1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборни правила: што е забрането на изборниот ден?

ДТЗ
23 април 2024

На претседателските избори можат да гласаат 1.814.317 избирачи. Но, за некој да го оствари своето гласачко право ќе треба да поседувачки важечки документи за идентификација и да ги почитува изборните правила.

https://p.dw.com/p/4f5Ln
избори, гласање
Изборни правила: се гласа тајно, со отисок од прст и валидни документиФотографија: picture-alliance/AP Photo/B.Grdanoski

На седмите избори за претседател на Северна Македонија, што ќе се одржат во среда, 24 април можат да гласаат вкупно 1.814.317 избирачи. Но, за некој да го оствари своето гласачко право ќе треба да поседувачки важечки документи за идентификација и да ги почитува изборните правила. 

Во пресрет на првиот круг од претседателските избори, Државната изборна комисија (ДИК) објави упатство за гласање на македонски, албански, турски, српски, ромски и влашки јазик. 

Гласање со биометриска идентификација 

Гласањето се врши лично на гласачките места во Република Северна Македонија и во дипломатско - конзуларните претставништва (ДКП/КК). Избирачкиот одбор на гласачите им го објаснува начинот на гласање и им овозможува да гласаат. 

Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право. Тој го приложува документот за лична идентификација – важечка лична карта или патна исправа односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.

Потоа е потребно гласачот да остави отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација, а доколку нема десен показалец се зема отпечаток од показалецот од левата рака или во случај на гласачот да му недостигаат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака.

Доколку гласачот нема две раце гласачот се внесува во техничката опрема со пребарување преку неговиот единствен матичен број (ЕМБГ). По потврдувањето на идентитетот, гласачот го става својот потпис во изводот од Избирачкиот список. 

Гласањето е тајно 

Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, задолжително му се става печат на предната страна на местото определено за печат и потоа му се дава на гласачот. Гласачот добива едно гласачко ливче.

Гласачот гласа сам, тајно зад гласачки параван. Гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот/името на листата со хемиско пенкало со мастило во сина боја. Превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија, по што го подигнува документот за лична идентификација.

Гласач кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Изборниот законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на гласачите. Лицето не смее да влијае врз одлуката на гласачот. 

Забрани 

Забрането е семејното и групното гласање, како и гласањето за друго лице, како и фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање. Забрането е и носење оружје на гласачкото место.

Изборниот молк за првиот круг од претседателските избори ќе трае до среда, 24 април до 19 часот, кога ќе се затворат избирачките места. Во тек е гласање на 6.935 болни и изнемоштени, затвореници во казнено-поправните домови и притвореници, лица во старските домови, како и на дијаспората. 

Право на глас на седмите претседателски избори имаат 1.814. 317 избирачи. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3 480 избирачки места во земјата.

избори ДИК
Право на глас на седмите претседателски избори имаат 1.814. 317 избирачи.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Изборни правила 

Претседателот се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати. Неговиот избор е уреден со Уставот и Изборниот законик. Избор на претседател се врши на Република Северна Македонија и во нејзините дипломатско-конзуларни претставништва, како една изборна единица според мнозинскиот изборен систем.

Право да се биде избран има секој македонски државјанин кој на денот на изборите има наполнето 40 години и е жител на државата најмалку десет во последните 15 години. Кандидат за претседател можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.

Изборот на претседател речиси секогаш се спроведува во два изборни круга. Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50 % + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне бараното мнозинство, во рок од 14 дена се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг. Во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40 % од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполни двата услови, целата изборна постапка се повторува.

На изборите за претседател на државата што ќе се одржат на 24 април право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.  

Привилегии, но и одговорност 

Со стапување на функција претседателот добива низа функции и ексклузивни права. Тој го наследува мандатот да ја претставува земјата дома и во странство, тој е врховен командант на вооружените сили, го доделува мандатот за состав на Владата, ги поставува и отповикува амбасадорите и пратениците во странство, ги прима акредитивите на странските дипломатски претставници во земјава, предлага двајца судии на Уставниот суд, двајца членови на Републичкиот судски совет, тројца членови на Советот за безбедност и именува и разрешува други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и законите.

Дополнително, доделува одликувања и признанија, дава помилување во согласност со закон и врши други функции што се утврдени со Уставот на државата. Функцијата претседател е неспојлива со друга јавна, политичка или професионална функција.

Претседателот ужива имунитет во вршењето на својата функција, но доколку го прекрши Уставот и законите за тоа мора да одговара. Постапката за утврдување на ваква одговорност ја покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.