1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Резолуцијата за Сребреница е важен чекор"

Маринко Секулиќ
23 мај 2024

Денеска (23 мај, 2024) во ООН се гласа за Резолуцијата за Сребреница. Како на тоа гледаат жителите на Сребреница? Со некои од нив разговараше дописникот на ДВ.

https://p.dw.com/p/4gAak
Меморијалниот центар Поточари во Сребреница
Меморијалниот центар Поточари во СребреницаФотографија: Marinko Sekulic/DW

„Ти со бебето продолжи, а малиот на оваа страна“, и рече на мајка ми еден војник. „Мама се укочи од шок. Друг војник рече: „Пушти го тоа дете, има доволно“. Овој што ме води ме шутира накај мајка ми. „Таа ме носи во автобусот кој значи спас", се потсетува на јули 1995 година тогаш 8-годишниот Адем Мехмедовиќ кој го преживеалгеноцидот.

Сатисфакција за жртвите

Пред десетина години се вратил во Сребреница каде денеска работи и живее во општинската управа. За Резолуцијата за Сребреница за која се одлучува во ООН за ДВ вели: „Тоа е само симболичен гест и сатисфакција за жртвите затоа што ООН секако сноси дел од одговорноста за геноцидот во Сребреница. Мора да бидеме свесни дека ништо посебно нема да се смени, посебно не во Сребреница. Затоа не гледам причина за вакви реакции на политиката од РС и Србија“, вели Мехмедовиќ за ДВ.

#dw_BalkanBooster: Другото лице на Сребреница

„Србија самата требаше да покрене иницијатива за оваа резолуција и така да го тргне товарот од српскиот народ и да ги осуди поединците, а не да биде уточиште за воени злосторници“, вели Суљо Чакановиќ, кој војната во Сребреница ја минал како болничар. Тој додава дека „резолуцијата никого не обврзува, но сепак Бошњаците со нетрпение ја очекуваат затоа што таа сепак им препорачува на членките на Советот за безбедност постојано одбележување и да стане составен дел од образовниот систем“. Чакановиќ нагласува дека би било „добро 11 јули да биде ден на сеќавање на геноцидот и невините жртви“.

Никој ништо не презема да се тргне главниот деструктивец

Мирсад Мустафиќ во поранешна Југославија работел како професор по српско-хрватски јазик и со сигурност е најплоден книжевник од Сребреница. Деновиве го промовира 20тиот роман „Не ни беше судено“. Темата се војната и воените судбини на жителите на Сребреница, како и во претходните 19 книги кои ги објавил до сега. За ДВ тој вели дека „севкупниот политички амбиент поприми вознемирувачки тонови.

Резолуцијата нема ништо да промени. И птиците на гранките знаат кој го опструира напредокот на земјава. Никој ништо не презема да се тргне главниоот деструктивец и да се осудат оние кои го хушкаат. Како да се чувствуваат повратниците, кога секојдневно слушаат закани и сипање масло во оганот на национализмот од лидерот на српскиот ентитет?!“, вели Мирсад.

Одбележувањето на годишнината од страдањата на Србите во Братунац во 2022 година се одржа под слоганот „Триесет години злосторство без казна“
Одбележувањето на годишнината од страдањата на Србите во Братунац во 2022 година се одржа под слоганот „Триесет години злосторство без казна“Фотографија: Marinko Sekulic/DW

 „На годишницата од страдањата на Србите не дојде ниту еден странски дипломат“

 Соговорник на темата резолуција е тешко да се најде меѓу Србите. Во повеќето случаи луѓето веднаш одмавнуваат со раката и коментар ѝ „немојте мене да ме прашувате" .

Еден сепак се согласува под услов да не му се споменува името, за да нема уште повеќе проблеми. За време на војната бил српски војник. За ДВ истакнува дека во Сребреница не се случи геноцид“ затоа што „ако геноцидот е намера да се истреби еден цел народ и да се уништи, тоа тука не се случи„, оценува тој.

„Жените, децата, младите момчиња со автобуси беа пренесени, а гинеа само тие што со пушка тргнаа во шумата. Тие (Бошњаците) од почетокот на војната убиваа се живо и диво, од детето во колевката до жени и неспособни старци. Бев сведок на Залаз, Бјеловац, Кравица, Скелан...На годишнината од страдањето на Србите никогаш не дошол ниту еден од западните дипломати. И тоа веројатно се само луѓе. Веројатно не е дека сами се убивавме. На сето ова мора да се пријде рационално и искрено. Не може да биде крива секогаш само едната страна. Не може да биде така. Оние кои убиваа имаат име презиме и треба да одговараат, какво и да се викаат. Сите треба да кажат што точно се одвивало и кој за што е крив и да одговара поединечно“, вели за ДВ овој Србин од Сребреница (името и е познато на редакцијата).

