Пендаровски прв, Силјановска втора на гласачкото ливче
25 март 2024Актуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата на претстојните претседателски избори Стево Пендаровски ќе биде прв на листата за претседателските избори што се закажани на 24 април, додека последен на листата со број 7 е градоначалникот на Куманово и претседател на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Државната изборна комисија во присуство на претставници на подносителите на кандидатурите, денеска со жребување го утврди редоследот на кандидатите за претседателските избори.
Втора на листата е Гордана Силјановска Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
Четврти на листата е шефот на дипломатијата Бујар Османи од ДУИ, петта е професорката Билјана Ванковска Цветковска од Левица, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Европскиот фронт е на шестата позиција, по што следи кандидатот на ЗНАМ.
Најголем број кандидати
Ова се седумтемина кандидати, кои од вкупно 15 ги обезбедија потребните потписи од 10 илјади граѓани. На изборите коишто ќе се одржат на 24 април за првпат од 1999 година ќе има најголем број кандидати за претседателски избори.
Претседателските избори ќе се одржат на 24 април оваа година, а вториот круг ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори. На 4 април на полноќ ќе започне изборната кампања за претседателските избори, а ќе заврши на 22 април на полноќ.
Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР годинава со зголемен број набљудувачи ќе ги следи изборните процеси. За време на кампањата и изборниот период во земјата ќе има 320 набљудувачи, од кои 20 долгорочни и 300 краткорочни.