Терористичкиот напад во Берлин можел да биде спречен?
18 декември 2017На 19 декември 2016 година Анис Амри украде камион за да влета со него во толпата луѓе на божиќниот панаѓур на Брајтшајдплац. Тоа беше најтешкиот терористички напад во Германија, во кој загинаа 12 лица. Терористот успеа да побегне од местото на злосторството и по него траеше потрага со денови. На крајот случајно е откриен во редовна полициска контрола во Милано, каде беше застрелан од еден полицаец.
Тогашното службено толкување на случувањата беше дека Амри се наоѓа на листата на потенцијално опасни лица, но како што со време опаѓало вниманието на надлежните служби, на крајот Амри користел повеќе имиња и документи. Можеби на некои им беше чудно тоа што германската полиција многу брзо го откри идентитетот на сторителот бидејќи, како што е објавено, во камионот ја загубил својата дозвола за престој во Германија.
Повеќе на темата:
-Терористот Амри нападнал по налог на Исламска држава?
-Анис Амри: Како осомничен за тероризам им избега на германските власти?
-Што се научи од случајот Анис Амри?
Сето тоа беше измама
Деталите и документите на кои се повикува изданието на весникот „Велт ам Зонтаг“ од 17 декември годинава сведочат дека многу работи од тоа толкување биле само претстава за јавноста. Надлежните служби многу порано знаеле за Амри, тој никогаш не излегол од вниманието на надлежните служби и постојат многу извештаи од агенти и записници од разговори кои тој ги водел на телефон, и забелешки кои сигурно укажувале на тоа дека тој подготвува терористички напад. Според извештаите, за тоа знаел и самиот врв на германската Служба за заштита на уставниот поредок.
Повеќе од една година пред нападот, најдоцна од ноември 2015 година, Сојузното државно обвинителство ѝ одобрило на Сојузната (БКА) и на Покраинска канцеларија на Северна Рајна Вестфалија за борба против криминалот (ЛКА) еден доушник целно да го следи делувањето на Амри. Тоа на почетокот било дел од истрагата против веројатната ќелија на ИД околу проповедникот Абдула Абдула од Хилдесхајм, кој под својот псевдоним Абу Вала, како што и открија медиумите, имал контакти и со Амри.
Така веќе на 24 ноември 2015 година доушникот со име „Мурат“ ѝ јавил на ЛКА во Диселдорф дека овој Тунежанин сосема конкретно планира терористички напад. Ова сознание е проследено и до Сојузната полиција, до Сојузното државно обвинистелство и до Службата за заштита на уставниот поредок. Затоа веќе на 3 декември 2015 година започнало прислушувањето на мобилниот телефон кој го користел Амри - иако тој често менувал телефони, а набљудувано е и неговото користење на интернет. Цела година пред Берлин е така откриено оти Амри на интернет бара детални упати како се прозведува експлозив и како се изработуваат експлозивни направи и рачни бомби.
Снимени разговори со Либија
Во документите кои стигнаа до рацете на новинарите од неделното издание на весникот „Велт“ се гледа оти германските надлежни служби знаеле дека најдоцна во февруари Амри разговарал со две лица од редовите на т. н. Исламска држава во Либија и се понудил да биде напаѓач-самоубиец за атентат во Германија. Еден месец порано за Амри во Службата за уставен поредок е изработен извештај на 2 страници кој, според потписот на документот, го прочитал и шефот на оваа служба, Ханс-Георг Масен. Службата многу сериозно го сфатила овој извештај и посебно за Амри е задолжена една агентка од службата, „Ф“ од Берлин.
Германските служби „копале“ и по минатото на Амри, значи и пред тој да дојде во 2011 година на почетокот во Италија, каде некое време бил и во затвор. Утврдено е оти не само што има лични, туку и семејни врски дури и со некои командати на ИД во Либија.
Но, сега почнуваат прашањата: зошто Амри не е уапсен и пред Берлин? Очигледно е дека надлежните служби можеби не го следеле во чекор, но оти речиси во секој момент добро знаеле и кој е тој и каде се наоѓа. Дури и ако било под знак прашање обвинувањето за тероризам, тука секако веќе имало сигурно сознание дека тој тргувал и конзумирал наркотици. И ако ништо друго - оти илегално престојувал во Германија.
Ќе се дознае ли конечно вистината?
Новинарите на весникот „Велт“ тука потсетуваат на настанот што пак се случил точно еден месец по терористичкиот напад врз божикниот панаѓур во Берлин. Тогаш имено американските „невидливи“ бомбардери Б2 ја нападнаа базата за обука на борци на ИД во пустината во Либија, токму онаа каде се смета дека биле соговорниците на Амри, и од каде тој очигледно ги добивал наредбите.
Дали тоа значи дека Американците им рекле на Германците да го „остават на мир“ Амри за преку него да се открие целиот раководен синџир и лицата кои се над него? Политичарот на партијата на зелените, Ханс-Кристијан Штребеле кој тогаш сѐ уште беше член на парламентарната комисија за надзор на тајните служби, не можеше да говори во јавноста за детали, но сепак истакна дека „инаку необјаснивото пуштање на слобода на Амри“ единствено може да се толкува со „заштитничката рака на Американците“. Дотолку повеќе, Штребеле смета дека е „голем скандал“ тоа што германската влада не ја има објаснето заднината на нападот врз божиќниот панаѓур ни една година откако беше извршен.