1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Денес тенкови, утре авиони, задутре можеби пешадија

27 јануари 2023

Западната политика на чекор по чекор истурање оружје, евентуално во еден момент нема да биде доволно, и Западот ќе мора да се одлучи на целосно и тотално инволвирање во конфликтот. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4Mll3
Западни тенкови за Украина
Западни тенкови за УкраинаФотографија: Francois Nascimbeni/Eric Feferberg/Wojtek Radwanski/AFP

На крајот, после недели на колебања и натегање Пактот на тенковската коалиција помеѓу САД и Германија, дефинитивно заживеа, поставувајќи основи за нови воени победи на Украинците, но и за една голема политичка победа помеѓу НАТО сојузниците. Евентуалното „Не“ на Германија за испорака на „Леопард 2“ тенковите во Украина ќе отвореше огромна фрактура меѓу сојузниците кои воено ја помагаат Украина, до степен да ги одвои земјите на Источна Европа од остатокот од коалицијата.

Без разлика колку Џо Бајден или Блинкен повторуваат дека целта во Украина е да се избегне Трета светска војна или дека мобилизацијата на„Леопард 2“ и „Абрамс“ тенковитене значат влез на НАТО во војната, Белата куќа не можеше да си дозволи владите кои се чувствуваат најзагрозени од Русија да изгубат доверба во НАТО заштитата. Бајден не може да си дозволи ниту Украина да ја изгуби оваа војна, а уште помалку, одредени влади, пред се во Лондон и Варшава, независно и автономно да одлучуваат за конфликтот, можеби и ризикувајќи понатамошно и драматично проширување на војната. Со овие аргументи Американците најверојатно го убедиле канцеларот Шолц да ги надмине несогласувањата во мнозинството и стравовите од реакцијата на Москва.

Германската влада одлучи на украинската војска да ѝ стави на располагање два батаљона, што би значело 88 тенкови, но за почеток треба да бидат испорачани 14 тенкови од Бундесверот. Други европски партнери кои исто така располагаат со овие тенкови, ќе стават на располагање од своите. Обуката на украинската војска треба набрзо да започне во Германија. Покрај обуката, предвидено е Украина да добие и логистичка помош, муниција и одржување на оклопните возила. Америка ќе ја комплетира рамката со 31 тенк од типот „М1 Абрамс”.

-повеќе од авторот: Џасинда Ардерн и товарот на промените

Во своето кратко обраќање Бајден ја пофали обединетоста на Западот: „Русија очекуваше „финландизација“ на Европа, наместо тоа ќе мора да се соочи со „атлантизација“ на Финска.

Одлуката на Вашингтон и Берлин да испратат западни тенкови во Украина е пред сѐ една силна (гео)политичка порака до Москва, иако квантитетот на тенкови барем во првите неколку месеци не е во состојба да ја промени судбината на војната. Со актуелниот интензитет, на Украина би ѝ биле потребни стотици тенкови годишно со цел да превладее над агресорот и за да се надева на целосно ослободување на окупираните територии. Но, испраќањето тенкови, чија бројка со тек на време сигурно ќе расте, претставува надминување на еден вид на симболична граница во испораката на оружје или во степенот на вмешаност на западните земји во украинскиот конфликт.

Украина Русија војна
И двете страни свесно работат на стратегијата за ескалација на конфликтотФотографија: Metin Aktas/AA/picture alliance

Паѓање на табуата

Ако погледнеме во последните 11 месеци од почетокот на војната до сега, речиси секаков вид на оружје било испорачано во Украина, со исклучок на западни тенкови, борбени авиони и ракети со долг дострел. Тенковите беа едното од овие три табуа. Сега верувам дека е редот и на преостанатите две да паднат, без оглед што Шолц повторува дека црвената линија за Германија е испраќањето воени авиони и пешадија. Веќе е јасно дека како што и за тенковите се дојде „чекор по чекор до одлука“, така ќе биде во иднина и за останатите воени системи. Во меѓувреме украинските пилоти веќе тренираат со американски ловци.

Во моментот кога останатите табуа ќе паднат, тогаш конечно и ќе може да се каже дека Западот не испраќа само одбранбено оружје, туку и чисто офанзивно оружје чија цел е поддржување на украинска контраофанзива за поврат на териториите кои се окупирани од страна на Русија. И ова е мое лично мислење, но верувам дека редно е Западот конечно и експлицитно да ѝ соопшти на Москва, иако тоа го прави имплицитно, дека да, не ја поддржуваме Украина само во одбрана на своите територии, туку и во ослободување на Крим и останатите окупирани територии. Тоа што на почетокот беше помош од само дефанзивен карактер, постепено се промени.

Се разбира стравот дека војната може да напредува во отсуство на ограничувања, дека конфликтот може квалитативно да дегенерира, стравот од тактички нуклеарки или дека судирот може територијално да излезе од границите на Украина, е тоа што ги плаши некои западни канцеларии. Но, веќе ни американските генерали, актуелни или минати, не стравуваат од нуклеарките, свесни дека Русија би требало да ги фрли врз своите војници и окупирани територии, дека моќта на американското нуклеарно одвраќање е огромна или затоа што ни Кина, ни Индија не го поддржуваат Путин во таква авантура.

