1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателски избори: Седум кандидати го трчаат првиот круг

24 април 2024

Денешниот изборен процес се одвива во присуство на голем број домашни и странски набљудувачи.

https://p.dw.com/p/4f7AM
Избори Северна Македонија
На избирачките места тече гласањето на седмите претседателски избори во Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

На избирачките места отворени од 7 часот тече гласањето на седмите претседателски избори во Северна Македонија, на кои  се натпреваруваат седум кандидати,  што е најголем број споредено со кои било претседателски избори досега.

За функцијата  претседател на Република Северна Македонија  се натпреваруваат актуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Арбен Таравари поддржан од Коалицијата „Вреди“ и Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.

Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50 % + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне неопходното мнозинство, по 14 дена (8-ми мај) се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови во првиот круг.

И денеска се издаваат лични карти

Во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи со право на глас за претседателските избори, кои тоа право ќе можат да го остварат на 3.480 избирачки места во земјата.

Граѓаните денеска ќе можат  да гласаат со важечки документ  за лична идентификација, со лична карта и патна исправа со старото уставно име на државата, како и со лична карта и патна исправа чија важност истекла девет месеци пред денот на одржувањето на изборите (на 24-ти јули 2023 година).

Министерството за внатрешни работи извести дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациска единица, денеска ќе работат за  издавање на лични документи  од 8 до 19 часот. Исто така, граѓаните на Скопје ќе можат да ги подигнат готовите лични карти во полициските станици.

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321. Освен на оваа линија, граѓаните ќе можат да пријават и лично во главната канцеларија во Скопје, како и на телефонските броеви во подрачните канцеларии во Струмица, Кичево Тетово, Битола, Штип и Куманово.

Под лупа на набљудувачите

Вчера веќе заврши гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва во странство, во казнено поправните установи и гласањето на болни и немоќни лица. Годинава во дипломатско-конзуларните претставништва во странство за гласање беа пријавени само 2.569 гласачи.

Во казнено поправните установи вчера правото на глас го оствариле 1.380 гласачи или 64% од вкупно запишаните 2.147 гласач. Гласаа и лица сместени во центри за вонсемејна грижа, при што правото го искористиле 208 од вкупно 250 гласачи, или 83%.

Од пријавените 6.935 граѓани болни и немоќни лица, во нивните домови гласачкото право го оствариле 6.543, односно 94%. Вчера беа објавени информации само за излезноста, а резултатите од вчерашното гласање ќе бидат сублимирани и објавени заедно со гласовите од денешното гласање.

Денешниот изборен процес се одвива во присуство на голем број домашни и странски набљудувачи. Државната изборна комисија (ДИК) издаде акредитации на 915 домашни и 628 странски/меѓународни набљудувачи, како и на 38 странски новинари, меѓу кои голем дел се од земјите од соседството. Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот. Потоа вниманието се сели во изборните штабови на кандидатите, каде во присуство на нивни поддржувачи ќе се следи сукцесивното пристигнување на изборните резултати. И домашните телевизии најавија отворени програми во кои ќе се следат и коментираат резултатите од првиот изборен круг.