Израел: Наша цел не се пациенти и новороденчиња во Ал-Шифа
16 ноември 2023Израел многу внимателно и пристапува на операцијата во болницата Ал-Шифа во Газа, тврди во интервју за Дојче Веле, портпаролот на израелската армија Ричард Хехт. Медицинскиот персонал во болницата, како и агенциите на ОН ја критикуваа израелската армија поради копнениот и воздушните напади врз болницата. Израел тврди дека под болницата се наоѓа оперативен центар на Хамас, кој ЕУ и САД го сметаат за терористичка организација.
Израелските трупи се судриле „со терористи“ пред болницата, додека други единици се наоѓаат во одредени делови на болницата, вели Хехт.
„Во моментов нема престрелки во болницата“, изјави Хехт за ДВ во средата вечерта. „Знам дека пациентите во моментов се безбедни. Тие се во посебен дел. И затоа влеговме со многу мала и професионална единица“.
Хехт не можеше да потврди дали уапсените лица за време на операцијата во болницата се членови на Хамас.
Уништена опрема
Тој додаде дека израелските сили немаат намера да повредат бебиња во болницата.
„Бебиња не се наша цел. Ова е многу комплексен борбен простор“, вели тој, додавајќи дека се преземени мерки на претпазливост за да се осигура дека деца или други цивили нема да бидат повредени во борбите.
„Дознавме дека Хамас делува во дел од болницата, можеби под неа, и моравме да провериме. Тоа го сторивме на најпретпазлив можен начин. Доведовме медицински лица, хуманитарна опрема, вклучително и инкубатори“, вели Хехт.
Шефот на хируршкото одделение на болницата Ал-Шифа, Марван Абу Сада, ги обвини израелските трупи дека уништиле вредна опрема за време на акцијата. Израелските сили го уништиле „целиот оддел за рентген“, вклучително и „многу скапи апарати за КТ и магнетно скенирање“, вели Абу Сада за Дојче Веле.