Колку (малку) знаеме за мајмунските сипаници
25 јули 2022Вирусот на мајмунски сипаници се шири низ САД, Европа и Велика Британија и изненадувачки брзо мутира, покажува студијата на португалски научници објавена во журналот „Nature Medicine“. Студијата нуди најтемелен приказ на генетскиот состав на вирусот досега.
Научниците го секвенцирале геномот на вирусот бидејќи геномот е тој што покажува каков е и како „се однесува“. Геном е генерички материјал на еден организам, а кај вирусите покажува и за каков вирус станува збор, што прави и колкава е веројатноста дека ќе се шири.
Вирусот на мајмунски сипаници мутирал 50 пати од 2018. досега
За студијата, научниците земале примероци од 15 пациенти заразени со мајмунски сипаници и ги споредиле геномите на вирусот со кој се заразиле. Научниците откриле дека кај секој од нив има трага од сојот на мајмунски сипаници кој се ширел за време на епидемијата во 2018. -2019. година во Велика Британија, Израел и Сингапур а кој потекнувал од Нигерија.
Но, уште повеќе од тоа – тестовите покажале дека вирусот мутирал 50 пати од епидемијата во 2018. година, што е за 12 пати повеќе од она што го очекувале.
„Овие податоци го доведуваат во прашање сето она што е досега познато за степенот на мутација на вирусот на мајмунски сипаници“, вели авторот на студијата, Жоао Пауло Гомеш, научник во Португалскиот национален институт за јавно здравје.
Западноафриканските мајмунски сипаници со пониска стапка на смртност
Има неколку работи кои се досега познати за мајмунските сипаници, а секвенцирањето на овој геном им помогна на научниците подобро да ја разберат актуелната епидемија.
Прво, актуелниот сој на вирусот мутира невообичаено брзо. Второ, епидемијата најверојатно започнала од еден заразен кој заразил многумина на настан со многу луѓе што довело до брзо ширење на вирусот.
Овој сој е дел од Западноафриканскиот вид на мајмунски сипаници, кој е најчесто регистриран во западен Камерун и Сиера Леоне и има ниска стапка на смртност, помала од 1%.
Клад се дефинира како група на организми кои може да се поврзат со заеднички претци или заедничка генетска лоза. Постои уште еден познат клад на мајмунски сипаници познат како „Централноафрикански“ кој е повеќе присутен во Конго и има стапка на смртност до 10%.
Периодот на инкубација на мајмунските сипаница го отежнува следењето
Многу малку се знае и за периодот на инкубација кај актуелниот сој на мајмунски сипаници. Според досегашните анализи, тој е меѓу 5 и 21 ден, поради што се отежнува следењето на вирусот и ширењето на заразата. Светската здравствена организација го идентификуваше „индексниот случај“ – првиот потврден случај – кај човек кој патувал од Нигерија во сад на почетокот од мај.
Но научниците од Португалија не се согласуваат со оваа констатација бидејќи според нив имало потврдени случаи на заразени во Португалија и Велика Британија уште на крајот од април.
Ако португалските научници се во право, тогаш знаеме многу помалку отколку што мислевме за сегашната пандемија, вклучително и како еволуирала и што ќе следи.
Каде започнаа да се шират мајмунските сипаници?
Научниците во студијата пишуваат дека веројатно вирусот бил импортиран од земја каде што мајмунски сипаници се ендемски, како на пример Нигерија, но велат не може да исклучат и други опции.
Велат дека исто така е можно на пример вирусот незабележано да се раширил меѓу луѓе и/или други животни во не-ендемски земји како Велика Британија или Сингапур по појавата во 2018. - 2019. И тие велат дека не е јасно дали мутираната верзија е пострашна од првобитната.
„Авторите предвидуваат неочекувано голем број на мутации во вирусот, но импликациите за сериозноста на болеста или за нејзиното пренесување, не се разјаснети," вели Хју Адлер, истражувач на Ливерпулската школа за тропска медицина, како одговор на студијата. Тој не бил инволвиран во истражувањата.
„Не сме откриле никаква промена во сериозноста на клиничката слика кај пациентите погодени во овој бран," вели Адлер, кој работел со пациенти со мајмунски сипаници во Велика Британија за време на претходните бранови.
Истражувањата за мајмунски сипаници „сѐ уште се во зачеток”
Мајмунските сипаници се ДНК-вирус кој од животни се пренесува на луѓе. ДНК вируси побавно мутираат отколку РНК- вирусите каков што е предизвикувачот на Ковид-19.
Но, генерално немаме многу познавања во врска со мајмунските сипаници. Научниците во Португалија на пример, цитираат една единствена студија за генетиката на вирусот.
Адлер вели дека студиите за генетиката на вирусот се „во зачеток”.
„Имаме секвенца на геномот, значи имаме претстава за тоа кои се гените, вели Адлер. „Но, што се однесува до тоа навистина да разбереме како функционираат и какви се импликациите за еволуцијата, ако гените се променат, за тоа има само мал број истражувања споредбено со големите вируси што ги знаеме сите", додава тој.
Според Адлер, истражувањето на тимот на Гомеш од Португалија довело со нови „фасцинантни” увиди во биологијата на мајмунските сипаници, но забележува оти се чини дека студијата е направена само заради актуелното ширење на вирусот во богати земји.
„Како и секогаш, да ги применеше глобалната заедница овие научни ресурси по појавата на мајмунските сипаници во Африка, досега ќе имавме поголемо знаење во врска со нив," посочува Адлер.
Мајмунските сипаници прв пат беа откриени кај мајмун во 1958. година, а првиот случај кај луѓе беше откриен кај мало дете во Демократска Rепублика Конго во 1970 година.