколку иницијативата дојде на дневен ред, секако дека ќе бидеме против. Ако треба да се поднесе, јас би сакал тоа да се случи сега, до крај да се разобличат некои работи, да се види што прават партиите на власт. Црна Гора е граѓанска држава и со овој попис таа приказна е завршена“, додава Миловиќ.
Иницијативата за измена на Уставот во делот за јазикот е легитимна, но според аналитичарот Секуловиќ основното прашање е за што таа треба да послужи - зајакнување на граѓанската држава или зајакнување на идентитетска политика? „Претставените резултати можат да донесат дополнително разидување, но и интеграција. Остануваат сите дилеми од порано, само што сега се изострува, или поточно забрзува процесот, во кој секој ќе треба јасно и отворено да излезе со својата политика и да каже дали е за ЕУ, или за внатрешни конфликти, дали се за тоа Црна Гора да биде граѓанска држава или мала Босна“, анализира Секуловиќ. Со оглед на тоа дека во тој правец не чувме „ништо ново“, поделбите остануваат и сега, според Секуловиќ, се поставува прашањето што ќе прават политичките елити и како ќе реагира општеството.
Русите дојдоа и останаа
Најголемата новост што ја донесе пописот е дека Русите сега, со над два отсто, се петта најбројна етничка група во Црна Гора, по традиционалните Црногорци, Срби, Бошњаци и Албанци. Станува збор претежно за луѓе кои порано дошле да живеат во Црна Гора, претежно во крајбрежните места, но има и такви кои дошле по почетокот на руската инвазија врз Украина. Иако податоците од минатата година покажуваа и значителен број на украински бегалци во Црна Гора, Украинците според пописот изнесуваат 0,5 отсто од населението.