1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците во Албанија под притисоци на пописот

ДТЗ
22 септември 2023

Претседателот на Бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, преку Фејсбук им порача на Македонците дека ако не се регистрираат како етнички Бугари, ќе им бидат повлечени бугарските пасоши.

https://p.dw.com/p/4WgZn
Пустец
Македонците во Албанија под притисоци на пописот (фото: Пустец)Фотографија: Ministry of Infrastructure and Energy

Растат притисоците и повиците кон жителите на Пустец да се изјаснуваат како Бугари на пописот во Албанија. Претседателот на Бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, преку Фејсбук им порача дека ако не се регистрираат како етнички Бугари, ќе им бидат повлечени бугарските пасоши.  

 „Доколку сега не се изјасните како Бугари, ќе ви бидат одземени пасошите, а кај оние кои се во постапка истата ќе биде запрена. Веќе имаме еден таков случај. Помислете“, вели Стојанов

Претходно Фондацијата „Македонија“ упати апел до жителите со бугарско државјанство во оваа земја на пописот да не го прескокнуваат прашањето за етничка припадност и да се пишат како етнички Бугари. 

„Регистрирајте се како етнички Бугари, со мајчин јазик – бугарски. Ги потсетуваме и оние кои имаат бугарско државјанство дека имаат обврска кон Бугарија да запишуваат Бугари, како и оние кои се Бугари по потекло и сакаат да добијат бугарско државјанство во иднина – пишувајте се етнички Бугари и во никој случај не прескокнувајте го прашањето за етничка припадност“, апелираше Фондација „Македонија“ . 

Која е целта?

Стојанов во коментар на социјалната мрежа Фејсбук објаснува дека целта им е да бидат „најмалку 5.000, иако има најмалку 40.000 Бугари по потекло кои моментално живеат во Албанија“. „Уште 50.000 Бугари од Албанија се иселиле - како и над 1,5 милиони Албанци ...Треба да водиме сметка за два демографски фактори - негативниот природен прираст (повеќе Бугари умираат отколку што се раѓаат во Албанија) и огромното иселување од државата“, одговара Стојанов на забелешката на еден од корисниците на социјалната мрежа, кој се надева дека Бугарија нема да се срами од резултатите на пописот во Албанија, правејќи споредба со резултатите од Романија, Србија и Северна Македонија. 

„Резултатите од Романија, Србија и Северна Македонија беа трагични - во Романија само 5-6000 луѓе беа Бугари, во Србија 12-13.000, а во Северна Македонија - 3.500 луѓе. Ако се избројат 5-6.000 луѓе во Албанија, тоа ќе биде некаков успех“, се вели во еден од коментарите на пост на Фондацијата „Македонија“. 

бугарски пасош
Aко не се регистрираат како етнички Бугари, ќе им бидат повлечени бугарските пасоши - се вели во една од заканитеФотографија: BGNES

Мешање и притисок

Албанија го започна пописот на населението на 18 септември годинава, а според најавите, процесот на собирање на податоците од терен треба да заврши на 30 октомври. Прелиминарните резултати се очекуваат во јуни идната година.  

Како што деновиве објави агенцијата МИА, амбасадорот на Бугарија во Тирана, Ивајло Киров, допатувал во Пустец во време кога во Албанија се одржува пописот на населението и домаќинствата и граѓаните ќе бидат прашани и за нивната етничка припадност. Потпретседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Ефтим Митревски оваа посета ја оцени како мешање и форма на притисок. 

 Претседателот на македонското друштво „Мост“, Бесник Хасани, пак тврдеше дека бугарскиот амбасадор ги убедувал Македонците да се попишат како Бугари на пописот, притоа делејќи им на улица бесплатни електронски уреди – таблети и телефони. 

Во пресрет на пописот, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, беше во неколкудневна посета на Албанија, при што го посети селото Големо Острени и се сретна со претставници на бугарското национално малцинство од регионот Голо Брдо. Месноста Голо Брдо и селото Големо Острени се лоцирани на крајниот источен дел од Албанија. Населени се претежно од македонско население. 

Гаранции

Премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ја посетата, тврдеше дека земјата има добиено гаранции од албанските власти оти пописот ќе биде спроведен согласно светските и стандардите на Евростат . 

Македонците во Албанија добија охрабрување и од македонското МНР слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност, согласно законската регулатива и позитивната демократска пракса во Албанија, на пописот на населението.  

 „Препознавајќи ја улогата на Македонците како лојални граѓани на Албанија, претстојниот попис ќе им овозможи преку слободното изразување на својот идентитет, да ја потврдат со тоа и сопствената етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност. Со тоа и дополнително ќе се потврди улогата на македонската етничка заедница во Албанија, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави“, порачаа од МНР. 

Во меѓувреме, пратениците во бугарскиот парламент во прво читање гласаа за измените во Законот за бугарско државјанство со кои јавно ќе биде објавен регистарот на сите лица кои имаат бугарски пасош. Со предложените измени за добивање на бугарско државјанство задолжително ќе биде познавањето на бугарскиот јазик, а ќе може да се поднесе барање за државјанство и по однос на натурализација.   

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи