1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Заборавен, потиснат, оспоруван

Зоран Арбутина
27 јануари 2018

Националистите во Србија и во Хрватска упорно настојуваат да ја ревидираат историјата и да ги релативизираат фашистичките злосторства.

https://p.dw.com/p/2rcJL
Serbien Ex-Konzentrationslager Sajmiste in Belgrad
Фотографија: Imago/ecomedia/R. Fishman

Во јуни 1942 година, една телеграма од Белград стигна во Главната канцеларија за безбедност на Рајхот (РСХА) во Берлин. „Србија е без Евреи“, јави гордо полковникот на СС единиците Емануел Шефер, командант на безбедносната полијца во Србија, на својот непосреден претпоставен- Хајнрих Химлер. Така Србија стана првата земја во Третиот Рајх која соопшти дека успешно ја постигнала целта „конечно решавање на еврејското прашање“ онака како што го прокламираа нацистите.

Некои од околу 12.500 Евреи во Србија беа транспортирани во германските концентрациони логори како што се Аушвиц, Бухенвалд или Маутхаузен. Но, поголемиот број се убиени во концентрационите логори во Белград, меѓу нив и родителите на српскиот писател Иван Ивањи. „Во логорот на Старото сајмиште, каде што се убиени околу 6.300 Евреи, и мојата мајка го загуби животот, а во логорот Топовска шупа, каде се убиени околу 3.300 луѓе, умре мојот татко“. Тој како момче бил депортиран во Аушвиц, па во Бухенвалд.

Откако се убиени српските Евреи, во вкупно три белградски логори се сместени други затвореници: Роми, комунисти, партизани. Само во логорот на Сајмиште за време на војната се држени и мачени 40.000 луѓе, а над 10.000 го загубиле животот.

Deutschland Ivan Ivanji in KZ Buchenwald
Иван ИвањиФотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

На жртвите не се мисли

И покрај тоа, повеќе од 70 години по војната, исто како и во времето на титова Југославија, нема ништо што потсетува на Холокаустот во Србија и на злосторствата во концентрационите логори. Старото Сајмиште, додуша, во 1987 година беше прогласено за „културно наследство“ и таму е поставен споменик на жртвите, но и едното и другото одамна паднаа во заборав, а таа локација е целосно запуштена и пропадната.

„Она што се слави во Србија, е борбата против фашизмот“, вели Ивањи. И доава оти така треба и е добро: „Но, на жртвите не се мисли. Тие не се интересни.“ Минатата година Ивањи двапати престојуваше во Германија, двапати во Вајмар, како и во Хамбург, и таму со учениците зборуваше за Холокаустот. „Ние знаеме каде бевме и што се случуваше. Правнуците тоа можат да го стават зад себе, и да речат дека тоа сеќавање не им е потребно“, вели Ивањи.

Повеќе на темата:

-Од перонот 17 директно во смрт

-Јасеновац - политичка арена на полињата на смртта

-Ѕвездата која значеше смрт

Белградските концентрациони логори беа под управа на германските есесовци, но за потрагата по Евреите, Ромите и другите и за нивниот транспорт во логорите се грижеше квислишката влада на тогашниот премиер Милан Недиќ. Таа сѐ до крајот на војната тесно соработуваше со германските окупатори.

И покрај тоа, во Србија со години се води судска постапка со цел Недиќ и постапките на неговата влада да се оправдаат и рехабилитираат. Многумина во него гледаат вистински патриот, а на неговата соработка со нацистите гледаат како на „рафинирана политика“ во тешки времиња. „Тоа е нечуено!“, вели огорчено Ивањи. „Недиќ беше фашист и антисемит по убедување и тоа дури и пред војната“, и тоа е докуметирана историска вистина. И покрај тоа, сега имаме обиди Недиќ, исто како и останатие соработници со окупаторот, четничкиот водач Дража Михајловиќ, да се претстават како позитивни историски личности и така да се ревидира историјата.

Serbien Ex-Konzentrationslager Sajmiste in Belgrad
Поранешниот концентрационен логор Сајмиште во БелградФотографија: Imago/ecomedia/R. Fishman

Ревидирање на историјата

Тоа се вклопува во популистичкиот и во националистичкиот дискурс кои со години доминираат на подрачјето на поранешна Југославија. Бидејќи, не само во Србија, туку и во Хрватска од 90-тите години постои силен ревизионизам. Како што зајакнуваше настојувањето да се стене државна независност, така се зајкануваа и обидите да се испере темната страна од сопствената национална историја. „Одеднаш почна да се релативизира кој во Вората светска војна бил на вистинската, а кој на погрешната страна“, вели Иво Голдштајн, историчар од Загреб. Најголем дел од неговото семејство е убиено или во концетрациониот логор Јасеновац или во Аушвиц.

Denkmal für die Opfer des Konzentrationslagers Jasenovac
Споменикот на жртвите во ЈасеновацФотографија: picture-alliance/ I. Kralj/PIXSELL

Јасеновац беше најголемиот концентрационен логор во Европа кој не го држеа Германци. Хрватските усташи со германска поддршка во април 1941 година ја основаа т.н. Независна Држава Хрватска (НДХ). Режимот веднаш ги презеде Нирнбершките закони и почна со систематски прогони и убивање на Срби, Евреи, Роми и припадници на хрватската опозиција. Јасеновац стана централен собирен логор кој служеше и за уништување на луѓе, познат како „балкански Аушвиц“. Во моментов се знаат имињата на над 83.000 убиени. Веќе првиот претседател на денешна Хрватска, Фрањо Туѓман, следејќи ја својата агенда на „национално помирување“, почна да ги релативизира усташките злосторства и да ги претставува како дел од хрватското национално движење. Тој самиот, меѓутоа, некогаш беше генерал на Титовата партизанска армија, и секогаш тврдеше оти новата хрватска држава има антифашистички темели.

Националистите добро соработуваат

„Тоа се промени пред неколку години“, вели Голдштајн. Според него, новиот бран на ревизионизам е уште порадикален, а историските улоги се превртуваат. „Денес во делови на хрватската јавност усташите се прикажуваат како добри, бидејќи се Хрвати и католици. А партизаните се критикуваат како Југословени и комунисти, со што автоматски се прогласуваат за лоши.“

Со ревизијата на историјата се оди дури толку далеку што владата во Загреб финансиски го поддржува здружението кое концентрациониот логор во Јасеновац го претставува пред сз како работен логор во кој затворениците умирале само во исклучителни ситуации.

Притоа впечатливо е дека тенденциите за преиначување на националната историја на начин на кој сопствената нација се претставува исклучиво во позитивно светло во Србија и во Хрватска се многу слични: „Тие процеси се одвиваат паралелно. Српските и хрватските екстремисти и националисти соработуваат многу добро“, заклучува Иво Голдштајн.