1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големата кашлица не стивнува - за една недела 46 нови случаи

ДТЗ
19 април 2024

Во Северна Македонија досега се регистрирани 489 случаи на голема кашлица, што е неколкупати повеќе во споредба со податоците од минатите пет години

https://p.dw.com/p/4ez6j
голема кашлица, дете
Големата кашлица не стивнува - за една недела 46 нови случаиФотографија: Matej Kastelic/Zoonar/picture alliance

За една недела има 46 нови случаи на голема кашлица, од кои деветмина се хоспитализирани. Ова го покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје.

Според нив, во периодот од 12 до 18 април пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5% споредено со претходниот седмодневен период. Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје, а пријавени се случаи и во Битола, Куманово и по еден случај во Тетово, Крива Паланка, Прилеп и Струмица. Возраста на заболените се движи од 1 месец до 73 години, а најголем број на случаи се од возрасната група 10-14 години.

Повеќето од заболените не се вакцинирани

Од вкупниот број на регистрирани случаи (489), 294 случаи (односно 60,1%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просек на поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 12,8 години.

Во Северна Македонија досега се регистрирани вкупно 489 случаи на голема кашлица, со инциденца од 26,6/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период (2019-2023 година), кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број од заболените живеат во Скопје - 392 (80,2%). Во рамките на епидемијата во Куманово се пријавени 27 заболени лица (5,5%), а случаи се пријавени и во други 15 градови низ државата.

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18.01.2024 досега, сите вакцинални пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

Од 18 јануари до 18 април дадени се вкупно 41.044 дози на вакцина која содржи компонента против голема кашлица.