Воскресение под будното око на полицијата
14 април 2017Министерството за внатрешни работи соопшти дека во пресрет на претстојните велигденски празници ќе преземе низа безбедносни мерки и активности, согласно сo оперативните планови за работа, а во насока на заштита на јавниот ред и мир, и безбедноста на објектите и на граѓаните.
„Со оглед на глобалните терористички закани во кои што цели се и верски објекти (како што беа неодамнешните напади во Египет, потоа таргетирањето на земјите од Балканот, меѓу кои и Република Македонија, а вклучително и масовните собирања на граѓани), од страна на терористичката ИСИЛ, МВР ќе ги зајакне безбедносните мерки и активности во наредните денови на целата територија на државата“, соопшти полицијата.
Соопштението предизвика и вознемиреност и прашања меѓу граѓаните во предвечерјето на четиридневното празнување, со оглед дека глобалните терористички закани не се од вчера, но и поради тоа што полицијата досега не примени зајакнати мерки иако во изминатите 40 дена во континуитет имаше масовни собирања (протести) во земјата.
Анализа или претпоставка?
Од МВР не коментираат врз какви сознанија се темели одлуката за зајакнати мерки, а некои од безбедносните експерти имаат одредени сомнежи околу нивната основаност.
„Точно е дека е потребно да се превенира, но тоа превинирање мора да се заснова на точни и прецизни информации, а не да се заснова на терористички акти извршени од страна на ИСИЛ ширум светот, со гола претпоставка дека и кај нас би можело да се случи“, вели Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање. За да се зголемат безбедносните мерки, укажува тој - потребно е да се изготви анализа која е патоказ за обемот и начинот на нивно спроведување, а секоја анализа се базира на збир од информации добиени по оперативен пат, од оперативни врски или информации добиени по електронски пат со следење на комуникациите.
„Мора да бидеме реални. Постојат многу причини поради кои разузнавачките служби во ваква консталација не се во можност да одговорат на вака важни задачи од витално значење за државата. Со носење на законот за лустрација оперативните врски на службите беа јавно објавени, така што поради овие причини службите останаа без 'основното средство за работа'. Второ, во последниве десет години беше извршен 'масакар' со отстранувањето на професионалците од службите и нивно безмилосно полнење со неедуциран партиски кадар. Разузнавачките служби, и она малку што го сработуваат во своите извештаи без никаква потврда на веродостојноста, информациите ги квалифицираат како најверојатно, можеби или претпоставено. Ангажирањето на полицијата кое се заснова на вакви информации, чини многу пари, заканата никаде ја нема, а единствено видливото и зголемено присуство на униформирани полицајци во јавноста - влева страв кај граѓаните дека нешто страшно се подготвува. Вакво сценарио и тоа како му е потребно некому во овој тензичен момент“, вели Пивоваров.
Алиби за постпразнично дејствување
Токму по прашањето за можни „сценарија“ се вртат разни шпекулации во политичките кулоари. Според една, зајакнатите мерки во пресрет на велигденските празници се „алиби“ за однапред да се оправда засилено присуство на полицијата по празниците, во контекст на можен расплет на блокадата во парламентот. Пратеници од СДСМ пред празникот најавија дека согласно со Уставот и деловникот, „во многу брзо време мнозинството во Парламентот ќе ја преземе обврската и одговорноста и за избор на претседател на Собрание, и за избор на новата реформска Влада“. Од иницијативата „За заедничка Македонија“ изјавија дека во текот на празниците нивните активности ќе мируваат бидејќи Собранието не работи, но дека „ја следат ситуацијата, подготвени, на готовс“, а од вторник продолжуваат со протестот.
Според други шпекулации, се стравува од инсценирање на одреден „инцидент“ со цел подолготрајно да се одложат процесите во парламентот, а како единствено приоритетно да се издигне прашањето за безбедноста. Причините за ваквите шпекулации, според аналитичари, произлегуваат од бројни индиции за партизација на полицијата, што ја еродира довербата во неа.
Македонец осуден во Италија
Во недостиг од јасен одговор што мобилизира кон зајакнати безбедносни мерки - превентива од терористички закани, процесите во парламентот или сето тоа заедно, останува да се анализираат јавно достапните податоци. Во однос на заканите од терористички акти,во последниве две години фокусот е ставен на повратниците од Сирија. Претседателот Иванов пред две години соопшти дека во Сирија имало 110 борци од Македонија, од кои 25 загинале, а 69 се вратиле во земјата. Во оперативната акција „Ќелија“ која започна на 6 август 2015. година, беа собрани докази за лица од Македонија кои учествувале во паравоени формации, врбувале лица да се приклучат во нив и собирале финансиски и логистички средства. Тогаш беа извршени 28 претреси во Скопје, Гостивар, Тетово, Куманово и Струга и беа уапсени 9 лица, а подоцна во други акции од слобода беа лишени уште неколку. По една година податокот за бројот на повратници од Сирија се зголеми за десетина, но до денес нема информации дали се лоцирани и дали се следи нивното дејствување. Пред два дена, судот во Венеција на процес затворен за јавноста осуди еден државјанин на Македонија и еден на Словенија за регрутирање борци за ИСИЛ. Македонскиот државјанин Ајхан Веапи (39) кој лани бил уапсен во Италија, е осуден на казна затвор од четири години и осум месеци, а Словенецот Рок Жавби (30), на три години и четири месеци. Веапи е првиот македонски државјани осуден во Италија за џихадизам, во притвор чека судење уште еден Македонец, но оваа вест не беше објавена во земјава, што јасно говори за „третманот“ на темата.
Затоа пак, во духот на празникот, на сите ѕвона е објавено дека македонски железници пуштиле „Велигденски воз“ од Скопје до Гевгелија, украсен со мотиви од велигденското чествување. Дали и тој ќе биде под засилена контрола на полицијата - не се знае. Ниту на какви „шини“ ќе се стават мерките на МВР: општо-безбедносни или постпразнично - собраниски.