1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Холандската „Мокро мафија" причина за аларм во Германија

Бенџамин Најт
20 септември 2024

Германската полиција предупредува од продирање на холандска криминална мрежа во Германија. Т.н. „Мокро мафија“ е прочуена за трговија со дрога, киднапирања и нарачани убиства.

https://p.dw.com/p/4j7ow
Германија Келн
Разнесен излог на продавница во Келн во средата на 18 септември. Фотографија: Stephane NitschkeREUTERS

Серијата експлозии Келн се поврзани со пресметки на организирани криминални банди, сметаат полицијата и обвинителството во германскиот град. Во експлозиите кои беа подметнати во објекти во самиот центар на Келн, немаше потешко повредени, но беше причинета материјална штета. 

Растат стравовите дека е ова уште една епизода од можната мафијашка војна меѓу конкурентски холандски и германски криминални мрежи. Пред неполн месец внимание привлече случајот со киднапирање и малтретирање на еден маж и една жена во Келн. Киднапирањето веројатно е чин на одмазда за неплатена пратка дрога. 

Полициска акција во Келн: ослободување и апсења 

Двете лица кои очигледно се членови на германска организирана криминална група, на почетокот на месецов беа ослободени со помош на акција на полицијата и специјалните сили. Како резултат на операцијата имаше четири апсења и рации во шест згради и објекти во градот, во кои беа уапсени уште двајца мажи. Во покраината Северна Рајна Вестфалија на западот на Германија имаше серија од најмалку девет експлозии во последните пет недели. Сите злосторства наводно одат на контото на т.н. „Мокро мафија", поим кој го користат медиумите во Германија и Холандија за да означат  организирани криминални банди  кои иницијално се формирани претежно од холандско-мароканското население. Поимот е многу спорен бидејќи некои засегнати го доживуваат како многу расистички. Холандската мафија е само една од 821 злосторнички организации, кои Европол ги има утврдено низ цела Европа и кои имаат повеќе од 25 илјади членови. 

Судски процес против холандската „Мокро мафија“
Судски процес против членови на холандската „Мокро мафија“Фотографија: Patrick van Katwijk/Dutch Photo Press/picture alliance

Експлозиите пред влезни врати на објекти се метода на заплашување која често ја користат припадниците на холандската Мокро мафија. Холандската полиција потврди дека на 24 август експлодирала направа пред продавница од истиот моден бренд кој беше нападнат и во средата во Келн. 

Развој на насилничките тенденции во „Мокро мафијата" 

Иако поимот е нашироко познат за таквите холандски банди, меѓу другото и благодарение на истоимена серија која се емитуваше и во Германија, повеќето криминолози и полицајци се согласни дека групата во меѓувреме нема хомоген етнички идентитет.  

Банкомат во Оснабрик, Германија, разнесен со експлозив
Банкомат во Оснабрик, Германија, разнесен со експлозивФотографија: Fotostand/IMAGO

„Т.н. Мокро-мафија во 90-тите започна со увоз на канабис во Холандија и подоцна го прошири бизнисот на кокаин ", вели Дирк Пеглов, шеф на германското здружение на крим-полицајци за ДВ. „Си имаме работа со една група чиишто структури се етаблирани со децении, и во која одамна членовите не се само Мароканци", додава тој. 

Сличности и разлики во однос на други групи 

Но, се чини дека мафијата е значително поподготвена на насилство отколку другите  организирани банди во Германија. Во медиумите кружат приказни за комори за измачување, пресечени глави и дури и наводни планови за киднапирање на холандската престолонаследничка Амалија. Познатиот холандски криминолог Кирил Фијнаут проценува дека секоја година меѓу 10 и 20 лица се убиени од страна на мафијата. „Во сите групи подготвеноста на насилство е прилично голема", вели Махмуд Џараба, политиколог и криминолог во Истражувачкиот центар за ислам и право во Европа. „Во оваа група подготвеноста за примена на насилство е поголема", вели тој и во однос на структурите и праксата на работа вели дека групите се слични една на друга.  „Арапските 'кланови' во Германија многу не се разликуваат, главните членови потекнуваат од одредена фамилија, но тоа не се затворени групи", вели Џараба за ДВ и додава дека „без нивните мрежи во и надвор од Германија и Холандија тие не би преживеале." 

Убиства на сведоци и противници 

Бруталноста и бескрупулозноста се покажа во Холандија пред сѐ во 2021 година со  убиството на Петер де Врис. Познатиот новинар кој известуваше опширно за организираниот криминал во земјата, во Амстердам по телевизиски настап беше застрелан во глава на сред улица. Едно од три убиства кои се третираат во повеќегодишни судски процеси.  Покрај де Врис  убиени беа и братот на крунскиот сведок и еден јавен обвинител. 17 обвинети, меѓу кои и шефот на бандата Ридван Таги, во февруари годинава беа осудени на долги затворски казни заради повеќекратни убиства и обиди за убиство. Таги и тројца други мафијаши беа осудени на доживотни казни затвор. Во јуни годинава беа осудени уште шестмина други за  убиството на де Врис.  И покрај правните успеси, се чини дека криминалните мрежи се шират дури и во правец на Германија. „Во Северна Рајна Вестфалија видовме дека групата е активна и во Германија и дека во криминалните дејствија покажува бруталност со која се прифаќа дури и повредувањето или смртта и на недолжни лица", вели Пеглов. 

Пристаниште шверц на дрога
Преку пристаништата се шверцуваат големи количини на дрога во ЕвропаФотографија: WDR

Иако киднапирањето во Келн покажало дека  меѓу групите може да дојде до кавги,  тие сепак по правило се чини дека тесно соработуваат, при што германските банди очигледно се задолжени да импортираат кокаин и хероин од холандските колеги. „До денес се одржуваат релациите и соработката меѓу криминалните групи во Холандија и Германија", објаснува криминологот Џараба. 

Предизвици во сузбивањето на организираниот криминал 

Истражувачите на ваквите појави не знаат ни кога т.н. „Мокро мафија" почнала да се шири во Германија, ниту кои злосторства се направени во Германија, можеби и по налог на холандската група. На полицијата во Германија и Холандија, според сопствени наводи, им успеало со анализи на апликации за чет пораки да добијат многу повеќе информации за  меѓународните криминални мрежи.

Пеглов сепак предупредува дека политиката во Германија мора повеќе да се ангажира за да ја поддржи полицијата во своите настојувања. „Во Германија не може да чекаме додека се етаблираат слични структури како во Холандија”, вели тој и додава дека „мора многу тесно да соработуваме со холандската полиција и да спречиме инциденти како во Северна Рајна Вестфалија да станат нормална појава.”

Ако не се најдат повеќе ресурси за сузбивање на криминалот, вели Џараба, полицијата нема да има многу шанси против такви организирани структури. „Имаме екстремно малку можности да се справиме со таквиот феномен, затоа што во повеќето случаи тие потекнуваат од Холандија и имаат рути за бегство и поддржувачи кои соработуваат со нив", посочува Џараба.