1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За бдејачите некогашни, под ѕвезденото летно скопско небо

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
25 јули 2022

Скопските лета во детството мирисаа на леснотијата на животот, на секојдневието кое токму со својата едноличност и скромност сугерираше спокој и заштитеност. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4EaTO
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Во минатата недела, по еден од најтоплите денови во ова лето во Рајнланд, откако доцна по полноќ низ ширум отворените прозорци во куќата почна полека да провева уште кревката ноќна ладовина, нешто ме потсети на една дамнешна атмосфера на дом и заштитеност од времето кога бев дете во Скопје. Како некој одамна заборавен, древен ред на животот во Македонија да проблеснуваше за мене низ темната ноќ, додека стоев крај ширум отворениот прозорец и го набљудував магичниот блесок на огромната полумесечина на небото. Минатото лето во иста таква јулска ноќ, мирисот на дождот, кој доцна во ноќта со силно грмење се истури кратко врз земјата, оставајќи зад себе врз вжештениот асфалт белосиви влажни сенки, ме пренесе за миг во  скопските лета,  кога доцна вечерта низ прегреаните скопски улици поминуваше „прскалицата”. И си реков, секое лето ќе пишувам една колумна за магијата на летото!

Тивките гласови на соседите, кои уште седеа во градините, потонати во сивосребрениот мрак на Северот, мигновено ме пренесоа во вечерите, долги како море, во дамнешните скопски лета, кога се чинеше дека никој уште не може да склопи око во прегреаните одаи. Ми се пристори дека можев да го почувствувам тешкиот воздух на скопските доцни јулски вечери, во кој уште лебдеа трагите од мирисот на лесните летни манџи, кои се готвеа откако малку ќе заладеше во домовите. Скопските лета во детството мирисаа на леснотијата на животот, на секојдневието кое токму со својата едноличност и скромност сугерираше спокој и заштитеност. Во такви летни ноќи во темницата веќе трепереше опивно силниот мирис на цвеќињата што се отвораа само во ноќта. Веројатно затоа тие имаа толку таинствени имиња како „анамска рака“ и „ноќна фрајла”. Ми стана јасно дека името „ноќна фрајла“ на германски би гласело „Nachtfräulein". Веројатно македонското име потекнува од германското. Тоа беше цвеќето кое го имаше речиси во секоја бавча во детството во Скопје. Денес е веројатно одамна „излезено” од мода. Меѓутоа, за мене магијата на летото е, пред се‘, во богатството на мирисите, билките и цвеќињата во градините, на плодовите врз тезгите на пазарите на Југот, во Македонија, во Грција или во Италија.

Магијата на скопските летни ноќи

Во горештите скопски лета ноќите за мене имаа магичен блесок. Животот тогаш за два-три часа се преместуваше во градините, во дворовите, на терасите пред влезовите на куќите. Таму бдееја во ноќта не само помладите, туку и старите, особено бабите во црнина, потонати во спокој и молк, со поглед полн со приказни, за кои само тие знаеја дали се тажни или радосни. Тие што се враќаа со последниот автобус во приградските населби, како таа во која живеевме по земјотресот, додека минуваа по улицата, по придушените, тивки гласови во темницата веднаш знаеја кој од соседите е уште буден. И кусо застануваа, посакувајќи им на бдејачите соседски речиси со шепот лека ноќ, чувствувајќи се притоа небаре сите штo беа будни по полноќ во таа ноќ да беа припадници на некој посебен таен ред на восхитеници од магијата на скопските летни ноќи. Како што само уште во Охрид, небото скопско наутро се чинеше толку азурно сино, што во воздухот можеше да се помириса мирисот на морето. Невидливо за очите, но толку блиско за фантазијата, разбудена од блескавото синило. Едно време дури имав своја теорија за блесокот на скопското летно небо. Според неа, некои тајни топли ветрови преку Виа Егнација ги носеа се‘ до Скопје, во Јустиниана на прочуениот источноримски цар Јустинијан, мирисите на Јадранското Море и на Рим, вечниот град. Така и летните ноќи во Лазарополе ми се чинеа толку густо накитени со големи ѕвезди, што џагорејќи се постојано во небото, верував дека не чекориме по прочуените ливади лазоровски, туку минуваме низ тајни патеки небесни, допирајќи ги со раце ѕвездите.

-Други колумни од авторката: Да се биде писателка на „непостоечкиот“ јазик

Толку е уште силно присутно во мене сеќавањето на скопските летни ноќи, што тие се втопија во моите келнски ноќи, зашто каде што сум јас, таму е секогаш и Македонија и Скопје. Затоа деновиве толку јасно пак ги помирисав „ноќните фрајли” и „анамските раце” од скопските стари градини и овде, во градот на Рајна. И ми се стори повторно дека под чудесното ѕвездено јужно небо во Скопје во дамнешните лета се беше збрало сето човештво, небаре чекаше на некое летно чудо. Или луѓето бдееја во ноќта токму затоа што само во такви летни ноќи тие сознаваа дека чудото на кое чекаат се случува секое утро, кога ни е подарен нов ден, та од возбуда тоа сознание им го одземаше сонот. Затоа не можеа до мугрите да заспијат, чекајќи го изгревот, за да го поздрават чудото на новиот летен ден. Токму така треба да се доживува секое лето, си велам денес. Како чудо и небески знак, како епифанија и огномет.

Sternenhimmel, high detailed starfield background
Ѕвездено небоФотографија: picture-alliance/blickwinkel/M. Gann

Во дамнешните скопски летни ноќи сите прозорци и врати во куќите беа ширум отворени, а зад нив, во полутемните одаи чекаа на спијачите подготвените кревети со белата памучна постелнина од социјалистичките фабрики. Само на најуморните или на тие кои требаше во мугрите да појдат на работата во утринската смена, прегреаноста на одаите не им пречеше веднаш да потонат во длабок сон. Останатите членови на фамилиите седеа долго во дворот и тивко разговараа. Малечките деца лежеа заспани во скутот на бабите или мајките, а кога некој ќе се сетеше на лубеницата, која цел ден беше ладена во фрижидерот, тогаш и во два часот по полноќ се уживаше долго во највкусното „разладување” во летните горештини.

Најчесто доцна во ноќта возрасните ги раскажуваа најнеобичните приказни и ги водеа најлуцидните разговори. Подоцна, кога пораснав, мајка ми, мојот покоен брат Наум и јас бевме изразитите „ноќни птици” во фамилијата. Во ноќта нашиот ум небаре уште повеќе се бистреше и ни стануваа лесно разбирливи многу сложени проблеми, но и фантазијата ни се брануваше на неповторлив начин. Неретко мајка ми одеше во три по полноќ во кујната и набрзина ни пржеше малечка ноќна закуска, додека ние двајцата продолжувавме да разговараме. Знаевме дека никој од нас тројцата не беше особено гладен. Мајка ми со тоа само го славеше вечното чувство за домот, но и благодарноста за него. Тоа беше чувството за дом и припадност, што останува вечно живо и тогаш кога тие што биле со нас не се повеќе живи, како мајка ми и брат ми. Затоа тие се силно присутни крај мене во секоја ѕвездена летна ноќ, во секоја градина во која цути „ноќна фрајла” или „анамска рака”, во секоја миризма на пржено месо, во лето, доцна после полноќ.

-Други колумни од авторката: Многујазичноста на ЕУ и бугарското непризнавање на македонскиот јазик

Паметам ноќи од детството во  егејското гето  крај Автокоманда, кога во темницата почнуваа да треперат светулките. А кога во далечината ќе одекнеше писокот на возот за Белград или Атина, се чинеше дека во такви летни ноќи беа отворени сите светови, видливите и невидливите, и се‘ беше можно. За мене, детето, тогаш околниот воздух оживуваше со приказните на бабите за вилите и самовилите, заради кои ние, децата, не смеевме да излегуваме после полноќ во мракот, а тоа ме застрашуваше, но и ме пленуваше.

Чувството на припадност

Во оваа горешта германска ноќ го почувствував тој стар ред на летниот живот на Југот, во Македонија толку силно, што ми се чинеше дека повторно сум таму, а крај мене седат сите тие кои повеќе ги нема видливо со нас. И ме потсетуваат на нешто што се чини дека е одамна заборавено во сегашниот ред на животот во Македонија: чувството на припадност на нешто многу големо, кое правеше ние, децата родени во педесеттите, да веруваме дека Македонија е многу голема земја. Затоа што секојдневно ја доживувавме предаденоста на нашите родители на изградбата на земјата во духот на зедништвото. Можеби јас тоа го доживував многу силно затоа што моите родители беа егејски бегалци, на кои државата не им додели стан и работа, како што често се размислува според негативниот стереотип за Егејците. Иако почнаа од нула, затоа што се‘ изгубија со бегството од Грција, а пристигнаа преку границата во Македонија само со облеката на себе, најмалото достигнување, купувањето на најобичните нешта за домаќинството за моите родители имаше длабоко симболично значење. Затоа што, откако го загубија своето „дома” во Егејска Македонија, тие, повторно, секој ден создаваа нов дом, со чесна работа, самопрегор, штедливост и голема морална сила. Учев од моите родители дека домот е скапоцен само кога неговите врати се отворени за другите. Одамна ми стана јасно дека ова чувство за животот денес во Македонија уште го сочувале многу луѓе, но тие со секоја година стануваат се помалубројни. Знам дека тие денес многу страдаат поради загубата на тој достоинствен, чесен самопрегорен ред и етос на животот, во кој генерациите на нашите родители ја градеа Македонија како дом за сите, под чудесното ѕвездено небо на Југот.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.