1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Нападите во Шри Ланка - дело на „Исламска држава“

ЖА /ДВ
23 април 2019

„Исламска држава“ презеде одговорност за терористичките напади извршени во Шри Ланка на Велигден. Владата располага со индиции дека атентатите се чин на одмазда за нападите врз муслимани во март во Нов Зеланд.

https://p.dw.com/p/3HH7r
Sri Lanka Negombo Zerstörte St. Sebastian Kirche nach Anschlag
Фотографија: Reuters/A. Perawongmetha

„Оние кои завчера ги извршија нападите, чија цел беа членки на коалицијата предводена од САД и христијани во Шри Ланка, се борци на ‘Исламска држава'“, се вели во соопштението на „Исламска држава“, емитувано преку нејзин пропаганден канал.

Првите резултати од истрагата укажуваат дека атентатите можат да бидат одмазда за нападите врз џамии во новозеландскиот град Крајстчрч од пред околу еден месец, изјави заменикот министер за одбрана на Шри Ланка, Руван Виџевардене во државниот парламент.

Според него, бројот на жртвите во координираните бомбашки напади се искачил на 311, од кои 37 се странци. Полициски извори велат дека во болниците на лекување се наоѓаат уште 500 ранети луѓе, а 42 лица се во притвор, меѓу кои и еден сириски државјанин.

Владата, врз основа на досега расположивите докази, претпоставува дека терористичките напади ги извршила екстремистичка исламистичка група поврзана со организацијата „Нешнл Тохит Џамат“. Мотивот на атентатите е омразата, а не религијата. Седум напаѓачи- самоубијци во неделата се разнесоа во воздух во три христијански католички цркви и три луксузни хотели. Најголем број жртви имаше во црквите, во кои беа во тек велигденски миси.

Претседателот прогласи вонредна состојба

Претседателот на Шри Ланка Маитрипала Сирисена прогласи вонредна состојба во земјата, која влезе во сила ноќта кон вторникот. Вонредната состојба е во интерес на јавната сигурност, одржувањето на јавниот ред и заради непречено обезбедување на граѓаните со продукти и услуги, се вели во издаденото соопштение на шефот на државата. Од неговиот кабинет стигна информација дека војската сега располага со најшироки овластувања.

Повеќе:

Терор и конфликти во Шри Ланка

Терористичките напади го разоткрија привидниот мир во Шри Ланка

Крвава велигденска недела: Напади врз цркви и хотели во Шри Ланка

Законот во вакви случаи предвидува меѓу другото и претреси на објекти без судска дозвола и приведувања без претходен налог за апсење. Заради оневозможување на ширењето гласини, блокиран е пристапот кон социјалните мрежи. Вакви мерки беа речиси непрекинато во сила за време на граѓанската војна во Шри Ланка од 1983 до 2009 година, а по неа и до 2011 година.

Денешниот ден во Шри Ланка е прогласен за национален ден на жалост, а се извршени и бројни погреби на настраданите во терористичките напади.