1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Дезинформации: Русија не се брани, туку ја напаѓа Украина

Тетјана Клуг | Рахел Баиг
15 февруари 2023

Руските кампањи за дезинформирање прераснуваат во паралелна војна, а НАТО секогаш одново е нивна цел. Во продолжение неколку примери за тоа како функционира руската пропагандна машинерија.

https://p.dw.com/p/4NVq5
НАТО постојано е цел на руски кампањи за дезинформирање
НАТО постојано е цел на руски кампањи за дезинформирањеФотографија: Sascha Steinach/IMAGO

Најдоцна од револуцијата на Мајдан и од анексијата на Крим во 2014 година, Русија со државна пропаганда во земјата, како и со целни кампањи за ширење дезинформации во странство, се обидува да влијае на свеста на јавноста. Иако обемот на руски дезинформации во изминатите 12 месеци не може квантитативно да се измери, стручњаците со кои разговараше ДВ се согласуваат: зголемен е интензитетот и начинот на ширење руски дезинформации. Еден наратив, кој е особено тврдокорен, и тоа не само од почетокот на војната, е тоа дека НАТО ѝ се заканува на Русија, дури и оти сака да ја заземе. 

„Инвазија како одбрана“ 

Долго пред инвазијата на Украина, која започна во февруари 2022 година, Русија, за да ја оправда војната, ширеше такви наративи. „Лажните тврдења веројатно почнаа уште на Евромајдан, околу 2014 година. Оттогаш Русија тврди оти Западот се меша во Украина“, вели за ДВ, Роман Осадчук од Истражувачкото здружение на Атлантски совет.

Во многу руски наративи причината и последицата се превртени, објаснува Луц Гилнер, шеф за стратешка комуникација во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). „Секогаш станува збор за тоа да се покаже колку Русија е всушност опкружена,  загрозена и од страна на Украина и оти поради тоа мора да се брани, и оти војната не е ништо друго туку одбрана.“

Уште од протестите на плоштадот Мајдан во Киев и анексијата на Крим во 2014 година, тече руската државна пропаганда насочена против НАТО.
Уште од протестите на плоштадот Мајдан во Киев и анексијата на Крим во 2014 година, тече руската државна пропаганда насочена против НАТО.Фотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Во телевизиски говор неколку дена пред нападот врз Украина и рускиот претседател, Владимир Путин, тврдеше дека НАТО „продолжува да се шири“ кон Исток и оти неговата воена инфраструктура се приближува до границите на Русија.

Во оваа изјава точно е тоа дека по распаѓањето на Советскиот сојуз ,14 источноевропски земји се примени во НАТО. Четири од нив граничат со Русија. И на Украина во 2008 година, исто така, ѝ беше дадена перспектива за пристапување кон НАТО.

Она што уште е точно е следново: НАТО во своите источноевропски држави членки изврши логистички подготовки и ги оспособи аеродромите за брзо засилување на своите трупи. Вистина е и оти тоа е сторено по 2014 година, како одговор на руската илегална анексија на полуостровот Крим. НАТО и натаму го почитува Основачкиот акт НАТО-Русија од 1997 година, кој забранува дополнително трајно стационирање на голем број борбени сили во земјите пристапнички во НАТО. Путин за своите тврдења не можеше да пружи никакви докази. И покрај тоа, тој продолжи да го користи истиот наратив: НАТО ѝ се заканува на Русија.

Освен тоа, Путин тврди оти луѓето кои зборуваат руски во самопрогласените републики Доњецк и Луганск со години биле изложени на геноцид од страна на Украинците и оти Украина треба да се „денацифицира“. 

Не е само локалното население цел на руската пропаганда

Овие неточни тврдења, кои ДВ веќе ги демантираше, руските државни медиуми ги ширеа пред сѐ меѓу домашната публика. Меѓутоа, тој наратив постигна одредено влијание и на Запад.  Така, во октомври 2022 година, според студијата на Центарот за мониторинг, анализа и стратегија (ЦеМАС), 19 отсто од испитаниците во Германија верувале дека руската агресорска војна против Украина е руска реакција на провокациите на НАТО, за која немало алтернатива. 21 насто делумно се согласиле со тоа - така што вкупно 40 проценти од Германците барем делумно веруваат во оваа приказна.

