1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Армија која не смее така да се нарекува

ФАЦ
22 октомври 2022

Во Косово, со помош на повеќето земји од НАТО, се формира локална армија. Меѓутоа, Алијансата не сака да зборува за нејзиниот ангажман во формирањето на таа војска, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://p.dw.com/p/4IU1v
косовските безбедносни сили
Припадниците на косовските безбедносни сили на церемонија во Приштина на 5 март 2018 година, одржана по повод 20-годишнината од смртта на еден од водачите на ОВК, Адем ЈашариФотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

„Руската војна против Украина го зголемува стравот дека Кремљ исто така може да предизвика конфликти на Балканот, макар само да ги испровоцира тамошните проретчени сили на НАТО. Алијансата во регионот одамна не е воено толку силно застапена како во деведесеттите години, односно од почетокот на овој век. Во БиХ, единиците под команда на НАТО, со цел спроведување на Дејтонскиот мировен договор, некогаш броеле речиси 60.000 војници. Од 1999 година, 50.000 војници се распоредени во заштитните трупи на КФОР на Косово. Малку остана од тоа. Со години, безбедносната ситуација во регионот се сметаше за толку стабилна, што повеќе не се чинеше неопходно сеопфатно воено присуство на Западот“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. 

Формирање војска на Косово 

Германскиот весник потсетува дека по 24 февруари годинава Еуфор активирал „оперативна резерва“ за БиХ од околу 500 војници од различни земји-членки на ЕУ. Освен војната, причина, како што се наведува, била и реториката на Милорад Додик, кој неодамна на изборите беше реизбран за претседател на Република Српска. „Политичар кој отворено сочувствува со рускиот претседател најави дека ќе се преземат чекори за одвојување од државата, како што е формирање на сопствена армија“. 

ЕУФОР
Воената полиција на Бундесверот како дел од Еуфор во Босна и ХерцеговинаФотографија: Michael Hanschke/ZB/dpa/picture alliance

„Во случај на дополнителна ескалација, Еуфор би можел да активира „стратешка резерва“ со уште 800 вооружени војници. Сепак, тоа не се големи бројки. Западното воено присуство во Босна и Херцеговина и Косово е првенствено психолошко обезбедување на чувството на сигурност на населението, под мотото: не сте заборавени“.

Разликата кога е во прашање Косово особено ја прави американското присуство во базата Бондстил недалеку од границата со Србија. Покрај тоа, со помош на повеќето земји од НАТО - не само Бундесверот, кој во моментов има околу 70 војници на Косово - таму се формира локална армија. Поради силно проамериканскиот став на албанското население во Косово, тие вооружени сили веројатно би биле сигурни партнери на безбедносната политика на НАТО во регионот, се оценува во написот. 

Меѓутоа, НАТО не сака да зборува за својата инволвираност во формирањето на таа армија, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ со оценка дека тоа има врска со мировниот план на поранешниот фински претседател Марти Ахтисари: „Како преговарач го претстави својот план за независност на Косово до Обединетите нации во 2007 година. Ова стана основа за прогласувањето на независноста на Косово во февруари 2008 година, што во голема мера беше поддржано од Западот. Во планот на Ахтисари не се споменува војска, барем не под тоа име. Наместо тоа, планот предвидуваше 'мултиетнички безбедносни единици'. Како што се наведува, тие требало да бидат некаква организација за техничка помош со најмногу 2.500 припадници, која првенствено би била ангажирана во случај на елементарни непогоди. Стануваше збор пред се за тоа поранешни косовско-албански доброволци, припадници на нерегуларните сили, да се интегрираат во структури кои ги контролира Западот“, потсетува весникот. 

КФОР
Припадници на КФОР за време на немирите на Косово на почетокот на октомври минатата годинаФотографија: Laura Hasani/REUTERS

Бундесверот ја има една од главните улоги 

Во формирањето на војската на Косово се вклучени неколку западни армии, а, како што се оценува во текстот, „Бундесверот игра водечка улога“. „Во 2018 година, тој распореди повеќе од 40 теренски возила од типот „Волф“, вклучително и работилници, како „видлив израз на одличните односи меѓу Бундесверот и Косовските безбедносни сили“. За десет години треба да заврши формирањето на единиците. Истовремено, во неофицијалните разговори во Берлин не е спорно дека според планот на Ахтисари, Косово всушност не треба да има војска. „Затоа не зборуваме за тоа“ - се наведува за улогата на НАТО во формирањето на војската на Косово.

„Во Приштина потврдуваат дека има размена со Бундесверот. Кога станува збор за воена обука, Бундесверот обезбедува обука за логистика, обука на воената полиција или обука за деминирање. Посетите на единицата се исто така дел од програмата. Германскиот генерал со една ѕвезда ги советува Косоварите за формирање министерство за одбрана. Во другите армии членки на НАТО, косовски офицери се исто така гости на курсеви и вежби. Во 2021 година, повеќе од 300 припадници на косовските единици учествуваа на големите маневри „Бранител на Европа 21“, под координација на САД. Во формирањето на  косовската војска, заедно со Американците и Германците, се издвојуваат Велика Британија и Турција“, наведува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема