1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц: Нова динамика во евроинтеграциите на Западен Балкан

Ненад Крајцер
27 март 2024

Германскиот канцелар при посетата на Словенија порача дека брзината на исполнувањето на критериумите мора да биде најважниот фактор во процесот на проширување на Европска унија кон Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/4eA0Z
Согласност за повеќето прашања: Шефовите на влади на Германија и на Словенија, Олаф Шолц и Роберт Голоб во Брдо кај Крањ
Согласност за повеќето прашања: Шефовите на влади на Германија и на Словенија, Олаф Шолц и Роберт Голоб во Брдо кај КрањФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Првата посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на Словенија беше кратка: околу четири часот попладне во вторникот (26 март), германскиот канцелар слета на аеродромот во Љубљана, нешто по осум часот навечер со авион на германското воено воздухопловство- Луфтвафе се врати во Берлин.

Причината за толку краток престој, како што се дозна во кулоарите на Бундестагот, би можел да биде поинаквиот првобитен план за посетата на југоисточниот дел на Европа, кој претпладнето вклучувал слетување во блискиот главен град на друга членка на Европската унија. Но, бурниот почеток на предизборната кампања во таа земја ја одложила посетата на канцеларот за подоцнежен датум.

Последен пат претседател на германската влада ја посети Словенија пред 13 години. Тогаш во Љубљана се сретнаа канцеларката Ангела Меркел и словенечкиот премиер Јанез Дрновшек.

Сега Олаф Шолц и неговиот домаќин Роберт Голоб се појавија пред новинарите по краткиот разговор во Љубљана пред да се упатат кон Брдо кај Крањ на работна вечера.

Различни ставови за блискоисточниот конфликт

Спорни моменти меѓу Словенија и Германија и онака (речиси) нема, согласност меѓу најголемата и една од најмалите членки на Европската унија владее во однос на сите најавени теми на разговор меѓу двајцата шефови на влади: Украина, приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската унија и миграцијата. Сепак, една тема се издвојува во морето на хармонијата: војната во Појасот Газа. Словенија, а тоа беше видливо минатата недела на самитот на ЕУ во Брисел, е еден од најголемите критичари на акциите на Израел во Газа, заедно со Шпанија и со Ирска.

Словенечкиот премиер посочи дека секоја земја може да има свое гледиште, а Словенија отсекогаш имала пријателски односи со „двете страни“, со Израел и со Палестина, односно со арапските народи. А сепак, тој го истакна своето разбирање на германската позиција. „Во Словенија ја разбираме и почитуваме германската позиција, која е условена и од погледот кон минатото и од денешните односи меѓу Германија и Израел“, рече Голоб. Истовремено, словенечкиот премиер посочи дека Словенија, како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, делува како „чесен посредник за постигнување мир“.

Тој целосно го поддржа канцеларот, кој ја истакна потребата од зголемување на хуманитарната помош за населението во Газа, за што е потребен стабилен прекин на огнот. Шолц го поврза прекинот на огнот со безусловното ослободување на израелските заложници кои ги држи Хамас.

Натамошна помош за Украина

За прашањето за војната во Украина, постои поголема согласност меѓу Германија и Словенија. „Нашите две земји тесно соработуваат и ги координираат своите позиции во врска со помошта за Украина. Имаат слични погледи за тоа што треба да се направи. Но, исто така мора и да ја поддржиме Украина со оружјето што ѝ е потребно сега“, изјави германскиот канцелар.

Исполнување на критериумите од суштинско значење за членството во ЕУ - Шолц и Голоб на прес-конференција во Љубљана
Исполнување на критериумите од суштинско значење за членството во ЕУ - Шолц и Голоб на прес-конференција во ЉубљанаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Словенија веќе склучи договор со Германија за бесплатна испорака на моторни возила за воена помош за Украина. Во замена за моторни возила, Словенија испрати 28 словенечки тенкови М55С во Украина.

Проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан

Неколку дена по зеленото светло за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, се разговараше и за проширувањето на Европската унија кон земјите од Западен Балкан. И двајцата државници јасно ставија до знаење дека на сите земји од регионот местото им е во Европската унија. Словенија и Германија се меѓу земјите кои најсилно се залагаат за членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан.

Шолц го изрази своето задоволство што процесот на приближување „доби замав“. „Добро е што се појави нова динамика и што туркаме многу конкретни прашања. Тоа се однесува на решавање на билатералните конфликти кои се пречка, како што е прашањето: Како сега да го придвижиме процесот со Северна Македонија, а да не биде попречен од спорови меѓу државите членки?  Ова се однесува на прашањето за Србија/Косово, а секако и за прашањето: Што понатаму со Босна и Херцеговина“, рече Шолц. Тој истакна дека треба да се искористи и Берлинскиот процес за конкретно подобрување на интеграцијата.

Осврнувајќи се на Босна и Херцеговина, Шолц ја истакна потребата од спроведување реформи. Тој рече дека на патот кон ЕУ не смее да има отстапки кога се во прашање критериумите, без разлика колку е голема желбата за членство. „Моментот на влез во Европската унија најмногу треба да зависи од исполнувањето на критериумите“, рече Шолц. „Ова не е геополитички процес на донесување одлуки, туку се работи за конкретни реформи и чекори... Германија нема да биде само набљудувач, туку е подготвена активно да придонесе за овој процес“, додаде тој.

Голоб му се заблагодари на Шолц кој, како што рече, одигра важна улога во уверувањето на скептичните европски лидери за европската перспектива на Западен Балкан.
Шолц и Голоб се согласија дека ЕУ треба истовремено да се реформира и, пред сè, да се поедностават процесите на донесување одлуки. Словенечкиот премиер посочи дека премногу често се случува Советот на ЕУ да биде блокиран поради една земја членка која така може да ги реализира своите интереси. „Затоа сметам дека реформата е неопходна“, додаде тој.