Во недела во Турција ќе се оддржат најважните политички, односно, претседателски и парламентарни избори во целата 2023 година. Тоа е од проста причина што регионалното, па и пошироко влијание на Турција во последните 20 години под Ердоган, енормно порасна. Оттука, изборите во Турција и евентуалниот пад на султанот ќе имаат силно влијание по безбедноста на Европа, состојбите во Блискиот Исток и Северна Африка, пошироко стратешки ќе влијаат врз рамнотежата во целиот регион на Средоземјето, па дури и врз политичките состојби на Балканот, особено во Албанија и во БИХ.
На 100 годишнина од основањето на Турската Република од страна на Кемал Ататурк, во земја со 85 милиони жители ќе се соочат пред се двајца многу различни кандидати, политички речиси на антиподите. Од една страна Ердоган со своите 69 години кој почнува да покажува и знаци на здравствени проблеми (пред неколку дена му се слоши за време на интервју), но кој во последните недели, особено преку масовните митинзи во Истанбул и Измир, покажува нова енергија и агресивност, што нормално му помогна и да ја намали разликата во анкетите, а според некои и да го престигне противкандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу.
Ердоган владее од 2002 година, идеолог е на политичкиот Ислам, автор на бројни институционални реформи од авторитарен карактер каде во функцијата претседател ја сконцентрира извршната и законодавната моќ, и секако, татко на нео-отоманската стратегија и доктрината „Сината Татковина“, со цел Турција да ја претвори во доминантна сила во Средоземјето, преку серија на сојузи и диктирањето услови и на големите и на помалите сили.
Киличдароглу: „турскиот Ганди“
Противкандидатот е „бирократот“ Кемал Киличдароглу, 74 годишен, претседател на Републиканската народна партија (ЦХП), попознат како „турскиот Ганди“, поради фактот што успеа да создаде национален сојуз составен од шест партии, почнувајќи од ултра-националистите до левичарите, од Курдите до Зелените, партии различни во се, освен во заедничката волја да се собори Ердоган. Нивните декларирани цели се да се поврати суверенитетот на Парламентот, Турција да се приближи кон ЕУ и САД, да се избркаат речиси 4 милиони сиријски бегалци со кои Ердоган ја уценува Европа, да се врати турскиот лаички идентитет во духот на „кемализмот“ раскинувајќи ги врските со исламскиот фундаментализам, и секако, да се сруши автократскиот систем со кој Ердоган ги присвои институциите и ги погази и репресираше човековите права.
Вистинскиот проблем на обединетата турска опозиција е што не демонстрира алтернативен модел на владеење и не нуди вистински решенија. Нивната сила, но и најголема слабост е што се обединети само во непријателството кон Ердоган. Колку една таква „шарена“ коалиција би се оддржала заедно после изборите, кога веќе на последните митинзи е приметливо дека главниот противкандидат Киличдароглу, зборува помалку и пократко од сите други лидери, нешто што само ја потврдува неговата политичка слабост и анемичност.
Дополнително, тоа ги презентира овие клучни избори како еден вид на „референдум“ околу Ердоган, што пак може да се претвори во силен аргумент во корист на актуелниот претседател и да ги прекрши неопределените гласачи кон негово потврдување. Секако, изборите можат да се видат и како шанса за конечна транзиција од еден автократски модел кон демократска власт, но шареноликоста и слабата коалициска и реформска програма на опозицијата не нуди никакви гаранции на тоа поле. Од друга страна, поддржувачите на Ердоган можат да се пофалат со имиџот на регионална и средно голема сила на Турција, како и со самото влијание на „султанот“, чиј „глас сите сакаат да го чујат“.
Дали нешто ќе се промени по изборите?
Испаѓа дека вистинското прашање за исходот од овие избори, наместо да биде: Што ќе направи опозицијата доколку победи? - се има претворено во: Што ќе се промени доколку Ердоган ги загуби изборите?
Како од политички, така и од геополитички аспект, делува дека многу малку што би се променило во Турција.
И тоа малку што би се променило не личи ни дека има некоја тактичка позадина, туку само и единствено инструментална функција во внатрешното расчистување на сметки помеѓу омразените политички опоненти. Како и Ердоган од своите почетоци, така и Киличдароглу на почеток би им намигнувал и би се смешкал кон ЕУ и САД, со цел да го поврати силното надворешно влијание и да спроведе „демократска“ чистка во институциите и државните апарати, за демек да ја „демократизира“ и „европеизира“ земјата, да ја ослободи од непријателствата и во идеална ситуација, или во превод, да ги припитоми некогашните поддржувачи и клиенти на „султанот“. Видовме ние во далеку поедноставна и помала земја - еднаш соборен режимот, како се спроведува тој процес и кон што води.
