1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандидатите за претседател ќе се соочат на мастер дебата

ДТЗ
28 март 2024

Некои од штабовите барале на дебатата да не биде повикан Стевчо Јакимовски, кој се најде на црната листа на САД. Тој вели дека дел од кандидатите се плашат од соочување со него.

https://p.dw.com/p/4eEUN
кампања избори
Kандидатите за претседател на Македонија ќе се соочат на мастер дебатаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Кандидатите за претседател пред изборите ќе ги вкрстат копјата на мастер дебата на неутрален терен, но сè уште е неизвесно дали сите седуммина кандидати ќе се одзват на поканата на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски. 

Од неговиот изборен штаб денеска информираа дека претседателските кандидати во земјата начелно се согласиле со идејата за одржување на мастер дебата на неутрален терен, со неутрални модератори, на која што ќе можат да ги презентираат своите програми и изборни ветувања. Но, сè уште се усогласуваат некои технички детали.

Од таму потенцираа дека нема да има исклучување на кандидати од дебатата, без оглед на барањата од некои кандидати за изземање на своите ривали. Тоа се однесува на барањата од дебатата да се изземат Стевчо Јакимовски, кој неодамна се најде на црната листа на САД, како и на професорката Билјана Ванковска заради нејзиниот наратив.

„Се плашат од соочување со мене“

„Подготвен сум секогаш, секаде и со секого да дебатирам за сето она што е важно за македонските граѓани“, порача претседателскиот кандидат на ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија“ и актуелен градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, по информациите дека некои од ривалите поставувале услови околу учеството на големата дебата. 

„Тоа што некој кандидат и нечиј штаб имале проблем да се соочат со мене на мастер дебатата, само говори за нивниот страв да се соочат со своето незнање и страв од соочување со вистината, која за некого може да биде многу тешка и болна“, вели Јакимовски 

Пендаровски ги покани противкандидатите на две мастер дебати, кои би се одржале на почеток и на крајот од изборната кампања, која почнува на 4 април. 

Договор има за една дебатата, која ќе биде организирана од страна на изборните штабови, а дополнително ќе се оствари средба со медумите, за да се изнајде решение за начинот на кој ќе се реализира оваа идеја. Секоја партија ќе има можност да донесе своја публика, а сите медиуми ќе можат да вршат пренос во живо.