Очигледно е дека битката против самите себеси ќе ја добиеме. Последните бројки од истражувањата на јавното мислење, но и амбиентот во општествениот дискурс, се прилично јасни – нашето општество се движи во обратен правец од оној кој го пропагираат светските современи вредности. Уморни од кризите, лути на политичките елити, незадоволни од животот, а притоа со се помала толеранција за рационалното, и се поголем апетит за национализам и популизам, дебатата забрзано се претвора во арена на негативни саундбајти, на паролашки изблици на негативен сентимент, кој дарежливо го распространуваме кон сите околу нас, труејќи го притоа и амбиентот, но и она што е останато од нашата ментална хигиена. Се прашувам, ќе најдеме ли сили да се спротивставиме на дефетизмот кој станува доминантна матрица кај нас, и ако да, како?
Албанофобија
Најнапред, успешно се мобилизиравме во една општа, неодредена, амбивалентна, албанофобија. Иако коренот на тој сентимент не е етнички, туку станува збор за незадоволство од функционирањето на правниот поредок, дебатата не успеавме да ја задржиме таму. Фокусот кон корумпираноста на некои поединечни политичари (Албанци или не, сеедно) некако премногу лесно се претвори во сеопфатна мантра „премногу се даде на Албанците“. Да бидеме на јасно: огромен дел од нашите сограѓани Албанци се чесни, работливи луѓе кои оваа земја ја сметаат за своја, и процентот на оние кои таквата позиција ја злоупотребуваат, останува минимален, и не е поголем одошто кај Македонците.
Но, во целата лесна, приземна дебата, одеднаш почнаа да ни пречат и нормалните работи: што Албанците можат да зборуваат на свој јазик (како да тоа не спречува нас да зборуваме на нашиот), што имаат правична застапеност во вработувањата (иако работник не можеш да најдеш ни за лек), што нивните политичари веќе извршуваат значајни функции (демек другите се од чисто злато, ама не можат да се истакнат), и така натаму. Го изгубивме капацитетот за толеранција и забрзано стануваме исклучително етнофобични, што е катастрофално погрешна тенденција, бидејќи порано мултикултурализмот беше еден од нашите најголеми адути. Во недостаток на капацитет да се соочиме со сопствените предизвици, најдовме виновник – тие, другите, кои не се „наши“ - класичен пасивно агресивен изблик на патолошки популизам.
Преговори со ЕУ
Потоа, ги вложуваме сите напори да не ги продолжиме преговорите со ЕУ. Без никаква алтернативна стратегија, на база на самопрогласената илузија дека нам ЕУ нешто ни должи – демек тие не молат, а ние нешто се фемкаме – создадовме погрешна перцепција за динамиката на односите. Несигурни во сопствениот идентитет, и во класичен манир на страшливец, со појавна манифестација на агресија, упорно се спротиставуваме на сите напори на светот да не избави од државната адолесценција и да не внесе во друштвото на возрасни држави. Од страв да не доживееме туѓа блокада, ние сме на најдобар пат да се блокираме самите себеси, мислејќи дека ЕУ кога-тогаш, ќе мора да попушти пред нашето разгалено инаетење. Моја проценка е дека ако не успееме да се надминеме во она малку време што ни останува, има така да треснеме од земја, што газот ќе не боли најмалку една деценија. ЕУ ќе се обиде, ние успешно ќе најдеме проблем за секое решение, и… толку. Ќе дојдат избори во ЕУ за нов парламент, тој ќе биде помалку расположен за проширување од овој, политичките елити во унијата ќе се вратат на позициите „прво реформи, после проширување“, тие реформи ќе значат отворање на повелбите (читај 5-8 години), а нас без никаков проблем ќе не заборават додека не се освестиме. Зашто, на крајот, одговорноста, но и цената за тоа одложување, ќе ја платиме ние, а не тие.
Учење од сопствените грешки
Дополнително, бројките од истражувањата на јавното мислење јасно покажуваат дека сме станале разгалени, себични, цинични и дефетисти по прашање на сопствената судбина. Незаинтересираноста за било какви прашања надвор од нашиот сопствен микрокосмос (пари, позиции), ниското ниво на политичка ангажираност, каде ниту една партија не може да се пофали со висок рејтинг, цинизмот кон општеството, недостатокот на доверба во институциите, недостатокот на желба за промена на состојбите – сето тоа се индикатори на општество кое, во основа, се откажало од надеж, од желба за промени и реформи. Наместо енергија за напредок, за менување на состојбата, ние нашата енергија сме ја насочиле кон ефтин, агресивен, нерационален популизам, напати маскиран како патриотизам, но и како граѓански активизам. Овој последниот феномен е можеби и најзастрашувачки, зашто во неколку наврати изгледа како „лов на вештерки“ – прво напаѓаме, па после прашуваме што се случило. Овој тренд на активна агресивност кон естаблишментот не е погрешен, но на долг рок може да ја убие либералната идеја во општеството, зашто ќе ја направи токсична за рационалните, умерени индивидуалци – така, безмалку се гарантира победата на популизмот и национализмот.
На крајот, се прашувам, имаме ли ние воопшто излез од овој, очигледно погрешен циклус, или едноставно, ќе мора да го преживееме и да си ја платиме цената? Постојат ситуации во едно општество кога ресет е можен (мислевме дека преговорите со ЕУ се најдобрата шанса за такво нешто), но ние упорно работиме на тоа таа шанса да ја пропуштиме. Можеби едноставно, ќе биде неопходно да научиме (повторно) од сопствените грешки, наместо од туѓите совети.