Сребреница во јули 1995 година.
Сребреница во јули 1995 годинаФотографија: dpa

„Резолуцијата е важен чекор“

За да ги подигнат тензиите и да создадат страв кај луѓето посебно во година на избори, политичарите често ја злоупотребуваат Сребреница. Луѓето кои живеат тука се оптоварени со политички превирања и тензии, кои тие ги подгреваат секојдневно. За многу важни теми овде се молчи.

Професорот по социјална антропологија на Универзитетот во Регенсбург во Гереманија, Холанѓанецот Гер Дејзингс, кој беше член на истражувачката група на холандскиот Институт за воена документација во Амстердам, која го подготвуваше Извештајот за улогата на холандските војници во Сребреница, а од 2002 до 2004 година и експерт на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг, во Сребреница доаѓа веќе со години и на неодамнешниот престој изјави и тоа дека „Резолуцијата за Сребреница е исклучително важен чекор. Денот на сеќавањето е најмалку што можеме да сториме како знак на вистинска хуманост и чин на солидарност со семејствата и преживеаните кои секојдневно мораат да живеат со непремостивата загуба, болка и траума. Освен тоа, апсолутно е неодговорно да се спротивставиме на актуелното порекнување на геноцидот од страна на политичарите и на јавните личности на српска страна. Аргументацијата дека тоа било воено злосторство, а не геноцид, е половична и неискрена, затоа што и натаму ги величаат клучните архитекти и сторители на она што самите го прогласија за воено злосторство. Целта на резолуцијата не е да ги сатанизира Србите, туку да се каже 'никогаш повеќе!' на таквите ужасни работи на кои за жал е потенцијално способен секој колектив“.

Во Сребреница нема пекара, месарница, продавница за облека или чевли
Во Сребреница нема пекара, месарница, продавница за облека или чевлиФотографија: Marinko Sekulic/DW

„Град на духови"

 Советот за безбедност на ООН во 1993 година енклавата Сребреница ја прогласи за заштитена зона. Српските сили ја окупираа во 11 јули 1995 година. За време на заземањето на енклавата војската и полицијата на Република Српска и специјалната српска воена единица Шкорпиони убија 8372 бошњачки мажи и деца. Меѓународниот суд за воени злосторства сторени на територијата на поранешна Југославија, Европскиот парламент и Канцеларијата на високиот претставник за БиХ злосторството го означија како геноцид. Сребреница денес е како „град на духови“. Нема ниту една пекара, месарница, продавница за облека или обувки. Нема ни автобуска станица, а културно-забавниот живот се сведува на неколку денови од манифестацијата „Денови на Сребреница“ еднаш годишно и по некој дониран концерт или претстава. Но, и тоа е ретко бидејќи нема луѓе, посебно не млади кои би дошле тоа да го слушаат или гледаат. Секојдневието се две кафулиња и неколку обложувалници, а после 17 часот на пустите и празни улици скитаат само кучиња, по некоја патрола на полицијата и по некое возило. Во Сребреница не може да се купи ни дневен весник.

Споменик на жртвите од Сребреница во Поточари
Споменик на жртвите од Сребреница во ПоточариФотографија: Marinko Sekulic/DW

Осудени 50 лица на повеќе од 700 години затвор

Во Меморијалниот центар во Сребреница Поточари до сега се закопани 6.751 жртва, а околу 1 илјада убиени уште се бараат. До сега за геноцидот и злосторството во Сребреница се осудени околу 50 лица на повеќе од 700 години затвор. Резолуцијата за сребреничкиот геноцид за кој денеска (23 мај 2024) ќе гласа Генералното собрание на ООН, ја предложија Германија и Руанда. Со неа 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и се бара внесување на судски утврдените факти во учебниците во наставните курикулуми. Во финалната верзија на Резолуцијата е додаден и амандманот на Црна Гора во кој се наведува дека кривичната одговорност за геноцидот според меѓународното право е индивидуализирана и не може да се припише на етничка, верска или друга група или заедница како целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема