Велат последното гајле секогаш е најголемо. Пред најавите дека ни се заканува сибирска зима која влева страв во коските, се чини како први да „замрзнаа“ националните и идентитетски проблеми со кои се заплашува Македонија од исчезнување. Некако многу брзо спласна стравот од асимилација и бугаризација на македонскиот народ, падна и адреналинот од патриотскиот вознес пред налетот на студените ветрови кои дуваат сто на час и при над 30 степени ја замрзнуваат крвта во жилите на граѓаните соочени со прогнозите дека ни се заканува најтешката зима по Втората светска војна.
Не е стравот од ниски температири и од пандемијата, туку од сиромаштија многу поголема од онаа што ја имаме, уплавот е од обезвреднување на сѐ она што е создавано со децении. Цените и инфлацијата растат на дневно ниво и ја прегазуваат брзо секоја интервенција на паничните мерки и вонредни состојби. Се кинат алките на меѓусебните зависности на сѐ што е поврзано со цената на енергенсите, електрична енергија, нафтата, гасот, јагленот...
А, постои ли нешто на светот што може да се произведе, а чија цена не зависи од цената на енергијата? Освен човечкиот ум кој го измислил огнот, изгледа дека такво нешто нема. Но, и тој треба да работи постојано вклучен на една друга енергија која доаѓа од мозокот.
Нашите штурци свиркаат 45 години
Исплашени се не само тие што веќе ги знаат бројките и последиците. Студена пот ги облева владите, деловните луѓе, мали и големи, вработените и пензионерите, земјоделците, занаетчиите, богатите и сиромашните, оти од лошо имало и полошо. Се стиши и опозицијата, префрлајќи ја својата активност од националните прашања кон еден друг колосек - опстанокот и живеачката. Станаа многу потивки и сирените за предвремени избори. Како да преовладува сознанието - чуму ти е власта ако на вратата тропа апокалипсата од „седум гладни години“.
Се знае дека цунамито од агресијата врз Украина и енергетската криза најсилно ја удира Европа, ама најмногу страдаат сиромашните земји кои не можат да го издржат ценовниот шок на енергенсите. На тој список на најзагрозени Македонија е на самиот врв, заедно со земјите од Западен Балкан.
И сега, нормално, како што обично бива, со сета жестина се наметнува прашањето кој е виновен за ова што нѐ снајде, иако и најточниот одговор на ова прашање со ништо не може да помогне. Војната во Украина и светската криза од руската агресија е банален одговор за високоумни дебати и телевизиски јалови расправи.
Приказните за штурците и мравките можат да бидат секогаш поучни ако станува збор за едно лето и една зима. Ама ако нашите штурци, читај владите, си свиркале 45 години без да изградат ниту еден позначаен енергетски капацитет и ако мравките, читај граѓаните, ги хранеле штурците и натаму да си свиркаат и да се богатат на нивна сметка, тогаш и таа дијагноза е безвредна оти работите во енергетиката со изградба на капитални објекти не се исправа со дијагнозата која одамна е позната. Лечењето, ако е правилно, трае со години, ако притоа не умре пациентот.
Во Македонија рамно 45 години, баш кога во ек беше големото затемнување со ужасни рестрикции на електричната енергија, повозрасните сигурно ги паметат тие денови на мрак во домовите со часови, неподучени од таа драматична опомена, не е изграден ниту еден значаен енергетски капацитет за производство на електрична енергија. А и тие што се изградени порано се во лоша состојба и со застарена технологија и со недостаток на јаглен кај најголемиот производител на струја „РЕК Битола“. Значи, веќе еднаш поминавме една таква студена зима која не произведе доволно памет и визија дека може да се повтори со полоши последици.
Си патиме од умот
Заблудата дека не ни се потребни големи инвестиции во енергетски капацитети доаѓа од увозот на евтина електрична енергија и релативно прифатливи цени на нафтата и гасот. Од друга страна, затворањето на неколку големи индустриски потрошувачи на струја како да беше дочекана со олеснување, бидејќи станува збор и за големи загадувачи, но истовремено не дојде до нивна замена со други посовремени капацитети, што секако предизвика големи загуби и губење на работните места и осиромашување.
Секако и овие констатации спаѓаат во познатите дијагнози за нашите долгогодишни стратегиски промашувања за кои вообичаено никој не е виновен. Си патиме од умот префрлајќи ја вината едни на други, па на крај сите сме виновни и ќе си ја платиме сметката секој посебно, ама и многу различно. Некој превисоко, со осиромашување и банкрот, други со леснотија, а трети богами и ќе се збогатат, како и при секоја криза, и со воено профитерство. Ќе се јават гласно и тие што ќе речат: Што ви реков јас, ама немаше кој да ме слушне, овие се криви, оние се криви, сите се криви и сѐ така до следната голема било енергетска, било економска, било политичка криза, кои закономерно одат заедно.
Многу ми е интересна приказната како ќе нѐ спасуваат сонцето и ветерот. Штета што не е најдено решение и за маглата, па ќе имавме сонце, ветер и магла како спас од енергетската криза. Во македонскиот јазик стана привлечен уште еден нов збор - фотоволтаици. Не дека не верувам во докажаните обновливи извори на енергија како што се сонцето и ветерот, но тоа ме потсети на едно лично искуство од времето на големите рестрикции на електрична енергија во Македонија.
Фотоволтаици и ветерници не се доволни
Како млад новинар ја имав таа среќа и чест во тоа време да направам интервју на многу актуелната тема со Хрвое Пожар, голем хрватски научник и ценет во светот токму во областа на енергетиката. Преокупирани со идеите за мали хидроцентрали почнав да го бомбардирам научникот со прашања колку тие наши можности се неискористени. Барав потврда од голем авторитет за нашите критики што се запоставени овие штедри извори на електрична енергија и како нашите потоци и реки течат бадијала неискористени.
- повеќе од авторот: Горчливите плодови на идеолошките балкански истории
Изгледа академик Хрвое Пожар брзо откри дека си има работа со надобуден новинар со скромни познавања на проблематиката, па онака повеќе татковски отколку професорски без да го повреди мојот ентузијазам ми објасни со разбирливи зборови кои и ден денес ги паметам. Рече: „Млад господине, дали сте биле на езерото Матка?“ „Да“, реков, „повеќе пати.“ „Е, добро, тогаш ќе ме разберете. Таму има една мала хидоцентрала. За да работи само 'Југохром' потребни се такви 75 централи со нивна вкупна моќност како една. Дали ме разбирате? Убаво би било некои поголеми хидроцентрали да биле досега изградени, или во наредниот период да бидат изградени, но тоа не го решава проблемот на Македонија.“
- повеќе од авторот: Можен ли е праведен даночен систем?
Потребни се вложувања во големи енергетски капацитети, термоцентрали. Имаше и повеќе други поучни работи во тоа интервју. И толку. Академик Хрвое Пожар многу повеќе им кажа и на нашите академици, политичари и деловни луѓе, ама од тоа не излезе речиси ништо во стратегиските планови за развој кој не е можен без енергетски извори.
Ова сега му доаѓа исто како со фотоволтаиците и ветерниците. Добро е да ги имаме, ама не го решаваат проблемот. На Македонија ѝ се потребни капитални вложувања во големи енергетски капацитети. Во спротивно, и по 40 години некој ќе го пишува истиот текст и ќе ги кажува истите причини зошто заостануваме и немаме побрз развој. Никој не е крив и сите се криви. Така тоа му доаѓа додека уште трае летото и додека не дувне сибирскиот ветер.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.