1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од полицискиот час ќе има повеќе штета одошто корист

ДТЗ /ДВ
19 ноември 2020

Премиерот Заев вели дека во моментов не се размислува за рестрикции во движењето. На иста линија е и министерот за здравство, додека вицепремиерот Битиќи е загрижен за екомските последици од евентуален „локдаун“

https://p.dw.com/p/3lZTf
Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Владата не калкулира со полициски час или нов „локдаун“. Ако здравствените експерти увидат дека има потреба, тогаш ќе се воведат рестрикции. Ова е пораката којашто ја упати премиерот Зоран Заев по денешниот состанок на Советот за безбедност, кој препорача воведување на кризна состојба во наредните 30 дена поради заканата од Ковид-19. Заев и претседателот Стево Пендаровски посочија дека прогласувањето кризна состојба нема врска со евентуално воведување рестрикции во движењето или полициски час. 
Денеска во земјата се регистрирани 1.198 новозаразени со коронавирус, а 26 лица починале како последица од Ковид-19.  

„Не постои поважна работа од здравствениот аспект на кризата“, изјави Заев. Тој вели дека економската состојба е стабилна, системот функционира и нема никакви стравови дека ќе предизвика економски последици.
„Владата нема никакви калкулации ниту планови или претпоставки што би направило тоа на економијата, ако има такви одлуки. Тоа не е ниту блиску толку важно колку здравјето на луѓето, а и за време на полицискиот час знаете дека работат фабриките и дејството би било можеби минорно. Дефинитивно останува отворена можноста и во иднина за ваков вид мерки, ако тоа го согледаат здравствените институции“, рече Заев. 
Ваквиот став премиерот го изнесе и во вчерашното интервју за ДВ, во кое потенцираше дека евентуалното воведување на дополнителен полициски час поради пандемијата на коронавирусот, нема да го реши проблемот, туку само ќе го оддолжи.
„Ако не можеме да се справиме, затоа што се истоштени и лекарите и персоналот, и нема доволен капацитет, тогаш ќе се стегнеме. Се додека постои можност не треба да се воведуваат рестрикции и треба да се остави простор бранот сам по себе да падне како што се случува и во другите земји“, рече Заев. 

Филипче: Почитувајте ги мерките

И министерот за здравство, Венко Филипче смета дека засега нема потреба од полициски час, но апелираше да се почитуваат основните мерки за носење заштитна опрема и избегнување на групирања.

„Ние целиот изминат период имаме некаква форма на рестриктивни мерки. На почетокот имаше едни сознанија за вирусот, сега има други. Рестрикција во движењето, во смисла на полициски час, сметаме дека нема да има никаков ефект. Треба да се превенираат групирања и да се носат маски и на отворено и на затворено. Така што, добро се димензионирани мерките, еве за две недели се намали факторот на преносливост и очекувам дека ќе има и дополнителен ефект и во периодот во што следува“, рече Филипче.

Економијата ќе се опоравува со 50 милиони евра

Владата останува на ставот дека не е време за полициски час, иако бројот на заболени и починати од Ковид-19 секојднево расте, а болниците се преполни со заразени.
„Што се однесува до последиците, тие се поврзани - колку повеќе го кратите времето на економските субјекти, толку повеќе загубите се поголеми. Но, секако ја следиме здравствената состојба и по препораки на комисијата за заразни болести, ако е потребно ние ќе реагираме“, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој вели дека во буџетот за 2021 се предвидени 3 милијарди денари или 50 милиони евра за евентуални мерки за справување со ковид- кризата.