1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Владата и опозицијата без договор за миграцијата

ЖА /АРД
11 септември 2024

Германската влада сака да излезе во пресрет на Унијата со преземање поостра акција во врска со миграцијата. Но, таа ги отфрла плановите на семафор-коалицијата. И двете страни се обвинуваат меѓусебно за неуспехот.

https://p.dw.com/p/4kUsq
Олаф Шолц и Фридрих Мерц, Германија
Канцеларот Олаф Шолц и лидерот на ЦДУ, Фридрих МерцФотографија: Hannes P. Albert/dpa/picture alliance

Германската влада и партиите на опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ) не најдоа заеднички именител на втората  миграциска средба во сојузното МВР. За време на дискусијата, на која присуствуваа и претставници на државата, сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) предложи модел според кој треба да се забрза таканаречената Даблинска процедура.

Според плановите на Владата,  уште на граница  треба да се провери дали за некој барател на азил е одговорна друга држава од ЕУ. Во таков случај, мигрантите потоа треба да бидат уапсени и  брзо депортирани таму. Сојузните покраини треба да создадат капацитети за притвор во близина на границата за да се избегне луѓето да се кријат.

Според министерката, владата на семафор-коалицијата, составена од СПД, Зелените и ФДП, сега има намера овие планови да ги реализира и без Унијата. „Ако сега сакаме да го воспоставиме ова како добар систем, потребен ни е повеќе персонал за да може сојузната полиција да се справува со ова на долг рок“, призна Фезер. За конкретно спроведување на планираното забрзување неопходна е соработка со погодените сојузни покраини, изјави министерката, таа веќе забележала интерес за ова од некои покраини.

Унијата прогласи неуспех на разговорите

Унијата претходно ги прекина разговорите со сојузната влада во Берлин. И пред најавената прес-конференција на владината коалиција, пред новинарите излегоа претставници на опозицијата. ЦДУ/ЦСУ и сојузната влада „не дојдоа до заеднички заклучок“ за време на дискусиите, истакна парламентарниот раководител на Унијата, Торстен Фреј.

Владините партии „не дадоа никаков предлог што всушност би довело до враќање на мигрантите од границата над вообичаеното ниво“. Наместо тоа, плановите имаат за цел само забрзани процедури во Германија. Министерот за внатрешни работи на покраината Хесен, Роман Посек, изјави дека е потребен „вистински пресврт во миграциската политика“. Партиите од семафор-коалицијата не се подготвени за тоа. „Не мислиме дека овој формат на разговор е продуктивен, како што покажа денешниот разговор."

Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц
Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц остро го критикува канцеларот Шолц Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Мерц: Недостига лидерство на Шолц

Лидерот на парламентарната група на Унијата, Фридрих Мерц, во подоцнежна изјава исто така објави дека разговорите биле неуспешни. Коалицијата очигледно не се гледа себеси во позиција да спроведе сеопфатни враќања на мигрантите од германските граници, рече претседателот на ЦДУ. „Обидот да се најде заеднички пат не успеа“. Нему му недостасува раководството на канцеларот Олаф Шолц (СПД) по ова прашање.

Унијата предлагаше прогласување на вонредна состојба, повикувајќи се на член 72 од Договорот на ЕУ, за да може да отстапи од нормалните европски процедури. Според владината коалиција, за ова нема правна основа.

Шолц го обвинува Мерц за „провинциско сценско глумење“

И од канцеларот стигнаа слични критики за Мерц. Поради прекинот на преговорите за миграцијата, Шолц го обвини шефот на ЦДУ дека е неодговорен и не покажува лидерство, обвини дека однапред веќе било јасно дека ќе ги напушти разговорите.

„Лидерството изгледа поинаку. На оваа земја ѝ се потребни карактер, чесност и цврстина. А не толку ситни лукавства и провинциско сценско глумење“, рече Шолц. Лидерството значи да не се бега. „И лидерството значи да можете да направите компромиси. Но, мора да постои желба да го направите тоа“.

Олаф Шолц, Германија
Канцеларот Олаф Шолц го обвини шефот на ЦДУ дека е неодговорен и не покажува лидерствоФотографија: Thomas Kierok/ZDF/dpa/picture alliance

Сојузната влада сега ќе го спроведе во дело она што го предложи, истакна канцеларот. „Инициравме огромен пресврт во ефикасното справување со нерегуларната миграција во Германија. И тоа беше вистинската работа. Тоа се гледа по намалениот број на луѓе кои нелегално влегуваат во земјата и масовното зголемување на бројот на депортации“.

Политичарите од сојузната влада гледаат неодговорност во Унијата

И други водечки политичари на  германската владина коалиција  ја обвинија Унијата за неодговорност. Министерката за надворешни работи Аналена Баербок (Зелените) критикуваше за време на конференцијата за печатот по состанокот во Берлин дека претставниците на Унијата „станаа на нозе иако сè уште не  разговаравме за многу теми“.

Сојузниот министер за правда Марко Бушман (ФДП) нагласи дека владата е подготвена за понатамошни разговори. Сепак, не може да се очекува таа да стави на маса предлози кои не се законски усогласени.

Шефот на ФДП, Кристијан Линднер, предложи средба на врвот на семафор- коалицијата со Мерц. „Откажувањето на самитот за азил од страна на Унијата не смее да биде последниот збор“, напиша сојузниот министер за финансии на платформата X. Мерц треба да преговара со канцеларот, министерот за економија Роберт Хабек (Зелените) и лично со него. „Заедно ќе го решиме проблемот“, додаде Линднер. На Германија и треба контрола и доследност  кога станува збор за миграцијата.

Пред вториот круг разговори меѓу претставниците на сојузната влада, покраините и Унијата, владината комесарка за интеграција, Реем Алабали-Радован, предупреди на „натпревар" во „популистички слогани“. Ова „предизвикува нејзина голема загриженост, особено кога станува збор за ставање на луѓето под општо сомневање или ставање цели групи луѓе во иста фиока“, рече Алабали-Радован за ВДР.

Повод за разговорите за заострување на  миграциската политика  е нападот со нож во Солинген во август, кој го изврши сириски бегалец.

Алабали-Радован истакна дека постои проблем „со исламистичкиот екстремизам, но се разбира, сега треба да се фокусираме на борбата против исламистичкиот екстремизам“. Се работи за безбедносни прашања и превенција. „Но, не можете секогаш да ставате сè под плаштот на миграцијата“, смета политичарката од СПД, според која, исламистичкиот екстремизам е „посебно прашање".