САД: Повторно препорака за носење маски
28 јули 2021Центар за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) смета дека во деловите од земјата каде што коронавирусот е особено раширен маски на јавни места треба да носат и вакцинираните лица. Тоа важи и за училиштата.
Раководителката на ЦДЦ, Рошел Валенски, изјави дека ефикасноста на вакцините е голема и во случајот на сојот Делта, меѓутоа новите податоци покажуваат дека „во ретки случаи вакцинираните би можеле да бидат заразни и да го пренесат вирусот на други“. Според Валенски, ваквите нови научни сознанија се загрижувачки.
Претходно, градовите Лос Анџелес и Сент Луис донесоа одлуки за повторно носење маски во затворени простории затоа што бројот на новозаразени и на пациенти кои завршиле во болница е многу зголемен. Во моментов во САД има по околу 57.000 нови корона-случаи дневно. Најголемиот дел од инфекциите се должат на Делта сојот. Повторно носење маски е наложено и во сојузната држава Невада.
Американскиот претседател Џо Бајден повика на почитување на новите насоки. „Повеќе вакцинирани и носење маски во подрачјата кои се најмногу погодени од Делта сојот ќе ни овозможат да избегнеме локдауни, затворања училишта и пречки со коишто бевме соочени во 2020 година“, рече тој. Според него, САД нема да се враќаат кон вакви рестрикции.
Повеќе:
Американската граница останува затворена за Европејците
Фотографија на денот: „Паѓаат маските“ за вакцинираните во САД
ЦДЦ во мај годинава соопшти дека не е неопходно вакцинираните лица да носат маски во затворени простории. Меѓутоа, ЦДЦ дава само препораки, а одлуката ја носи секоја сојузна држава посебно.
Речиси 50 проценти од сите Американци се целосно вакцинирани. Тоа е значително помалку од она што владата го замисли да биде реализирано до овој момент. Меѓутоа, за разлика од бројот на новоинфицирани, бројот на смртни случаи дневно е многу понизок во споредба со почетокот на годинава. Сега има по околу 300 починати дневно, а во јануари годинава тој број изнесуваше повеќе од 3000.