Дури и на денот на инвазијата, рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека Украина е „целосно ставена под надворешна контрола“.
Дури и на денот на инвазијата, рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека Украина е „целосно ставена под надворешна контрола“.Фотографија: Aleksey Babushkin/Sputnik Kremlin/AP/dpa/picture alliance

„Тоа е прилично висок процент и веројатно е резултат на кампањите за дезинформација и постоечките уверувања и ставови кон НАТО“, вели Јулија Смирнова, виша аналитичарка во Институтот за стратешки дијалог (ИСД), која, исто така, го истражува феноменот на ширење дезинформации во оваа војна.

Поддржувачите на НАТО и на Украина како завојувани страни?

На почетокот на инвазијата, исто така, се тврдеше дека во Украина има лаборатории за биолошко оружје, финансирани од САД, што подоцна се покажа дека е неточно. Приказната за наводното подготвување на таканаречена „валкана бомба“ ја пушти во оптек руското Министерство за надворешни работи, а таканаречените „докази“ беа изложени во вид на стари фотографии од руски нуклеарни централи и сензори за детектирање на чад во Словенија.

Поддршката за Украина од западните партнери (финансиската помош, снабдувањето со оружје, санкциите) исто така се користи за да се поткрепи тврдењето на Владимир Путин,изнесено на денот на инвазијата, дека Украина е „целосно ставена под надворешна контрола“ и „зајакната од вооружените сили на земјите на НАТО и оти и е доставено најсовремено оружје“.

Руските државни медиуми дури објавија дека трупите на НАТО се активно вклучени во војната во Украина и дека некои воени единици де факто биле под команда на западни офицери или инструктори. Како доказ често се користеа слики и видеа од странски доброволци, кои се борат во Украина.

„Всушност, против нас се бори НАТО-блокот, чии членови му обезбедуваат на режимот во Киев тешко оружје, муниција и разузнавачки информации и обучуваат воени експерти“, изјави на почетокот на октомври 2022 година Николај Патрушев, кој е близок со Путин и ја извршува функцијата секретар на Советот за безбедност на Русија.

Уште пред објавата за испорака на тенкови во Украина, се појавија видеа на кои наводно се гледа испорака на германски тенкови „Леопард 2“ во земјата
Уште пред објавата за испорака на тенкови во Украина, се појавија видеа на кои наводно се гледа испорака на германски тенкови „Леопард 2“ во земјатаФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Во мај 2022 година, корисници на социјалните мрежи лажно тврдеа дека земјите членки на Европската унија се подготвуваат да се вклучат во конфликтот. Во едно видео, со логото на Би-Би-Си Њуз, се тврдеше дека полски генерал потпишал наредба да ги стави воените единици во „целосна борбена готовност“. Тоа видео беше лажно. Би-Би-Си потврди дека никогаш не бил направен таков извештај и дека неговото лого било злоупотребено при создавањето на лажното видео. Полски владини претставници потоа  ја обвинија Москва дека извршила информативни напади врз нивната земја.

НАТО е постојано предмет на дезинформации

Недамнешната одлука на Германија да испорача тенкови на Украина на социјалните мрежи веднаш беше протолкувана како признание на Олаф Шолц дека НАТО е во војна со Русија.

Уште пред таа објава, на интернет веќе кружеа видеа на кои наводно се гледа испорака на германски тенкови „Леопард 2“ во Украина. За Роман Осадчук не е случајно што масовно кружат вакви видеа околу одлуката за испорака на германски тенкови во Украина. „Од руска перспектива, ширењето на таква содржина може да послужи за да се стави јасно до знаење дека Европа се подготвува да ја нападне Русија.“