Германија уфрла во поголема брзина на Балканот
9 септември 2022Откако дојде на власт на крајот на минатата година, германската влада постојано става до знаење дека сака да продолжи со интензивирање на активностите за решавање на акутните проблеми на Западен Балкан. За првпат беше назначен ополномоштеник за Западен Балкан (политичарот на Зелените, Мануел Сарацин), меѓу првите патувања во мандатот и на канцеларот Олаф Шолц и на министерката за надворешни работи Аналена Бербок беше турнеја низ овој регион.
На почетокот на мај, Шолц ги покани српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Куртина разговори во Берлин. А Берлинскиот процес, за кој Германија е главната движечка сила, продолжува со самит на 3 ноември во Берлин.
Дијалогот како прашање на безбедност
Последниот потег во процесот на интензивирање на напорите за решавање на проблемите на Западен Балкан, кои во себе содржат опасност од поголем конфликт, е тоа што канцеларот го вклучи својот советник за надворешна и безбедносна политика Јенс Плетнер во процесот на развивање дијалог за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина. Ова е направено во договор со Франција, чиј претседател Емануел Макрон како помош за специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, исто така го става на располагање својот советник за надворешна политика Емануел Боне.
Портпаролот на германската влада Штефен Хебештрајт на почетокот на неделава потврди дека веќе денеска (9.09) Плетнер ќе отпатува за Косово и Србија со својот колега Боне, како придружба во Лајчак.
„Безбедноста во Европа, па така и стабилноста на Западен Балкан, се од големо значење, како за канцеларот Олаф Шолц, така и за претседателот Емануел Макрон. Ова вклучува силен ангажман за целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Во сенка на последните тензии, тие побараа од нивните советници за надворешна политика, односно Јенс Плетнер и Емануел Боне, директно да го поддржат специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак, во неговите напори. Како прв чекор, двајцата советници за надворешна политика, придружувани од Лајчак, ќе го посетат Косово на 9 септември за да се сретнат со премиерот Курти, како и Србија, за да се сретнат со Вучиќ, а сѐ со цел да се испитаат опциите за напредок во дијалогот“, рече Хебештрајт пред новинарите во Берлин.
„Деескалацијата е важна“
Политичките аналитичари ова го гледаат како натамошен чекор во посилниот ангажман на Германија во регионот. „Во овој момент никој не сака ескалација на конфликтот на Балканот“, можеше да се слушне на маргините на дискусијата „Позицијата на Косово во преговорите со Србија“, што оваа недела ја организираше тинк-тенкот „Аспен-Институт Германија“ во Берлин.
- повеќе: Дијалог во Брисел: Неуспехот не е изненадување
„Фактот што Јенс Плетнер, шеф за надворешна и безбедносна политика во кабинетот на сојузниот канцелар, сега ќе патува во Косово и Србија за да го поддржи Лајчак како претставник на Олаф Шолц, уште повеќе покажува колкава тежина Берлин му придава на дијалогот во сенка на војната во Украина, која во меѓувреме е кандидат за ЕУ“, вели за ДВ Јохана Дајмел, независна германска експертка за Балканот.
- повеќе: Косово и Србија: Компромис или нова ескалација?
Таа додава дека по опасните тензии што беа „намерно поттикнати на северот на Косово“ на крајот на јули поради регистарските таблички на автомобилите, дијалогот Косово-Србија повторно е високо на агендата на ЕУ, НАТО и САД. „Со оглед на војната во Украина, деескалацијата е важна“, заклучува аналитичарката, која добро ја познава ситуацијата во Југоисточна Европа.
„Најголем проблем кој мора да се реши“
Според Горан Булдиоски, директор на канцеларијата на Фондацијата Отворено општество во Берлин, Европската унија едноставно веќе не може да си дозволи да чека. „Мислам дека ниту ЕУ ниту Западен Балкан немаат веќе опции, бидејќи недоразбирањата што се присутни во регионот едноставно траат предолго. Во ситуација кога имаме војна и агресија врз Украина, никој не може да си дозволи уште еден отворен конфликт“, вели Булдиоски.
Тоа што Германија и Франција го подигнуваат нивото на дипломатска активност во насока на решавање на конфликтот меѓу Србија и Косово, како што оценува Булдиоски, е порака до регионот дека сакаат да постигнат поинаква позиција, која е подобра за Западен Балкан, но и за Европската Унија. „Тоа е позиција каде што нема отворени конфликти и премногу отворени прашања, а дијалогот меѓу Белград и Приштина е најголемиот проблем што мора да се реши“, вели Булдиоски.
- повеќе: Договор на Косово и Србија: Важно ли е кој кому попуштил?
Тој смета дека неодамнешното меѓусебно признавање на личните карти е прагматично решение кое ќе помогне за подобар проток на луѓе и развој на економијата. „Потоа, може да се разговара и за признавањето на независноста на Косово, која што не е под прашање“, смета Булдиоски.
„Топката е во Белград“
Еден од главните излагачи на дискусијата за Косово во Институтот Аспен, Арбер Фетаху, аналитичар од приштинската тинк-тенк Група за правни и политички студии (ГЛПС), смета дека со ваквото интензивирање на дипломатските активности (или подобро речено - притисокот), претседателот на Србија се најде во ситуација во која мора да се постигнат некои резултати.
„Секако, притисокот е и врз Курти за работите да се придвижат напред. На Приштина не ѝ одговара статус кво, но мислам дека со актуелната украинска криза во позадина и односот на Белград кон Москва, сега топката е на теренот на Белград“, заклучува Фетаху