Поевтина струја за 200 компании, училишта и водостопанства
9 ноември 2022До 10 ноември сите заинтересирани компании од прехранбениот сектор, водоводните претпријатија и училиштата треба да поднесат документи за потпишување на договори за снабдување со струја од ЕСМ според последната мерка на владата за субвенционирана струја. Со одлука на Владата поевтина електрична енергија треба да добијат 200 компании од прехранбениот сектор, училиштата и јавните водоводни претпријатија и пречистителни станици. Тие ќе се снабдуваат со струја преку ЕСМ со цена од 80 и 95 евра евра по мегават час.
„Физичките и правните лица од прехранбениот сектор ќе добиваат струја по цена од 80 евра за мегаватчас, додека водостопанските претпријатија и училиштата по цена од 95 евра за мегаватчас. Оваа струја е наменета само за производствените погони, пумпите за довод на вода и пречистителните станици и училиштата“, информираше на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.
Другите компании и претпријатија ќе плаќаат струја по пазарна цена. Потрошувачите на субвенционираната струја ќе ја користат повластената цена до 30 април 2023 година. Договорите ќе се потпишуваат од први до 10-ти секој месец, Документите кои треба да ги пополнат компаниите, училиштата и водостопанските претпријатија се веќе оставени на интернет страната на ЕСМ, а нивното поднесување се врши електронски.
Кризата ги одложи плановите
Ковачевски информираше дека засега нема увоз на енергија за регулираниот пазар во Северна Македонија, иако сите земји од регионот се соочиле со рестрикции. Кризата, вели тој го одложи планираното затворање на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, поради стратегијата на земјата за ориентирање кон почисти извори. „Но, тоа беа планови пред да почне војната во Украина, поради што овој план се одложува, поради настанатата енергетска криза“, вели Ковачевски.
Тој ја критикуваше опозицијата која што во парламентот го блокира донесувањето на важните закони за справување со кризата, поради што пропаднала и шансата да се искористи значен кредит од ЕБОР.
„Заради неодговорното однесување на опозицијата, банката ги пренамени пари за други цели, со што на Македонија и се ускрати да користи средства со ниска камата. Според опозицијата, согласно националната стратегија треба сукцесивно да се затвораат централи на јаглен, но поради војната беше договорено да се одложи исклучувањето на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Работниот век ќе биде продолжен, но бидејќи опозицијата го блокираше законот, средствата од ЕБОР веќе се пренаменети за други цели“, вели премиерот.