„Книговодителот од Аушвиц“ умре на слобода
13 март 2018Поранешниот припадник на злогласните нацистички СС-единици Оскар Гренинг, познат уште како „ книговодителот од Аушвиц", е мртов. Ова го потврди адвокатот на Гренинг за весникот „Хановерше алгемејне цајтунг". Како што објави пак „Шпигел онлајн", Гренинг починал во петокот, на возраст од 96 години. Тој претходно се онесвестил и бил хоспитализиран.
Гренинг во јули 2015 година од страна на Окружниот суд во Линебург беше осуден на четири години затвор - за помагање и поттикнување на убиства во 300.000 случаи во концентрациониот логор Аушвиц. Тој поднесе молба за помилување до министерката за правда на гермаската покраина Долна Саксонија, Барбара Хавлиза. Таа требаше да донесе одлука за молбата на Гренинг до крајот на оваа недела.
Повеќе на темата:
-Одбиена молбата за помилување на поранешен нацист
Школуваниот банкарски службеник беше член на вооружените СС -единици и од 1942 до 1944 година беше дел од административниот персонал на логорот за смртта во Аушвиц. Таму работел во таканаречената служба за управување со парите на затворениците. Гренинг ја сортирал готовината пронајдена кај жртвите и ја испраќал во Берлин. Покрај тоа, тој во некои случаи вршел надзор на багажот на депортираните. Во судскиот процес, Гренинг сеопфатно ја призна вината и повеќепати изрази каење. Тој велеше дека „ директно" немал ништо со убиствата, но оти со неговата активност „придонесол за функционирање на логорот Аушвиц".
Навистина, не можеше да се докаже дека тој бил вмешан во конкретно убиство. Сепак, тој преку надзорот на багажот и управување со средствата на затворениците ги поттикнувал убиствата, се вели во пресудата, која е правосилна од септември 2016 година. Во средината на јануари, канцеларијата на јавниот обвинител на Линебург го отфрли барањето за помилување на Гренинг. Со него тој сакаше да спречи извршување на казната. Претходно, и Сојузниот уставен суд на Германија отфрли можност за одложување на затворската казна.