Се разбира, опозицијата секако би ослободила неколку политички затвореници, пример Очалан или Демирташ, додека козметички и фасадно би се глумела правна држава. Но, во конкретна смисла и во реалноста, речиси ништо не би се променило. Киличдароглу најавува дека би завзел држење или постура на понагласена антируска и проамериканска позиција. За жал, тоа не може да си го дозволи!
Западот ќе плаче по Ердоган?
Доволно е да го потсетат на атомската централа „Акују“, вистинска енергетска катедрала во Турција од која потекнува и зависноста од Москва. Во исто време, самите советници на Киличдароглу го демантираат во прехрабрите изјави и потоа потврдуваат дека политиката на еквидистанца помеѓу Русија и Украина е во комплетен интерес на Турција и дека од тие причини и ќе продолжи. Киличдароглу не е во состојба ни да се оддалечи, камоли да се ослободи од надворешната политика на Ердоган. Им намигнува на Американците, но во исто време се заканува дека ќе го раскине помирувањето со Израел, ветувајќи дека ќе и наплати на еврејската држава за масакрот на бродот „Мави Мармара“.
Подеднакво, Киличдароглу е пореален или поагресивен од Ердоган кога станува збор за грчкото прашање. До степен да ја потсети Атина дека операцијата врз Кипар во 1974 година ја спроведе Булент Еџевит, како и самиот, некогашен претседател на Републиканската народна партија (ЦХП). Или пак, да направи аналогија помеѓу денешниот грчко-турски конфликт и настаните од 1919-22 година, со грчките сили кои ја окупираа Анатолија, додека националистичките сили на Ататурк ги „фрлија во море Грците“. Оттука, Киличдароглу и на ова поле не би можел да избега од политиките на Ердоган, кои во суштина му беа украдени од Ататурк и стратегијата Турција во Средоземјето да се проектира до Либија, да доминира и така да врши притисок врз Атина, со цел да се остварат поморските и енергетските амбиции на Анкара.
Но, најголемата или најприметлива последица од евентуалниот пораз на Ердоган би била фасадната и инструментална прозападна ориентација на неговите наследници. Киличдароглу ветува дека би ги рестартирал пристапните преговори на Турција со ЕУ за влез во Унијата. Европа во тој случај, како и со Ердоган на почетокот, прво би го примамиле, а потоа би го откачиле, со што овој пат Европа нема само да ја изгуби Турција, туку и дефинитивно ќе ги изгуби Турците. Турција која нормално, за неколку години ќе стане уште побесна, уште по антизападна и уште поголем проблем. До степен што, според идеолозите на ердоганизмот, Западот ќе плаче по Ердоган.
Втор круг е сосема извесен
Како и да е, доколку Ердоган остане на власт ќе добие уште пет долги години власт, цела вечност според современиот ритам и темпо на историјата, со цел и тој и Турција и кој и да дојде на власт потоа, да се потврдат како главен соговорник на САД, ЕУ, Русија и Кина во регионот од Босфорот до Суецкиот канал, од Ормутскиот теснец до Сицилијанскиот канал. Доколку загуби, тогаш пред „турскиот Ганди“ ќе се отворат серија на замрзнати конфликти од Сирија до Либија, од Кипар до Курдистан.
Претседателските избори најверојатно нема да завршат во првиот круг и ќе гледаме „бараж“ помеѓу двајцата противници. Главната тема ќе биде економијата, со галопирачка инфлација од 51% која ја уништи куповната моќ и благосостојбата која Ердоган 20 години ја градеше. Слабото и неефикасно соочување со земјотресот каде загинаа 50 илјади луѓе, уште повеќе ја ослабува неговата позиција и тоа во изборните бастиони на Ердоган. Ако нешто, само тоа може да му помогне на Киличдароглу во победата. Но, Ердоган во повеќе наврати се покажал како жилав борец, способен да излезе од најтешките позиции, користејќи секакво средство на располагање. Како на пример лажни снимки кои наводно го поврзуваат главниот ривал Киличдароглу со курдската работничка партија ПКК, тврдењата дека застапувал ЛГБТИ идеологија и обвинувањата дека бил „пијаница“ или пак, фараонските ветувања за дупло поголеми плати и пензии, како и гратис „Куќа за сите“ што ја изгубиле во земјотресот, нешто околу 300 илјади луѓе.
Ќе биде тешка и неизвесна битка каде изненадувањата не смее да се исклучат
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.