1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот на ЕУ насочен кон договорот од 2 јуни

Катерина Блажевска24 јуни 2015

Партиите во Македонија се задоволни од заклучоците на Советот на ЕУ, но камен на сопнување во насоките што произлегуваат од нив може да биде организацијата на транзициската влада, односно мандатната рамка на Груевски.

https://p.dw.com/p/1FmVX
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

Иако напишани со вообичаен дипломатски јазик, вчерашните (23.06) заклучоци што ги усвои Советот на Европската Унија се јасни и децидни. Советот е загрижен за ситуацијата во Македонија и бара од најголемите партии да го почитуваат договорот од 2 јуни, да ги имплементираат препораките на Европската Комисија, да започнат итни реформи за да останат посветени на процесот на пристапување кон ЕУ и да се справат со сериозните недостатоци на владеењето на правото.

„Ги поздравувам заклучоците на ЕУ, продолжуваме посветено во реформскиот процес и договорот од 2 јуни“, објави вчера премиерот Груевски на неговиот Фејсбук-профил, откако Советот на ЕУ ги усвои заклучоците за Македонија.

„Продолжуваме за подигање на стандардите во сите области, пред се‘ заради подобар квалитет на животот на граѓаните на Република Македонија и прогресот кон ЕУ. Македонија ќе излезе посилна од оваа криза, а нашиот народ е мудар и знае да цени и вреднува кој работи за него и со кого има подобра иднина. После прогресот кон ЕУ, Владата ќе излезе со конкретен план на мерки и активности во насока на реформскиот процес“, напиша премиерот Никола Груевски.

Во опозицискиот СДСМ се задоволни што во заклучоците на Советот се нотирани сите неопходи клучни активности, кои досега беа во застој заради лоши политики и невладеење на правната држава.

„За постигнување на наведените цели важно е да се обезбедат квалитетни механизми за системска реорганизација што ќе спречат натамошни злоупотреби и организација на Влада во којашто нема да бидат вклучени креаторите на кризата“, велат од СДСМ.

Mazedonischer Premierminister Nikola Gruevski
Груевски ги поздрави заклучоцитеФотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Во ДУИ потенцираат дека голем дел заклучоците се слични со нивните заклучоци од последната седница на претседателството на партијата, како што се почитување на договорот од 2 јуни, спроведување итни реформи, фокусирање на граѓанските интереси, целосно спроведување на Охридскиот договор, унапредување на добрососедски односи...

Од ДПА ги поздравуваат заклучоците и потенцираат дека „во овој момент е најважно инистирањето за почитување на договорот од 2 јуни, бидејќи од него треба да произлезат сите темелни активности и акциски планови кои ќе водат кон излез од кризата“.

Шест заклучоци за многу реформи

Заклучоците на Советот се сумирани во шест точки, кои јасно ги отсликуваат насоките во кои треба да се движи Македонија во наредниот период. Во нив позитивно е оценет трудот на лидерите на политичките партии за да се најде решение за кризата.

„Советот го нотира и значајниот прв чекор во решавањето на кризата, а тоа е договорот од 2 јуни 2015 година. Овој договор ги утврдува обврските на лидерите на најголемите политички партии да се справат со сериозните недостатоци на владеењето на правото и да останат посветени на процесот на пристапување кон ЕУ и на демократските принпципи на државата, вклучувајќи ги и одржувањето добри меѓуетнички односи преку целосна имплементација на Охридскиот договор, како и зајакнување на добрососедските односи. Советот смета дека договорот од 2 јуни е добра рамка за тоа каде понатаму треба да се движат преговорите. Советот ги повика политичките партии, во интерес на граѓаните и на државата, да преземат одговорност и итни мерки за одржливо решение и конструктивно да се вклучат во политичкиот дијалог, како и да ги продолжат напорите за да се врати довербата во институциите“, се вели во заклучоците.

Советот ги повика партиите и да ги имплементираат сите препораки на Комисијата, почнувајќи од приоритетните реформи, во однос на системските проблеми со владеење на правото кои се потврдени или произлегуваат од актуелната криза, вклучително и во однос на прекршувањето на основните човекови права, независноста на судството, слободата на медиумите, изборите, корупцијата, политизација на државните институции и неразграничувањето на партијата од државата. За итна се смета и реформата во изборниот систем во согласност со препораките од ОБСЕ/ОДИХР, за да може да се спроведат слободни, фер и демократски избори. Советот очекува на седницата на Советот за стабилизација и асоцијација во јули да биде даден детален извештај за конкретните акции кои се преземени и предвидени во следните месеци.

Лајчак: Во Македонија полошо од пред 10 години

Министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, во изјава за медиумите ја опиша атмосферта на министерската дебата за Македонија во Луксембург.

„Дискусијата ги покажа ставовите на членките на ЕУ. Некои целосно ја обвинуваа Владата, некои велеа да им оставиме на Македонците сами да го решат проблемот. Словачка застапува поактивен пристап на ЕУ за да навлезе во процесот. Мора да се осигураме дека имаме објективна, непристрасна и независна истрага за случувањата во Куманово и за тајните снимки и да се осигураме дека изборите се транспарентни и слободни. Исто така, по 23 години стагнација во спорот за името, има потреба од нов пристап бидејќи ова прашање ја блокира Македонија на нејзиниот трансатлантски и европски интеграциски пат. ЕУ не може да претендира да биде невин набљудувач, Македонија е единствената земја во регионот во која е полошо од пред 10 години и не можеме да се ослбодиме од нашата одговорност како ЕУ. Меѓутоа, наместо да покажуваме со прст и да обвинуваме, навистина треба да ги решиме проблемите. Го повикавме комесарот Хан да продолжи со својот ангажман со политичките партии“, изјави Лајчак.

Mazedonien Johannes Hahn in Skopje
Хан ќе биде поканет на средбата закажана за 29 јуниФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

И македонската лидерска четворка ќе го покани комесарот Хан заедно со пратеничката тројка Кукан, Хауит и Вајгл да присуствуваат на средбата закажана на 29 јуни, на која се очекува да биде постигнат финалниот договор за излез од кризата, со строго утврдени рокови за фазно решавање на проблемите. Дотогаш треба да бидат надминати точките на несогласување, а копјата се‘ уште се кршат по прашањето - колку месеци пред изборите во април 2016 година, Груевски треба целосно да се повлече од Владата? Премиерот се надева на редовно намалување на неговите надлежности - 3 месеци пред изборите, а СДСМ бара негово повлекување најмалку 6 месеци претходно.

Во партиите очекуваат ова, но и прашањето за организацијата и составот на Владата во транзицискиот период, да бидат усогласени пред средбата на 29 јуни. На фактот дека тие жешки прашања се‘ уште се далеку од договор, укажува и информацијата што ја објави ТВ Алсат-М, повикувајќи се на дипломатски извори. Имено, опозицискиот СДСМ ја бојкотирал завчерашната координативна средба со посредништво на белгискиот експерт Петер Ванхоуте, на која присуствувале претставници на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на ДПА. Од СДСМ не ја коментираат информацијата, па се претпоставува дека мотивите за таквиот чин се темелат на тоа дека партијата не сака да даде легитимитет на договорот од 2 јуни, без претходно да се постигне договор за организацијата на владата што ќе ги подготви следните избори.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема