Трамп и Путин ќе се сретнат во Хамбург
3 мај 2017Американскиот претседател Доналд Трамп и шефот на руската држава, Владимир Путин планираат своја прва билатерална средба на маргините на самитот на групата на 20 водечки индустриски и земји во засилен развој - Г20 во јули, во германскиот град Хамбург. Трамп и Путин во телефонски разговор, воден синоќа, договорија директна размена на мислења на Г20, како и заедничко работење на постигнување дипломатски напредок заради смирување на конфликтот со Северна Кореја, соопшти портпарол на кабинетот на Путин. Тој телефонскиот разговор го оцени како конструктивен. Покрај тоа, бил анализиран и конфликтот во Сирија, соопштено е од Вашингтон и од Москва. Трамп и Путин се изјасниле за ставање крај на насилството во Сирија и за заеднички настап и координација во борбата против муслиманските екстремисти. Ова е прв разговор на двајцата претседатели по американскиот напад врз сириска воздушна база на почетокот на април, во која беа стационирани и руски војници. Нападот беше аргументиран како одмазда за наводната употреба на отровен гас против сириски цивили од страна на сирискиот властодржец Башар ал-Асад, сојузник на Русија.