-повеќе од авторот: Бразилскиот „крвав четврток“ и моделот на Трамп

Конечно, самото испраќање на најсофистицираниот американски и светски тенк „М1 Абрамс”, неговата комплексност, потребата од постојани поправки и резервни делови, ќе значи многу поголемо воено-техничко западно присуство во Украина или блиску до борбеното поле, нешто што само по себе ја прави далеку попорозна линијата помеѓу „прокси“ војна и директен судир помеѓу Западот и Русија. Воедно, Русија досега нема дојдено во контакт со Абрамс тенковите и немала можност да ги проучи, за разлика од германските Леопарди, кои Ердоган без дозвола ги употреби во Сирија токму против руските сили. Тоа кажува до кој степен САД е спремен да ризикува за победа на Украина или барем за да избегне нејзин пораз.

Климата кај сојузниците денес е сменета: Војната во Украина ќе има воена разрешница или нема да ја има! Да се надеваме на дипломатски решенија е убаво и здраво, на тоа со месеци тајно работеа руските и американските емисари со по некој медијатор, но тие контакти остануваат за некое идно примирје или чудесен мир. Сега за сега, сите идни преговори ќе бидат производ на победа на терен на една од страните. Или додека не се дојде до материјално и духовно исцрпување на која било од страните.

Војна на исцрпување

И двете страни свесно работат на стратегијата за ескалација на конфликтот, која после бруталните зимски рововски битки, напролет би требало да добие на сила и на обиди од двете стани за нови освојувања или нови ослободувања. Но, останува фактот дека во Украина сме сведоци на конвенционална војна на исцрпување. Во такви услови на една пролонгирана војна бројките се најважни, односно, квантитативната супериорност на Москва - без силна западна поддршка за Украина - евентуално би преовладала. Тоа значи дека западната политиката на чекор по чекор истурање оружје, постепеното отварање кон нови воени испораки, евентуално во еден момент нема да биде доволно, и Западот ќе мора да се одлучи на целосно и тотално инволвирање во конфликтот.

Конфликтот веќе е претворен во егзистенцијален, како за Русите, така и за Украинците. Кој ќе изгуби, не ја губи само војната, туку и татковината. Во најмала рака, го губи рангот, приматот, престижот, благосостојбата, самиот формат на земјата, наспроти каква била пред 24 февруари 2022. Тоа е неприфатливо и за украинскиот и за рускиот народ. Што значи и за носителите на крајните одлуки, односно, Путин и Зеленски, кои ако направат еден чекор назад, им летаат главите.

Ивор Мицковски
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Америка во клучна улога

Но, победата или поразот нема да се мерат во освоени или изгубени педи или квадратни метри. Ова е веќе светски конфликт. Затоа што сѐ повеќе индиректно се судираат САД и Русија, затоа што Кина како партнер на Москва е дел од равенката, затоа што Иран и Северна Кореја ѝ даваат оружје на Русија. Бидејќи Европа не е опремена за војна, а Кинезите не сакаат да влезат во истата, оние кои што раководат со оваа кланица се суштински Вашингтон, Киев и Москва. Или во превод: Само Америка може да наметне крај на војната!

Постојат три начини за тоа. Првиот е да ја намали помошта за Киев и да го убеди Зеленски дека победата е невозможна, што значи да седне и да направи компромис со Путин. Вториот е да влезе во војната и да ја спаси Украина, а да ја уништи Русија, со ризик да се уништи и себеси. И третиот е да договори примирје со Русија зад грб на Украинците и на нападнатиот да му наметне непосакуван исход и мир.

-повеќе од авторот: Во 2023 најпотребен е мирот

Првото и третото сценарио се мошне неверојатни, додека второто е апсурдно, а сепак можеби нужно. Америка нема никаква потреба од брзање, каде дуелот во кој е заглавена Русија, притоа сојузник на првиот и главен непријател Кина, секојдневно губи огромни материјални и човечки ресурси, и губи скалила во хиерархијата на светските сили. Па сепак, ни Америка, ни Европа не можат да си дозволат една предолга војна која ги отргнува од поважните глобални прашања.

Губењето или трошењето ресурси важи и за Западот, додека Украина губи и човечки животи, но и способност како да ги одржи. Руската предност гледано демографски, воено и материјално е неспоредлива со Украина и факт е дека досега Западот компензираше, но постои ризик, тоа во иднина да не биде доволно. Ако нешто нѐ учи Втората светска војна е дека победува поголемиот производен капацитет, односно, економската моќ, во вакви војни на исцрпување. Русија тука не може да се носи со Западот, но Западот сѐ уште не е во директен судир со Русија. За време на Втората светска војна, нацистичката воена моќ нема да капитулира пред 1944 година, кога авионите на сојузниците ќе воспостават доминација над небото и ќе ги уништат производните капацитети на Рајхот. Украина тоа сама не го може, ниту Москва го може над НАТО земјите, па оттука, оваа војна може да потрае со години и години, а евентуално Украина пак да изгуби.

Наместо тоа, подобро е Западот да размисли да ги турне сите свои воени табуа и црвени линии и да застане отворено на страната на Украина, поштедувајќи се и себеси и Киев и цела Европа, од поголема катастрофа или поголем срам. Ако војната мора да се решава на военото поле, тогаш Западот мора да ја преземе својата одговорност. Тоа значи денес тенкови, утре авиони и ракети, а којзнае, задутре можеби и пешадија.

Кој ќе најде неспремен или многу ќе се двоуми, ќе биде оставен позади од сојузниците. Ние барем знаеме за што вредиме во НАТО, а тоа е пешадијата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.