За една недела 25 нови случаи на голема кашлица
5 август 2024Расте бројот на заболени од голема кашлица во Северна Македонија. За една недела, во периодот од 26 јули до 1 август се пријавени 25 нови случаи на пертусис. Од нив, тројца се хоспитализирани, информираше Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во најновиот извештај на ИЈЗ се наведува најголем дел од случаите се пријавени во Скопје - 13, а пријавени се и 10 случаи од Куманово и по еден случај од Битола и од Тетово. Возраста на заболените се движи од два месеца до 50 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години.
Во однос на вакциналниот статус на заболените, 17 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, додека петмина се комплетно вакцинирани.
До 1 август регистрирани се вкупно 981 случај на голема кашлица, што претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.
Од вкупниот број заболени или 981, кај 974 лица се регистрирани симптоми, додека болеста кај седуммина е во асимптоматска форма. Од 18 јануари до 1 август дадени се вкупно 62.184 дози вакцина со компонента против голема кашлица.