Украина на „неповратен“ пат кон НАТО
11 јули 2024Уште во пресрет на самитот еден дипломат се жалеше за наводни обиди да се разводни финалниот документ. Друг пак смируваше дека средбата во Вашингтон ќе биде јасна порака за Киев и Москва. На крајот, шефовите на држави или влади уште на почетокот на првиот состанок се договорија дека ќе ја поддржат Украина на „нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатлантска интеграција, вклучително и членство во НАТО".
Потребни натамошни реформи
Истовремено, во декларацијата се посочува дека владата во Киев веќе направила важни реформи во сферата на демократијата, економијата и безбедноста и дека таквите „неопходни напори" мора да се надградуваат.
На прашањето што треба да значи „неповратно" во овој контекст и што ќе се случи ако Украина не ги спроведе потребните реформи, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, не можеше да даде задоволителен одговор. Тој сепак оцени дека тоа е јасна порака „оти навистина сакаме членство на Украина и дека ќе соработуваме со неа за да се постигне целта“.
Дали декларацијата е „огромен напредок“?
За организација како НАТО, која се базира на консензус, декларацијата е „огромен напредок“, напиша во една изјава Рејчел Ризо, безбедносен експерт на американскиот тинк-тенк Атлантски совет. Во документот Русија се опишува како „најголема закана за безбедноста на сојузниците". НАТО ја нарекува Кина „клучен помошник" во руската агресија. Ризо сепак признава дека големи прашања во декларацијата остануваат неодговорени, како на пример „што ќе се случува до конечното членство на Украина кое може да се случи и по децении?"
Декларацијата од Самитот оди „во вистински правец“ и над тоа што беше ветено на самитот во Вилниус пред една година, изјави за ДВ Михал Барановски, надворешнополитички експерт на Германскиот Маршалов фонд (ГМФ). Тој додава дека таа сепак „не е ни огромен напредок“.
Мост кон членство на Украина во НАТО
Многу поважен за Барановски е пакетот помош што беше усвоен во Вашингтон и кого Алијансата го означува како „мост кон членство“. Во Вашингтон шефовите на држави и влади ветија воена помош од најмалку 40 милијарди евра за Украина за следната година. Европејците треба да преземат поголема одговорност за воената помош. Во германскиот град Визбаден ќе се основа нов команден центар од којшто ќе се координира испораката на оружје за Украина, како и обуката на украинските војници во Европа.
Плановите на Трамп за Киев
Со таквата одлука НАТО сака долгорочно да обезбеди помош за Украина, пред сѐ во случај Доналд Трамп да победи на претседателските избори во САД во ноември годинава. Тој повеќепати нагласи дека би ја завршил војната во Украина за 24 часа.
Многумина во НАТО стравуваат дека окупираните територии би ѝ ги препуштил на Русија и би ја скратил воената помош за Украина. Уште за време на неговиот прв мандат во Белата куќа, Трамп го ставаше под прашање НАТО и ја критикуваше пред сѐ Германија за ниските издатоци за одбраната. Во меѓувреме Берлин успева да ја исполни квотата и троши 2,1 проценти од БДП за одбрана.
Ветени дополнителни антиракетни системи
Во Вашингтон германскиот канцелар Олаф Шолц се состана со Володимир Зеленски, кој му се заблагодари „за воздушната одбрана“.Германија, САД и другите сојузници на Украина ѝ ветија уште пет антиракетни системи, два помалку отколку што бараше Зеленски.
Данска и Холандија започнаа со испорака на Ф-16 за Киев. Украина летово ќе има „подготвени Ф-16", се вели во заедничката декларација.
Денеска (11.07) Зеленски ќе учествува на заеднички состанок на шефовите на држави и влади од земјите членки на НАТО, но нема да ја добие поканата за членство на која се надеваше. САД и Германија се против тоа поради страв од можна конфронтација со Русија. Експертот Барановски потцртува дека усвоениот пакет помош е значаен и голем, додека Ризо констатира дека мостот кон членство конечно добил контури.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик