Зеленски, претседателот кого Путин го потцени
24 февруари 2023Тоа е светски рекорд - ниеден шеф на држава нема држeно говор секој ден во споредлив временски период. Володимир Зеленски се обраќа на таков начин речиси една година, секојдневно. Видео-пораките на украинскиот претседател, понекогаш снимени во неговата канцеларија, а понекогаш во засолниште, се негова воена хроника. Тие се документ за неговата и промената на неговата земја по руската инвазија.
Ретроспектива: 23. февруари 2022. година, неколку часа пред рускиот напад на Украина, Зеленски сними посебен говор. Им се обрати на своите сонародници и првенствено на граѓаните на Русија, обидувајќи се да ја спречи претстојната војна. Повика на излегување на протести во Русија и предупреди: „Акo нѐ нападнат, ако некој се обиде да ни ја земе нашата земја, нашата слобода, нашите и животите на нашите деца, ние ќе се браниме“, рече Зеленски на руски јазик. Тоа е последен пат тогаш 44-годишниот политичар да е виден уредно избричен, во костум и со вратоврска. „Ако нападнете, ќе ги видите нашите лица, а не нашите грбови“, рече. И го одржа своето ветување.
„Потребна ми е муниција, а не превоз“
По нападот, Зеленски и неговата влада останаа во главниот град Киев, па дури и во време кога руските трупи напредуваа кон предградијата. Многумина тоа ги изненади. Пред сѐ рускиот претседател Владимир Путин очигледно сметаше дека Зеленски ќе побегне во западна Украина или во странство. Такви понуди веројатно имаше. Одговорот на Зеленски, пренесен од новинската агенција АП, сега е веќе легендарен: „Потребна ми е муниција, е на превоз.“ Додуша, нема докази дека тоа токму така го формулирал, но пораката е таа која доаѓа до израз. Таа на Зеленски му донесе многу симпатии во странство и го зацврсти борбениот дух на неговите сонародници.
Зеленски е и симбол на свртување за 180 степени. Во неделите спроти агресијата, многумина беа збунети од неговото однесување. Кога западните тајни служби и шефови на држави предупредуваа на претстојна руска инвазија и го повлекуваа персоналот од своите амбасади од Киев, Зеленски реагираше чувствително, со недоверба и критика. Подоцна тоа го објасни со желбата да избегне паника. Но, рускиот напад сѐ промени.
Камерата – најсилното оружје на Зеленски
Во својот говор на 24. февруари 2022. година, првиот ден од војната, претседателот беше облечен во маслинесто зелена блуза. Воен дрес кој е негов заштитен знак сѐ до денес, како и тридневната брада. Таков го познава цел свет, таков се појавува во безброј интервјуа и на насловни страници.
На вториот ден од војната го сними еден од своите најважни и најпознати спотови. На отприлика полуминутната снимка, се гледаат Зеленски и државниот врв на Украина пред претседателската зграда во Киев во вечерните часови. Основната порака гласи: „Сите сме тука, остануваме и се бориме.“
На почетокот беше спремен на отстапки кон Москва, на пример во врска со желбата на Украина за влез во НАТО. Но, по дознавањето за првите злосторства на руската војска и анексијата на додатни области, отфрли секакви компромиси. И знае дека мнозинството луѓе се на негова страна.
Како воен претседател, Зеленски се потпира на она што го знае најдобро: комуникација. Камерата стана негово најсилно оружје. Зеленски снима видеа во градот, шири доверба, се однесува човечки, пронаоѓа вистински зборови. Исто така постојано патува на фронтот, се среќава со војниците, беше во ослободениот Изјум или опколениот Бахмут. Во некои говори Зеленски користи снимки од украинските градови уништени од руската војска.
Неговата популарност, која стрмоглаво падна пред руската инвазија, од почетокот на војната трипати се зголеми. Моментално го поддржуваат 80 до 90 проценти од украинските граѓани. Како Владимир Путин можеше толку да го потцени?
Путин не го сфати сериозно Зеленски
Одговорот можеби лежи во необичната кариера на младиот претседател. Зеленски ја смени професијата и во 2019 година неочекувано стана претседател. Пред да се кандидира, беше успешен комичар, актер и продуцент.Некогаш го забавувал тогашниот руски претседател Дмитри Медведев на сцената за време на посетата на Украина. Се случи речиси исто како во популарната сатирична серија „Слуга на народот“, во која Зеленски глумеше наставник во училиште, кој подоцна се издига до шеф на државата. Тоа е една од причините зошто руското раководство не го сфаќаше сериозно и постепено стануваше сѐ поиритирано од тоа што Зеленски како претседател не сакаше да прави веќе отстапки.
Како комичар кој зборува руски, Зеленски со години го исмеваше т.н. „украинизам“ и прозападните политичари. Од друга страна, прорускиот претседател Виктор Јанукович во своите шеги го третираше релативно благо. Негуваше одлични контакти во Русија, а таму заработуваше и по анексијата на Крим. Некои во Украина тоа многу му го замеруваа.
Руската инвазија беше пресвртница. Критиките на сметка на Зеленски стивнаа. Успеа да увери бројни скептици, главно поради тоа што остана во земјата и не побегна. Тоа исто така може да е последица на неговата социјализација. Зеленски, имено, израснал во Криви Рих, работнички индустриски град во југоисточна Украина.
Иако како син на универзитетски професор бил привилегиран, неговата генерација ги преживеала последните тешки години на Советскиот Сојуз, одбележани од полукриминални кодекси на однесување. Една од лекциите од тоа време била: од судири не се бега. Кога Путин ја нападна Украина, Зеленски можеше да го искористи и тоа искуство. Газдата на Кремљ тоа го потцени. Путин кон украинскиот претседател се однесуваше како кон неискусен слабак за кого веруваше дека брзо може да го порази.
Добри односи со Запад
На Зеленски не му оди сѐ мазно, неговата влада не е без мани. Некои водечки политичари мораа да заминат, а без функции останаа и блиски пријатели на Претседателот. Самиот претседател предизвика негативни реакции во странство кога во ноември потврди дека руски проектил паднал на територија на Полска, при што загинаа две лица. Според американски информации, станувало збор за украинска противвоздушна ракета.
Но, тој инцидент е исклучок. Зеленски за своја примарна задача го смета обезбедувањето поголема помош за земјата преку присуство во медиумите. Непрекинато апелира на западните политичари и бара – некои велат моли – за оружје.И тоа го прави со успех, зашто се испорачува сѐ повеќе и повеќе. Ниеден претседател не одржал толку многу видео-обраќања пред парламенти или конференции ширум светот како Володимир Зеленски. И тоа е исто така светски рекорд.