Дали Маск упати фашистички поздрав?
21 јануари 2025Милијардерот Илон Маск во понеделникот предизвика контроверзии откако упати поздрав на настан на кој се прославуваше инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, којшто некои го нарекоа „нацистички“ или „фашистички“.
Шефот на X, SpaceX и Tesla се појави на сцената во Capital One арената во Вашингтон, каде приврзаниците на новоименуваниот претседател се собраа на митинг.
Откако и се заблагодари на толпата што го врати 78-годишниот републиканец во Белата куќа, Маск со десната рака чукна на левата страна од градите, а потоа ја испружи раката со отворена дланка, повторувајќи го гестот за толпата што седеше зад него.
„Верувајте им на своите очи“
Клер Обин, историчарка која е специјализирана за нацизам во САД, се согласи дека гестот на Маск бил „sieg heil“ или нацистички поздрав.
„Моето професионално мислење е дека сте во право, треба да им верувате на своите очи“, објави Обин на X, усогласувајќи се со оние кои открија дека гестот е отворена референца за нацистите.
Маск подоцна објави на X дека на неговите противници им требаат „подобри валкани трикови“. „Нападот ’сите се Хитлер’ е многу заморен“, рече тој.
Историчарката Рут Бен-Гијат исто така откри дека гестот „е нацистички поздрав -- и исто така многу воинствен“, рече таа на X.
Членовите на Демократската партија, исто така, брзо реагираа вклучувајќи го алармот.
Конгресменот Џими Гомез реагираше веднаш објавувајќи на X: „Па, не требаше да помине многу време“.
Некои го слават потегот
Еден од присутните на митингот изјави за АФП дека мисли дека Маск го прави гестот како шега. „Тој е многу хумористичен и користи многу сарказам. Затоа, кога го направи тоа на сцената, мислам дека не го мислеше сериозно“, рече Брендон Галамбос, 29-годишен технолошки работник.
Извештаите на магазините „Вајрд“ и „Ролинг Стоун“ велат дека екстремно десничарските личности во САД го слават овој потег, како писателот Еван Килгор, кој го нарече поздравот „неверојатен“.
Маск, исто така, даде неколку изјави во последните недели за поддршка на германската екстремно десничарска партија АфД и британската антиимиграциска партија Реформирај го Обединетото Кралство (Reform UK).
Лигата против клевета (АДЛ), организација основана за борба против антисемитизмот која го критикуваше Маск во минатото, овојпат ги бранеше неговите постапки. „Се чини дека Илон Маск направи незгоден гест во момент на ентузијазам, а не нацистички поздрав“, се вели во соопштението на организацијата објавено на X.
Демократската претставничка Александрија Окасио-Кортез ја критикуваше реакцијата на АДЛ, велејќи на Х: „Само за да биде јасно, вие го браните поздравот на Хајл Хитлер што беше изведен и повторен за нагласување и јасност“.
Друг историчар, Арон Астор, исто така ги отфрли обвинувањата за нацистичка имитација на Маск. „Многу пати го критикував Илон Маск дека дозволил неонацистите да ја загадуваат оваа платформа“, напиша тој на X, додавајќи: „Но, овој гест не е нацистички поздрав. Ова е социјално невешт аутистичен поздрав на маж кон толпата каде што тој вели „моето срце е со вас“.
Во 2021 година, Маск објави дека му бил дијагностициран Аспергеров синдром, форма на аутизам.