1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Урсула фон дер Лајен: Реформи и инвестиции за Западен Балкан

ДТЗ
30 октомври 2023

„Прозорецот на можности е отворен - ајде заедно да го искористиме овој момент“, порача од Скопје претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

https://p.dw.com/p/4YBfT
Северна Македонија Скопје | Урсула фон дер Лајен и Димитар Ковачевски во Скопје
Реформи и инвестиции за Западен Балкан: Урсула фон дер Лајен и Димитар Ковачевски во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Секогаш е задоволство да се биде во Скопје и да се посети оваа прекрасна земја. Тука сум да ви кажам дека сте на добар пат да се приклучите во Европската Унија. Со нетрпение очекувам да ве пречекаме таму“, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во официјалната посета на земјата. На заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски таа го пофали напредокот кој го има постигнато земјата на патот кон Унијата. Изрази надеж дека сите партии ќе ги поддржат уставните измени коишто се важен дел од процесот на пристапување кон ЕУ,  бидејќи „ова е моментот кој треба да се искористи“. 

„Прозорецот на можности е отворен - ајде заедно да го искористиме овој момент“, порача таа. На оптимизмот на премиерот Ковачевски дека земјата до 2030 година може да стане членка на Унијата, претседателката на Европската комисија возврати: „Процесот не е толку строг, се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум, може да се случи и побрзо“. 

Изборот е ваш

Урсула фон дер Лајен оцени дека е импресивен напредокот кој го постигна Северна Македонија изминатата година. „Еден ден сигурна сум дека ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот уникатен идентитет и сопствен јазик. Веќе имаме 24 различни јазици во ЕУ, а еден ден ќе го вброиме и македонскиот јазик меѓу нив“, вели таа. 

Нејзината оценка е дека скриниг процесот се одвива беспрекорно и дека се стремат да ги отворат преговорите за кластерот „Основи“ оваа година. „Мислам дека можеме да го направиме тоа. Првите чекори за смена на Уставот веќе се преземени во Собранието“, порача таа и додаде:

„Изборот е ваш, затоа навистина се надевам сите страни и партиите ќе ги поддржат уставните промени, оти се работи за вашата иднина и сите партии имаат одговорност за тоа. Сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ и се надеваме дека тоа ќе биде поддржано од широко мнозинство“.

Северна Македонија Скопје | Урсула фон дер Лајен
„Прозорецот на можности е отворен - ајде заедно да го искористиме овој момент“, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер ЛајенФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција со претседатeлката на Европската комисија, изрази надеж дека партиите коишто се против промената на Уставот ќе покажат „дека се за европска иднина на државата, бидејќи сега има отворен прозорец за пристапување кон ЕУ“. Иако пораките беа упатени кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ која што не ги поддржува уставните измени, со кои Бугарите треба да бидат внесени во Преамбулата, претседателката на Европската комисија овојпат не најави средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто нема да се сретне со Мицкоски, Фон дер Лајен рече дека „каде и да оди, при посетите секогаш се среќава со шефот на државата или шефот на владата“.

Инвестиции и реформи

Во фокусот на посетата на Скопје се најде новиот план за економски развој на Западен Балкан кој неодамна беше презентиран на Самитот на Берлинскиот процес во Тирана. Реформи и инвестиции - тоа накратко се очекувањата и ветувањата од ЕУ за забрзан развој на земјите од Западен Балкан. 

„Подготвени сме да почнеме со распределба на 100 милиони евра за макроекономска поддршка. На компаниите им даваме пристап до единствениот европски пазар. Бараме од вас да го отворите вашиот заеднички регионален пазар, кој може да го зголеми БДП за 10%. Доаѓаме со инвестиции – четири милијарди евра пакет за реформи“, најави Фон дер Лајен.

Но, во исто време потенцираше дека се потребни позитивни реформи за бизнис средината, ефикасна јавна администрација и подобрена бизнис средина. „Треба да се продолжи со реформите за независност на судството и борба против корупцијата“, децидна е таа.

Урсула фон дер Лајен и Стево Пендаровски
Претседателката на Европската комисија во неделата попладне (29.10) допатува во Скопје, по што имаше средба во вила Водно со претседателот Стево ПендаровскиФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Претседателката на Европската комисија во неделата попладне (29.10) допатува во Скопје, по што имаше средба во вила Водно со претседателот Стево Пендаровски. Според соопштението од претседателскиот Кабинет, Пендаровски и Фон дер Лајен разговарале за процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, за актуелните политички случувања во Северна Македонија и за тековните состојби во регионот, и во таа насока биле разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг прoцесот и за динамиката на спроведување на реформите. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема