1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Монструмите се ликвидираат кога се мали

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
5 декември 2023

Безброј пати во изминатите децении на раст на монструмите што ги убија Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, направиле кривични дела кои ја легализираат неправдата. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4ZmhN
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Монструмите најлесно се ликвидираат кога се во ембрионална фаза, кога се мали. Можеш да ги згазиш како бубашваба. Ако ги оставиш да пораснат тие ќе газат се пред себе. Стануваат моќни злосторници добро затскриени во јавниот амбиент кој самите го создаваат како во овој редок случај, ако не и единствен, кој оневозможува јасно да се видат работите и сѐ она што ги чини злосторствата можни. Сето тоа предизвикува шокантни  последици како во овие траорни денови кога избезумени илјадници пати се прашуваме зошто бре убивате дете, зошто убивате луѓе.

Дали е тоа само за пари, или како што вели правото на свој јазик, за нас со несоодветен збор, за користољубие, или пак се работи за нешто многу пострашно. Болните умови ја вршат својата злосторничка работа во болниот амбинет кој станува нормален. Произведуваат дење-ноќе, во три смени вести во своите фабрики за лаги откривајќи предавници на националните и државни интереси. Разоткриваат големи грабежи и криминали. Проповедаат патриотизам божем подготвени да одат во војна за одбрана на татковината. Штанцаат заговори против Македонија, а во паузите ете и убиваат невини луѓе.  

Морбидна злоупотреба на трагедијата

Безброј пати во изминатите децении на раст на монструмите што ги убија Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, направиле кривични дела кои

,со ефтини неприметни оправдувања и корумпирани и моќни заштитници ја легализираат неправдата и остануваат негибнати наместо да завршат во затвор, или во лудници изолирани од нормалниот свет. Тоа не е единствена превентива, но секако барем донекаде ефикасна да не ни се случува ова на што овие денови се вчудоневидуваме и бараме смртна казна.

Книга на жалост во скопското училиште „Песталоци“ по убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска
Книга на жалост во скопското училиште „Песталоци“ по убиството на 14-годишната Вања ЃорчевскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тоа е тоа време кога боли, многу боли, кога звучи оправдано да се бара заб за заб, око за око, смрт за смрт. Можеме да релативизираме дека такви и уште пострашни злосторства се случуваат во светот, ама тоа во вакви мигови се доживува повеќе ако не како оправдување, тогаш, како потврда на нормалноста за неправдата. Во битките за власт станува сосема неважно што полицијата ја заврши својата работа. Штом не ги спасила жртвите од монструмите политиката ќе ги обвини како тие да ги извршиле злосторствата, а не злосторниците што ги откриле, а што ние ги произведуваме. 

Ќе ја заврши и судот својата работа и тоа ќе биде помалку заначајно оти тоа не е лекот. Невините жртви и трагедијата ќе бидат морбидно злоупотребени во политичките пресметки за освојување на власта и ќе се откопуваат од избори на избори како што се случува и за некои други злосторства, иако различни од овие убиства. 

 И најмалите престапи и кривични дела, кога се во првата фаза од развојот на недооформените монструми, кои најчесто остануваат неказнети, се главната причина за злоделата кои подоцна ќе уследат. Има уште многу причини. Една од нив е медиумската агресија која прави пустош во свеста на луѓето. Како ли изнајдоа неверојатна подршка во голем дел од јавноста дека лагата е демократско достигнување, а лажниот патриотизам, штедро стимулиран од политиката и од центрите на моќ, е јунаштво. Им помогна во тоа пресудно општата индиферентност и помирливост на граѓаните да бидат излажани и изманипулирани. Тоа ќе остане и натаму наше секојдневие до следното злосторство кога повторно ќе бидеме шокирани и ќе се прашуваме: како е тоа можно? 

Е па можно е кога не сакаме да и погледнеме на вистината во очи, а ја знаеме. А, тоа е нашиот наметнат и прифатен колективен начин на размислување и на делување.  

Од колективно размислување боледува Македонија  

Вистинската преобразба на општеството мора да се одвива ако се свртиме силно против колективниот начин на мислење од што боледува Македонија почнувајќи од нејзното создавање како држава пред 79 години. Кулминацијата на колективизмот сега ги достигнува највисоките дострели. 

Пребразбата се случува во поединците, во безброј поединци, самостојно, или поттикнати од здравиот разум и од откривање на вистината што подоцна станува самосвест на еден народ. Таквите вистински храбри поединци веднаш се изложени на ужасна компромитација со измислици и навреди, закани и јавни пресуди за предавници и странски платеници. Колективизмот во Македонија и колективниот начин на размислување и делување е најпогодното тесто за месење кое не бара рационални одговори на клучните прашања за својата иднина и за иднина на државата.   

Кои се убијците на Вања Ѓорчевска

Затоа кај нас нема ниту еден протест за слободното и неказнето ширење на лаги и компромитација на јавни личности, за медиумската катастрофа што ја шират концерните за производство на лаги. Уште помалку за производство на разубавено минато како најсилна база за лажниот патриотизам. Напротив, има протести за нивна заштита како демократски достигнувања да може слободно да се труе јавноста. Ни треба историско освестување за прочистување од сеопштата вина што ја носиме со децении, прифаќајќи покорно да бидеме понижувани како аморфна маса лесно подложена на асимилации и жртви на белосветски завери.

Ќе речете што има ова врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Се разбира дека има, иако станува збор за изолиран случај како што покажува досегашната истрага. Главните обвинети и нивните поддржувачи, што се вели до вчера, се дел од тој многу поширок медумски олигопол кој го создава болниот амбиент во државата што по извесно време прераснува во нормалност. Има тука и многу други околности кои допрва ќе се откриваат во истрагата, не само за извршителите на грозоморните убиства. Бркајќи го зајакот во бегство, да не излезе и некоја мечка.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема