Природата на стаорците во новиот светски поредок
26 април 2018Како да истребите стаорци од остров со кокосови дрва? Така што ќе закопате железно буре во земја и ќе ставите парче кокос да виси како мамец над бурето. Набргу стаорците – еден по еден - ќе дојдат да пробаат од кокосот и, цап!, ќе паднат во стапицата во бурето. За месец-два, сите стаорци ќе паднат во бурето, заробени. И што тогаш? Ќе го фрлите бурето во море, сосе стаорците во него? Ќе ги изгорите во оган? Не. Ќе си ги оставите заробени во закопано буре. Ќе чекате да изгладнат. И тогаш, еден по еден, ќе почнат да се јадат меѓу себе. Сѐ додека не останат само два стаорци. И наместо да ги убиете, двата преживеани стаорци ги пуштате во природа, среде дрвјата со кокос. Но тие веќе немаат апетит и желба да грицкаат кокосови плодови. Не, тие сега имаат апетит и нагон да се хранат убивајќи и јадејќи стаорци. Бидејќи, вие ја имате изменето нивната природа.
Така некако гласи филмската приказна за стаорците и кокосот, слушната од некој холивудски филм. Но така некако наликува и нашата приказна за неслужбените истории од последните децении и последиците на социјалниот инжењеринг на кој бевме изложени како стаорци во експериментална лабораторија сместена врз балканското буре барут. Историја која доколку не биде расветлена со сите нејзини црни петна, секако дека ќе ни се повтори. Повторно. Одново.
Други колумни од авторот:
-Природата на стаорците во новиот светски поредок
-Анти-Стабилократска Еволуција
Високите гости кои не почестија со нивното присуство неделава се пригоден повод за навраќање кон зачетокот на оваа историска пародија низ која минуваме. Нивната посета не потсети за еден поодамнешен експеримент кој даде краткотраен бенефит и ужасно долгорочна чума. Експеримент кој во поствоените месеци и години беше базиран врз премисата дека оние кои војувале се истите кои ќе знаат да направат мир. Дека комерцијализацијата е најдобриот начин за сузбивање на национализмот. Дека демохристијанството (и подоцна, демо-исламот) се соодветен субститут на етноцентризмот. И дека, во сите наведени фактори посебно и за сите неволји генерално, парите се мамката преку која ќе се контролира мирот, обезбеди стабилноста, дефинира прогресот. И така, започна големиот експеримент на купување на добра волја, на политичка волја, на еутаназија на секаква волја за било што и сѐ што може да се купи со пари. Купувањето мир – етнички, идеолошки, социјален – се преврте во распродажба на етиката. И повеќе од тоа, ги стави темелите на корупцијата како единствен начин за функционирање на државата и општеството. Први кои паднаа во експерименталното буре-стапица на корупцијата беа државниците. По нив следеа политичарите. Потоа, редот им дојде на партиите. Следуваа медиумите, новинарите. Не помина долго на ред дојдоа академиците и последните остатоци на либерализмот. Последни, по трпеливо чекање и долго глумење, беа невладините и антикорупционерите. Часот на освестување за последиците на операцијата на чистење на земјата и регионот од национализмот и либерализмот дојде кога на сите ни стана јасно дека пари веќе нема. Паниката која уследи беше увод во согледување на самите себе и прифаќање на ужасно морбидната слика за нас – дека нашата природа е веќе изменета. Нашиот порив за битка за подобро е деградирана на стаоречка борба на преживување преку глодање на ближниот свој. Слатко-гнилиот повик за лесна корупција не изврте во ефтина храна за корупцијата. Од нашата човечност ќе преживеат само најграмзивите стаорни-човеколици без усул и грижа, кои ќе бидат пуштени за да ги изедат, изглодаат преостанатите волци-самотници и со тоа ја сочуваат мртвата природа која преостана како мементо за добрите намери на експериментаторите од почетокот на овој век. Век во кој допрва треба да се втемели свеста дека национал-социјализмот е реликт за полуписмоно глупавите, комунизмот за наивните, анархијата за сајбер-фриковите, додека пак корупцијата е фашизмот и комунизмот на современието, на 21 век. Не е случајност. Корупцијата денес (и утре) е единствената глобално разорна енергија како логична последица на свет во кој веќе нема идеологии и идеализми, туку само натпревар во богатење без казнивост.
Не е случајност, колку и да не убедуваат во различното, што подемот на вербализмот против корупцијата е проследен со експлозија и експанзија на корупцијата. Единствено вревата може да не збуни за да не го согледаме она што ни се одвива пред очи. А тоа е дека нашата домашна корупција ги пробива границите, се интегрира онака како што сите министри за евроинтеграции може само да сонуваат. Елегантно и ефикасно, без помпа и труби во тунели, домашната коруптократија е нашата прва делегација во Европа и во Америка. Некој ќе рече – да, ете го нашиот Орце, конзул на соседската европска престолнина на „демократски вредности” како претходница за она што не чека кога ќе ни се оствари желбата да станеме членка на ЕУ. Во која веќе ни ја спремаат постелата, истата на која лежиме денес, но со триесет звездички над глава и социјална помош под перница. А сепак би рекол дека таквата аналогија е неумесна, бидејќи софиското конзулство на Камчев е инцидентален персонален кикс. За разлика од сериското индустриско чистење на биогриафиите на балканските криминалци од страна на владите и невладините организации од САД, Германија, Франција, Британија, Турција низ де јуре антикорупциски програми за де факто "апроксимејшн оф криминализејшн”.
Но што да се прави друго, по сите продадени, коруптивно компромитирани шарени и портокалови револуции освен да се има трпение. Трпение во чекање домашно научената лекција да добие меѓународно верзија на отрезнување за последиците од Конрад Аденауерските и ИРИ сесии за уривање на либералниот поредок и практично прагматичен милтонфридмански однос кон корупцијата. Според некои политички мислители, како Јаша Монк и Роберто Стефан Моа, на отрезнувањето нема да чекаме предолго. Барем според нивниот напис во мајскиот Foreign Affairs, според кој, цитирам, „во следните пет години, уделот во глобалниот доход на земјите кои се сметаат како ‘неслободни ‘– како што се Кина, Русија и Сауди Арабија – ќе го надмине придонесот на западните либерални демократии. Во рок од четврт век, либералните демократии спаднаа од позицијата на економска моќ без преседан на позиција на економска слабост без преседан.” Она што двата автора пропуштаат да го согледаат е дека ерозијата на економската моќ на Западот е проследена и со само-генерирана ерозија на вредностите (демократија, либерализам, слободи) како дистинткив од мракобесието на илибералните, иако економски богати деспотии. Дилемата која следи е самонаметната – кога нема пари и нема музика, кој ќе остане во „Биртија Европа”?
Има ли причина, затоа повторно да се еуфоризираме од посетите на пионерите на пост-Охридската бајка кои се враќаат на местото на нивната лекомисленост? Според нив и нивните платени нарикачи – секако дека има. Но според бројчаниците од порталите на кои изјавата на Шчербак има двојно повеќе читања од сите интервјуа и изјави на Фрид, Робертсон, Ле Роа и Заев/Ахмети заедно, покажуваат поинаков пазар од оној на естаблишментот. Поради популарност на Шчербак? Согласност со него? Или пак поради заситеност и преџваканост до блуткавост на фабрикуваните оптимизми и излитени фразеологии на другите? Ве уверувам дека е до второто. Но доколку љубете да си мислите дека е првото, очигледно сеуште немате разбрано дека земјата на Шчербак е капиталистичка империја.
Некаде во годините по 2001 година, некои од денешните повратници – во недостаток на сопствена идеја или асално познавање на теренот – се поведоа по мудролиите на домашните полицијски пропагатори и ја прифатија формулата за борба против национализмот преку толерирање на коруцијата како инцентив за кохезија. Нешто како балканска примордиална верзија на западната будалаштина на "trickle down” економија. Како поинакун освен иронија и траги-комедија да се наречат денешните ламентирања на Даниел Фридман за „вистинскиот патриотизам”, како очаен повик за враќање кон некаква идеологија која ќе ја надрасне доминацијата на сувиот, соголен практицизам на корупцијата која своевремено ја куражеа и толерираа кај ВМРО-ДПМНЕ како орудие за дисциплинирање на Албанците? Како поинаку освен како очај да се коментираат повиците на грчките коментатори дека „албанскиот национализам е брана од ердоганизмот”, а притоа низ пофалби (о темпора о морес) бесрамно го амнестираат Ахмети за придонесот на неговата ДУИ и партнерските ВМРО и СДСМ во отварањето на портите за истиот ердоганизам за грст пари? Каков идеализам – дури и нека е национализам – очекуваат Фрид и Робертсон, Солана и Билд во земја во која царува децениски западно генерираната и премолчено толерирана корупција и шовинизам како последица на самонанесената обезвредност на националното чувство да се биде Македонец, Албанец? Или пак си мислат дека сите сме корумпирани како аплаудерите од хотелските конференциски салони? Ако е последното ... ете им аплауз и од мене. Бесплатно! Но додека се насладуваат на аплаузи платени од нивни пари, поупатно е да се замислат дека овојпат на Балканот, тие се на погрешната страна на историјата и идеологијата на современиот век.
Можеби е непријатно, секако дека е контроверзно, но суштински е битно да на медиумски напумпаните надежи дека оние кои кратковидо прогласија "mission accomplished” пред десетици охридски години повторно им се даде карт бланш за постигнат успех уште пред да започне борбата. Не, немам сомнеж дека повторно ќе постигнат успех. Прашање е само каков друг долгорочен општествено деструктивен крим-корупциски монструм ќе се изроди од пазувите на тој елитно политички "успех”.