1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обезбедување на пензиите во Германија: Тешко на младите

ЕМФ | АРД
5 април 2024

Трите партии од владејачката коалиција во Германија имаат многу различни идеи за тоа како да се обезбедат пензиите во иднина. Исто толку различно на својата пензија гледаат и работниците од три генерации.

https://p.dw.com/p/4eSgE
Symbolbild | Deutschland Rente
Фотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

На градилиштето на фирмата Баумштарк во Риселсхајм, во покраината Хесен, работат занаетчии од три генерации. Нивното лично гледиште за идното пензионирање е многу различно, бидејќи до пензионирањето на најискусниот вработен има само уште неколку години, за колегата до него уште добри 30 години, а за оној што е сѐ уште на обука - речиси половина век.

Михаел Кле е на крајот од својот работен век како молер - ќе се пензионира во 2029 година. „Мило ми е што има уште само неколку години“, вели Кле. Својата пензија, која веќе ја пресметал, ја гледа како сигурна: ќе добие околу 1.600 евра од државниот пензиски фонд, плус уште речиси 300 евра од приватното пензиско осигурување. „Тоа значи дека ќе имам отприлика онолку пари колку што имам во моментов“, вели занаетчијата.

На секој пензионер - сѐ помалку вработени

Оној кој е толку блиску до пензија всушност не мора да се грижи, вели Александер Лудвиг, економски истражувач на Универзитетот Гете во Франкфурт. „Просечниот работник кој е непосредно пред пензионирање сè уште може да се потпре на релативно стабилно ниво на пензија.“ Сосема поинаква е ситуацијата за луѓето во средината или на почетокот на нивниот работен век. Поради демографските промени, постои голема неизвесност за идните пензии. Статистички гледано, има сѐ помалку осигуреници кои плаќаат придонес по пензионер. Во 1990 година имало пет, а во 2021 година ќе има само тројца вработени на секој пензионер. Од 2035 година натаму само двајца вработени ќе треба да плаќаат за еден пензионер.

германија градилиште
Различни генерации работници - различни размислувања и грижи за пензијатаФотографија: Jochen Tack/picture alliance

Надеж за генерациски договор

Никој не може да знае што ќе значи овој развој на настаните во евра и центи кога водоинсталатерот Едис Куртиши ќе се пензионира во 2053 година. Но, загрижувачката порака одамна е стигната до занаетчијата. „Малку сум загрижен за тоа како ќе изгледаат работите за мене за околу 30 години.“ Тој издвојува по 100 евра секој месец за своето приватно пензиско згрижување. Исто така, се надева на „генерациски договор 2.0“ во своето семејство. „Кога мојот син ќе порасне, се надевам дека ќе се грижи за мене како што се грижам јас за него сега“, вели Куртиши смеејќи се.

нега на стари лица
Многумина се надеваат на „генерациски договор“ за згрижувањеФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Крај на одењето во пензија со 63 години?

Владата сака да го одреди нивото на пензија до 2039 година, но таканаречениот Пензиски пакет 2 нема да го реши општиот проблем во пензиското осигурување, смета економскиот експерт Лудвиг. Со оглед на демографскиот развој, не може да се заобиколи фактот дека сите во општеството мора да се жртвуваат. „Јас сум за тоа да се зборува без залажување“, вели Лудвиг. Според него, тоа значи и дека ќе се укине „пензијата на 63 години“. Кога ваквата пензија се воведуваше за вработените кои имаат долг стаж, политичарите првенствено се фокусираа на луѓето кои физички напорно работеа, како оние во градежништвото. Во меѓувреме, предвремената пензија одушевено ја користат и оние кои имаат висока заработувачка со канцелариски работни места. Ова го оптоварува пензискиот фонд и го заострува недостигот на квалификувани работници. Додека ФДП е за укинување на ваквото пензионирање, СПД е против.

пензија
Плакат за Пензискиот пакет чиј дел е и пензијата со 63 години (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa

Генерацискиот капитал не носи доволно

Владејачката коалиција во Берлин се договори за една друга идеја: придонесите треба да се стабилизраат со таканаречениот генерациски капитал. Принципот гласи: сојузот постепено инвестира во акции. Од 2035 година натаму, од приносите во пензискиот фонд година за година треба да се влеваат десет милијарди евра, со што треба да се олесни товарот на осигурениците. Експертот Лудвиг смета дека пристапот е правилен, но веќе сега може да се предвиди дека приходот е премногу низок за во иднина значително да се стабилизираат пензиските придонеси.

Штедење за старост

Значи, Денис Квакс може да се подготви за повисоки пензиски придонеси. Тој моментално е на обука за механичар. Неговото пензионирање би можело да започне во 2070 година, така што пред него има децении за приватно пензиско осигурување. Но, како и многу млади луѓе, тој има други приоритети. „Сакам да се забавувам со моите пријатели и да одам на одмор. Тоа ми е поважно отколку сега да штедам за старост.“

Сиромаштија на старост

Експертот Лудвиг премногу добро го знае овој став кај младите луѓе во Германија и смета дека тоа е погрешно. Неизвесноста во пензискиот систем е едноставно преголема. „Секој мора да почне да се грижи за ова што е можно порано и тоа мора да го прави континуирано“, гласи неговиот апел. За не само сегашната генерација пензионери да може релативно опуштено да гледа на состојбата на сопствената банкарска сметка.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема